Како да се заштитите вие и децата од дипфејк заканите - Одмазничка порнографија, сајбер измами, кражби на идентитет
Објавено во: Македонија 12 Декември, 2023
Неконтролираниот раст на вештачката интелигенција и особено на технологијата на „дипфејк“ може да ве направи жртва на бројни злоупотреби, од одмазничка порнографија, злупотреба на малолетници преку слики и содржини на социјалните мрежи и интернетот, па се до сајбер измами и проневери со лажирање или крадење на идентитетот.
Но, постојат ли добри механизми за заштита од дипфејк содржините кои се полесно се креираат за злонамерни цели. Затоа разговараме со адвокат Зорана Трајковска која ни открива до кој степен е стигната регулативата, но и корисни совети како да се заштитиме себеси и најблиските во сајбер просторот.
Злоупотреба на глас, лик, преку слики, видеа и аудио материјали со развојот на дипфејк технологиите и вештачката интелигенција. Колку станува оваа закана сериозна и како да се заштитат корисниците?
Прво, би сакала да потенцирам дека дипфејк технологијата самата по себе не претставува негативна појава, тука напротив, таа е само уште една придобивка на модерната технологија и вештачката интелигенција. Самиот збор „дипфејк“ претставува кованица од зборовите „длабоко учење“ и „фејк односно лажен“ што упатува и на вистинската намена на оваа технологија – синтетички медиум во кој вештачката интелигенција се користи за создавање на дигитална копија на лик или глас на одредена личност.
Дипфејк технологијата се користи на голем број начини, како на пример за создавање интерактивни содржини за цели на образование, во филмската индустрија, во малопродажба за подобрување на искуствата на потенцијалните купувачи и сл. Сепак, се повеќе доаѓаат до израз и нус појавите, па така веќе истата се користи за ширење лажни вести и пропаганди, за омаловажување на политички противници, за создавање на лажни фотографии и видеа со цел понижување или дискредитирање, за создавање на порнографски содржини кои неретко вклучуваат малолетни лица, за развивање измамнички шеми и сл., што ја прави сериозна закана од правен аспект.
Дипфејк технологијата покренува сериозни прашања во поглед на правото на приватност, заштитата на лични податоци, безбедноста, клеветата и навредата, интелектуалната сопственост особено авторското право, измама, сајбер криминалот, производството и дистрибуцијата на детска порнографија и сл.
Најдобар начин корисниците да се заштитат е информирано и внимателно да ги користат социјалните медиуми и интернетот. Знам дека истото постојано се нагласува кога станува збор за користење на социјалните медиуми и онлајн присуството, но мора да бидеме многу внимателни во однос на тоа кои лични податоци ги оставаме на интернет, какви содржини споделуваме кои го содржат нашиот лик и глас, кои апликации ги користиме и дали можеби им имаме дадено согласност да го следат нашето онлајн присуство и сл. Ова е особено битно затоа што иако постојат правни механизми за заштита на корисниците, станува збор за дела кои е многу тешко да се откријат и докажат, па оттука најдобро е да се дејствува пред се на полето на превенцијата и корисниците воопшто да не дозволат да се најдат во ситуација на оштетени.
Како до поголема заштита на децата и малолетните на социјалните мрежи од опасностите кои ги наметнуваат новите технологии како што се кражба и злоупотреба на податоци, ширење и креирање детска порнографија, измами и како да се спречат последиците?
Децата, подеднакво како и возрасните можат да бидат жртви на кражба на идентитет, злоупотреба на лични податоци и измами преку употребата на дипфејк технологијата, со тоа што тука ризикот е уште поголем со придонесот што го има дипфејк технологијата за развојот на детската порнографија. Имајќи предвид дека на децата и малолетниците најчесто им недостасува свесност и знаење за одговорно однесување на интернет, истите се особено чувствителни и поголема е веројатноста да станат жртви на овие злоупотреби.
Во оваа насока многу е битно да се нагласи дека скоро сите јурисдикции во светот, вклучувајќи ја и нашата имаат посебно законодавство кое се однесува на заштита на правата на децата, а социјалните медиуми се предмет на дополнителни и построги законски обврски кога станува збор за заштита на малолетниците.
Па така, социјалните медиуми нудат механизми за проверка на возраста, имаат посебни поставки за приватност за малолетници и надзор до родители, имаат механизми за известување за несоодветни содржини како и можност да се оневозможи пристап до одредени содржини и непочитувањето на овие стандарди повлекува одговорност на истите.
