19 Април, 2024
0.0256

Како Израел стана стартап нација - Која е нашата лекција?

Објавено во: Анализа 02 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Како функционира израелскиот стартап еко-систем кој е убедливо еден од најдобрите во светот можеби на исто рамниште со Силиконската долина? Фактор имаше можност да почувствува дек од приказната, директно оттаму. Во Израел, особено во економското чудо Тел Авив се живее за иновации, за наоѓање нов производ или ново технолошко решение кое без оглед колку е едноставно, нуди нови пазарни можности. На берзата NASDAQ има повеќе израелски компании отколку фирми од Јапонија, Кореја и останатите топ неамерикански економии комбинирано. Државниот буџет на израелскиот Фонд за иновации со сите програми за поддршка годишно изнесува половина милијарда за инвестирање во нови компании, а од приватниот сектор годишно се влеваат десетици милијарди долари за финансирање на нови стартапи.


Во Израел постојат над 7 илјади стартапи со десетици инкубатори и акцелератори. Во берзата во Тел Авив во која повеќе не се тргува физички туку сите трансакции се дигитални, отворен е центар за иновации. Истото важи и за најголемата библиотека во Тел Авив која можеби нема посетители за да читаат книги, но затоа просторот им го нуди на млади програмери, софтвер девелопери и иноватори за да работат на нивната бизнис идеја.

Израел е стартап нација во секоја смисла на зборот, почнувајќи од идејата за формирање држава во 1948 година во сложено опкружување на блискиот исток со неодамнешен Холокауст и 6 милиони убиени Евреи во текот на втората светска војна. Но и во модерна смисла како нација на иновации и нови компании.

Терминот Startup Nation иако потекнува од книгата на Дан Сенор и Сал Сингер и се користи во последните десетина години како „евангелие“ за претприемачи, за Израелците е симбол на решителноста да се опстои како држава. Таа бурна историја со чести конфликти и војни со соседите како и одбрана од напади е директно поврзана со потребата за иновации и технолошки напредок.


Најпрво израелските „стартапи" се насочени кон одбраната и безбедноста, односно произлегуваат од армијата која мора да биде технолошки најсовремена бидејќи бројчено и вооружено е помала.

Следна примена на израелските иновации е потребата да се облагороди суровата околина во кое живее населението. Дури 75 проценти од територијата на Израел е пустина. Немањето извори на храна и неупотреблива почва создаде голем број на стартап иновации и нови технологии како системот капка по капка.

И последната круцијална етапа во израелската стартап мисија доаѓа природно во медицината. Едниот дел е практичен поттикнат од самите битки и ситуации на борбените позиции за наоѓање на брзи и ефикасни решенија за третман на болни и ранети. Затоа и не е изненадување што голем број на претприемачи се поранешни војници или припадници на израелските специјални единици.


Другиот дел е научен и ги опфаќа едни од најнапредните институти за медицина во светот. Така од Израел потекнува иновацијата стент за срце и многу други. Денес израелските научници и иноватори работат на нова генерација антибиотици кои ќе бидат во вид на таргетиран вирус за уништување само на лошите бактерии а не и на корисните бактерии во организмот. Исто така се работи и на замена на хемотерапија, пронаоѓање на лек за тек, уреди за брза дијагностика во секунда, нанотехнологија со нови медицински препарати и помагала, врвна ортопедија и оптика, како и наоѓање на третмани за Паркинс и Мултиплекс склероза.

Денес во Израел постојат над 250 акцелераторски програми кои работат на менторирање на претприемачите, поддршка за развој на нивната идеја, наоѓање на најдобар бизнис модел, комерцијализација, пристап до инвестиции и пласирање на глобален пазар. За споредба во Македонија засега функционираат акцелераторски програми кои може да се избројат на прсти.


Најдобар пример зошто израелските стартапи како еден нов вид на водење бизнис е продажбата на компании како Viber и Waze кои беа преземени за десетици милијарди долари. Израелците се горди на своите пронајдоци и се силно мотивирани и посветени да бидат пред сите други па затоа со програми за поттикнување на иновациите од најмали нозе работат со учениците.

Сепак, предизвик за Израел ќе биде интегрирањето на целото општество, особено на муслиманскиот дел кој не учествува целосно во универзитетите и економскиот напреден систем. Истото важи и за ортодоксните Евреи во Ерусалим кои ги има стотици илјади. Кај нив мажите не работат ништо, посветени се само на читање на верските книги и денот го поминуваат во молење, додека пак жените ги работат домашните обврски и заработуваат минимални плати, а имаат во просек од 8 до 10 деца. Ортодоксните Евреи не служат во војската и не придонесуваат директно во одбраната на Израел, исто така не се дел од образовниот процес, а за своите деца имаат само верски училишта без присуство на наука.


Израел ја гледа Македонија како стратешки партнер, не во смисла како пазар за голема продажба и пласман на пронајдоците, уредите и гаџетите, туку како земја која има пристап до Европа и Русија во трговска смисла. Затоа нивната порака е да се користат веќе успешни системи и примери за развој на стартап програми, особено во земја како нашата која нема природни ресурси, ограничена соработка и инвестиции со соседите и земја која мора да се потпира на човечкиот капитал, инвентивноста и истрајноста.


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!