Добивај вести на Viber
Кипарскиот парламент во вторникот навечер по бурна расправа со 36 гласови против и 19 воздржани го одби планот за помош во износ од 10 милијарди евра којшто Меѓународниот монетарен фонд и еврозоната го условуваа со еднократно оданочување на банкарските влогови од 6,75 отсто за депозити до 100 илјади евра и со 9,9 проценти за заштеди над таа сума. Ако сепак се донесе сличен план, се отвораат многу прашања, на Балканот, во Русија, Европа, па и во Македонија.
Кипар - центар за перење пари
Пред речиси две години, германски „Шпигел“ објави извештај на Федералната разузнавачка служба на Германија (БНД) дека Кипар е центар за перење пари, каде се вложуваат милијарди евра од сомнителни извори. Германците посочуваат дека „релативно лесно“ може да се отвори сметка во Кипар и дека барањата за ревизија се несоодветни. Според извештајот на БНД, адвокатите и доверителите во Кипар се специјализирале за финансиски услуги, некои од кои се користат за прикривање нелегално заработени пари. Кипар е меѓу водечките земји според индексот за финансиска тајност, што претставува еден вид меѓународно рангирање даночните раеви и оази за перење пари.
Русија бесна на кипарските власти и земјите членки на еврозоната
Руските власти ги обвинија Кипар и земјите членки на еврозоната за нарушување на правата на сопственост. Остро реагираше, рускиот претседател Владимир Путин.
„Нефер, непрофесионално и опасно е планираното принудно оданочување на банкарските клиенти во Кипар“, изјави Путин.
„Ова е многу чудна и контроверзна одлука, донесена од страна на одделни земји членки на Европската унија, го имам предвид и Кипар. Да зборуваме отворено, тоа изгледа едноставно како конфискација на туѓите пари", изјавил рускиот премиер Димитриј Медведев. Русија очекува удар од развојот на настаните во Никозија – речиси 80 милијарди евра годишно се реинвестираат во Русија преку Кипар.
Според рејтинг агенција Moody's, руските банки коишто вршат трансакции со руски фирми регистрирани на Кипар и со кипарските банки се изложени на ризик од вкупно меѓу 43 и 53 милијарди долари во случај на банкрот на Кипар. Притоа, обемот на средствата на руските банки кои се депонирани во кипарските банки, агенцијата го проценува на 12 милијарди долари, а износот на депозитите на руските компании на Кипар на 19 милијарди долари.
Чешките фирми навреме си ги префрлиле парите од Кипар
Чешките фирми со седиште во кипарскиот „даночен рај“ објавија дека оданочувањето на банкарските депозити во Кипар не ги засега, бидејќи успеале навреме да ги префрлат своите пари во други земји.
Што е со парите на Слободан Милошевиќ на Кипар
За време на војните во поранешна СФРЈ, милиони се одлеваа кон Кипар. Особено од Србија на Кипар, пишува Дојче веле. Србија и Киар изминативе дваесет години имаа изразени финасиски врски. Таа соработка беше на врвот за време на војните на просторите на поранешна СФРЈ во деведесетите години на минатиот век, кога поради санкциите, парите од Србија, буквално во куфери и патнички торби се пренесуваа на Кипар. После падот на Милошевиќ, проценките на српските истражни органи покажуваа дека за време на санкциите на Кипар се однесени преку 5 милијарди долари. Сепак, српската експертска јавност смета дека тие пари ќе завршат на друго егзотично место. Инаку, проценките се дека преку 100 српски фирми во директна или индиректна сопственост на компании регистрирани на Кипар.
На листата најголеми фирми во Македонија најмногу се оние со странски газди
Кои македонски бизнисмени имаат свои сметки по кипарските банки, никој не знае, освен самите тие. Но, не е тајна дека сепак и во Македонија постојат олигарси кои најголем дел од своите пари ги префрлаа по кипарските банки. Нема точен податок и за колкава сума на пари од Македонија се имаат одлеано кон до вчера омилената дестинација за милионерите, милијардерите - Кипар. Македонските власти немаат официјален податок дали и колку пари од земјава се имаат префрлено кон кипарските банки.
„Согласно законот, македонските граѓани ниту на физички ниту на правни лица во странство не смеат да имаат такви сметки, не очекуваме дека има такви и немаме проценки“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
Во Кипар никој не знае со сигурност колкав е валканиот капитал. Но, оваа земја е омилена дестинација и за многу наши бизнисмени кои токму таму отвораат офшор-компании. Повеќе странски инвестиции во земјава се од компании кои се регистрирани во оваа земја.
Огромен е бројот на компании во земјава кои се рангирани како најголеми, а кои всушност се во доминантна странска сопственост. Многу компании за кои сите знаат дека имаат грчки, англиски или француски сопственици доаѓаат од Холандија или од Кипар, пред се поради поволните даночни регулативи кои земјата ја промовираа како еден од најатрактивните даночни раеви.
Првиот даночник во Македонија Горан Трајковски бара даночна амнестија
За првиот човек на УЈП, Горан Трајковски, кипарскиот случај ја враќал во игра даночната амнестија на заштедите во странски банки. Според него, токму последните настани во Кипар повторно ја правеле атрактивна оваа тема.
„Она што го промовирав пред неколку години, односно можноста за даночна амнестија на нашите резиденти да го вратат капиталот во Република Македонија станува атрактивна затоа што Кипар нема да биде единствено решение. Ова ќе биде само почеток на она што ќе се случува во Европската унија како појава“, изјави Горан Трајковски, директор на УЈП.
Амнестираните пари би биле огромен поттик за економијата доколку се вратат во земјава, сметаат експертите. На овој начин македонските банки би добиле средства кои би биле пласирани како кредити, а дел би биле и директно вложени во нови бизниси.
Што направи Кипар?
Вистински земјотрес беше одлуката на кипарската Влада за воведување данок од 6,75 отсто за сите кои имаат до 100.000 евра во тамошните банки, а од 9,9 отсто за оние со заштеда поголема од 100.000. Кипарското Министерство за финансии прифати да ги исклучи малите штедачи со депозити до 20 илјади евра од данокот на банкарски депозити кој ја крена на нозе јавноста и го доведе банкарскиот систем на работ на колапс. Целиот овој пакет кој треба да го изгласа Кипар е услов за да земјата добие заем од 10 милјарди евра од ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд. Сепак, кипарскиот парламент во вторникот навечер по бурна расправа со 36 гласови против и 19 воздржани го одби планот за помош во износ од 10 милијарди евра којшто Меѓународниот монетарен фонд и еврозоната го условуваа со еднократно оданочување на банкарските влогови од 6,75 отсто за депозити до 100 илјади евра и со 9,9 проценти за заштеди над таа сума. Брисел веднаш побара контра предлог.
Мишко Иванов, новинар на 24 вести
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.