Обврска и одговорност на родителите е да ги користат алатките кои им се овозможени и да го следат и контролираат онлајн присуството на децата на интернет, затоа што правната рамка самата по себе не е доволна. Тука е исто така клучно да се работи и на подигање на свеста околу опасностите кои постојат на интернет за што е потребно здружување на силите на семејството и на воспитно-образовните иституции.
Дали е потребна регулација, какви се светските трендови и дали се доцни со преземање мерки за едукација?
Регулација мора да има, но проблемот со новите технологии е што истите се појавуваат и се развиваат со толкава брзина што правото скоро никогаш не може да одговори на нив со истото темпо. Па така, иако моментално има тенденции и се работи на регулирање на овие прашања на меѓународно ниво, скоро ниедна држава нема сеопфатна регулатива која би ја ставила „под контрола“ вештачката интелигенција и дипфејк технологиите.
Моментално Кина е најдалеку стигната во поглед на регулацијата на ова прашања со оглед на тоа што забрани создавање на дипфејк без согласност на корисникот и притоа задолжително бара потврда дека содржината е генерирана со помош на вештачка интелигенција. Од друга страна ЕУ е во постапка за донесување на Регулатива за вештачка интелигенција која во моментот кога ќе се донесе ќе ги постави темелите за регулирање на оваа област во рамки на националните законодавства, вклучувајќи ја и дипфејк технологијата.
Сепак, тоа што засега нема сеопфатен правен акт кој би ја регулирал вака генерираната содржина не треба да делува обесхрабрувачки, ниту пак да се сфати како правни механизми воопшто да не постојат. Голем дел од овие „нус појави“ на дипфејк технологијата веќе се опфатени со традиционалните законски одредби и истите се казниви согласно закон. Воедно, последните години има зајакната тенденција околу заштита на правото на приватност и заштитата на личните податоци поврзани со интернетот и новите технологии, а се зголемува и одговорноста на социјалните медиуми за содржината која се наоѓа на нив, за дезинформациите и заштитата на правата на корисниците.
Секако, правото и образованието треба да одат во тандем за да зборуваме за соодветна заштита, па затоа сметам дека никогаш не е касно за да се почне со едукација. Тоа што денеска го потенцираме во однос на дипфејк технологијата, вчера го потенциравме во однос на вештачката интелигенција генерално, претходно во однос на социјалните медиуми, што значи дека ништо во суштина и не е ново. Само треба да се биде внимателен и да се работи на подигнување на свеста на корисниците за новите форми на опасност и злоупотреби, како истите би можеле навремено да ги препознаат.
Што се фајн принт замки, што значи документот за услови за користење и како да не се занемари тоа за што даваме согласност?
Под фајн принт се подразбира оној дел од правен документ, пример договор, кој е испечатен со помали букви од главниот текст со цел да се упати порака до читателот дека истиот е од помала важност и кој најчесто содржи одредени ограничувања или услови кои може да не се во корист на корисникот/читателот. Оттука корисниците треба да бидат многу внимателни и детално да ги читаат ваквите документи, особено кога станува збор за услови за користење на интернет.
Најчесто овој текст може да доделува многу широки овластувања на платформата за користење и дистрибуција на содржина генерирана од корисниците, правото да се пренесуваат податоци на трети лица или арбитражни клаузули кои во иднина би можеле да ја ограничат способноста на корисниците за преземање на дејствија во случај на спор. Ова е особено битно кога станува збор за интернетот како „простор без граници“ кој не е под дефинирана јурисдикција на ниедна држава. Имајќи предвид дека најчесто сите овие платформи се со седиште во други држави, тоа во пракса може да биде многу ограничувачки за македонските корисници во процесот за остварување на правдата.
Документот услови за користење ги содржи правилата и упатствата за користење на одредена услуга или платформа и претставува своевиден договор помеѓу корисникот и давателот на услугата/платформата затоа што корисникот мора изречно да се согласи со содржината на овие услови пред да започне со користење на платформата.
Разбирањето на овие услови е од клучно значење бидејќи тие ја воспоставуваат правната врска помеѓу корисникот и платформата и мора да се нагласи дека корисниците се правно обврзани со овие услови откако ќе се согласат да ја користат услугата. Затоа особено е битно кога ќе ја дадат нивната согласност, да станува збор за информирана согласност. Информираната согласност имплицира дека корисниците се целосно свесни за сите импликации од договорот и можат да донесат информирана одлука за користење на одредена услуга.
Х.С.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.