Како лани се калеше челикот на „Макстил“?
Објавено во: Економија 09 Март, 2021
Со оптимизација на трошоците и покрај падот на нарачките и намаленото производство „Макстил“ лани ја зголеми добивката за 5 пати. Потенцијалниот принос по акција е 10 отсто од последната пазарна цена. „Макстил“ лани ги намалил финансиските расходи за 32 отсто, а обврските му се пониски за 9,4 милиони евра
Македонската челичарница „Макстил“ лани имаше тешка година во која се соочи со намалување на производство заради намалената глобална побарувачка за челични производи, покажуваат официјалните финансиски податоци на ова големо друштво кое лани остварило извоз на челични производи во вредност од 51,7 милиони евра.
Но и покрај глобалниот пад на нарачките предизвикани од бројните интернационални ограничувања и неизвесности кои ги предизвика здравствената пандемија „Макстил“ лани успеал со оптимизација на трошоците да ја зголеми добивката за 5 пати во споредба со 2019 година.
Приходите од продажба на „Макстил“ лани изнесувале 64,3 милиони евра и тоа е една четвртина (т.е. 25 отсто) помалку од претходната година. Извозот е позначајната ставка во структурата на приходи и лани од продажба на челични продукти изнесува 51,7 милиони евра. Во споредба со 2019 година извозот на „Макстил“ е помал за 26 отсто. Продажбата дома исто така бележи пад во споредба со претходната година и тоа е за 19 отсто помалку. Износот на продажбата дома е 12,5 милиони евра. Залихите на друштвото на крај на минаата година се 12,3 милиони евра, а останатите приходи изнесуваат 1,1 милиони евра.
Оперативните расходи ги следат приходите на компанија па заради намаленара глобална побарувачка се пониски од 2019 година за 38 отсто. Лани тие изнесуваат 57,2 милиони евра. Најголемата расходната ставка се трошоците за суровини и други материјали и тие изнесуваат 34,5 милиони евра што е за 49 отсто односно речиси половина помалку од 2019 година. За разлика од оваа ставка лани растат трошоците за вработените и тоа за 15 отсто до износ од 10,5 милиони евра.
Оперативната добивка на друштвото лани изнесува 1,86 милиони евра и тоа е за 50 отсто подобар резултат од претходната година.
Заради диспаритетот меѓу финансиските приходи и финансиските расходи компанијата има пониска добивка од работење. Но тука е значајно за истакнување тоа што „Макстил“ лани успеал да ги намали финансиските расходи додека ги зголемил финансиските приходи. Во 2019 година финансиските расходи биле поголеми од финансиските приходи за 919.000 евра, а лани таа разлика е значајно пониска и изнесува 373.000 евра. Изразено во проценти „Макстил лани успеал да ги зголеми финансиските приходи за 20 отсто, а финансиските расходи да ги намали за 32 отсто.
Нето добивката на друштвото лани изнесува 1,34 милиони евра што е речиси 6 денари по акција или потенцијален принос од 10 отсто на последната пазарна цена на таа акција.
Многу значајна вест за акционерите е тоа што „Макстил“ лани успеал да ги намали своите обврски за 9,43 милиони евра и тие на крај на 2020 година изнесуваат 78 милиони евра што е за 11 отсто помалку од крајот на 2019 година.
Лани „Макстил“ ја обезбедил и А интегрираната еколошка дозвола од Министерството за животна средина што значајно ќе ја подобри неговата пазарна позиција.
Р.Ф.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.