24 Ноември, 2024
0.0526

КАКО КУРТУЛИЈА ФУНКЦИОНЕРСКИТЕ ПЛАТИ - „блиц криг“ на Уставниот суд

Објавено во: Економија 29 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Се подготвуваа да добијат минималец од 14.500 денари, но сепак, нивните банкарски сметки нема да бидат олеснети. И овој месец ќе им легне полниот износ на платите што досега ги земаа, а тие се повисоки од 1.000 евра.

Дури 2.060 функционери во државава куртулија од значаен рез на месечните примања за април и за мај, а причина е што Уставниот суд одлучи да поведе постапка за уставноста на владината Уредба со законска сила, со која беше уредено кратење на функционерските плати. 

Сега сите судии и обвинители, министрите, нивните заменици, пратениците, советниците во општините, директори во јавните претпријатија и другите раководни лица, платите ќе си ги земаат по старо, се додека Уставниот суд не ја донесе конечната одлука.

НЕУСТАВНА И ДИСКРИМИНАТОРСКА - ТАКВА Е УРЕДБАТА ЗА УСТАВНИТЕ СУДИИ

Зошто уставните судии кои, во принцип, досега не покажале толку висока агилност кога треба да донесат многу поважни одлуки за државата, сега побрзаа да го симнат „мразот“ врз функционерските плати? Тие презентираа голем број аргументи. Но, не се ни потрудија од јавноста да сокријат дека една од причините е дефинитивно што и тие се засегнати со владината Уредба.

За уставните судии Уредбата била неуставна и дискриминаторска. Еве како тоа го протолкува првиот човек на Уставниот суд, Сали Мурати. „Уставот гарантира право на соодветна заработувачка и тоа право со оваа Уредба е повредено. Ние работиме со зголемен капацитет, бидејќи во услови кога Собранието не работи, имаме улога и да ја контролираме Владата и уредбите што ги носи. Со минимална плата, ние сме ставени како на милост, а сме разумни луѓе. Ние не заслужуваме како избрани и именувани лица вакво дереџе. Сите овде имаме минат труд, работен стаж, влог кој траел и неколку децении. Имам 20-годишен работен стаж, па кој е основот да ми го одземе некој тоа? Тоа е моја сопственост, чие право на таа моја сопственост ми го гарантира Уставот“, аргументираше Мурати.

Инаку, владината Уредба во целост била оспорена од извесен адвокат, додека, пак, намалувањето на платите на судиите беше посебно оспорено од нивното здружение, а за тоа постапка повел и самиот Уставен суд по службена должност. А, на Здружението на судии еден од аргументите беше дека „интервенцијата со кратењето не е општокризна мерка, туку е само за одредена група граѓани, на кои им се кратат енормни 80 отсто од платата“. 

Од Владата не чекаа многу време за да ги „искараат“ уставните судии. Нивната постапка за поништување на кратењето на платите на функционерите, судиите и обвинителите ја оквалификуваа како скандалозна и наведоа дека ја поткопува солидарноста во земјата и директно штети на обезбедувањето средства за справување со КОВИД-19.

„Владата на Република Северна Македонија смета дека поведената постапка на Уставниот суд за поништување на Уредбата за намалување на платите на  2.060 функционери, пратеници, судии, обвинители и директори на минимална плата од 14.500 денари за април и мај, директно штети на солидарноста во нашата земја. Со оваа одлука, Уставниот суд директно спречува обезбедување околу 240 милиони денари во Буџетот на РСМ за мерки за справување со КОВИД-19. Владата изразува разочарување од ваквата скандалозна одлука која ја загрозува борбата со коронавирусот“, напишаа со виден тон на револт од „Илинденска број 2“.

Како што и наведоа, од Владата планираа со кратење на функционерските плати да заштедат во Буџетот околу 4 милиони евра и тие да се наменат за здравствените потреби. Точно е дека во услови на ваква сериозна здравствена криза секој денар е повеќе од потребен, но сепак, ваквата нивна мерка во одредени кругови беше протолкувана како популистичка. Ова дотолку повеќе што таа не ги засегна големиот број вработени во државни агенции, регулаторни тела, но и во акционерски друштва во државна сопственост, кои земаат навистина високи плати, многу над минималец. Се поставуваа прашања зошто на пример, и од нив да не се побара солидарност во вакви тешки моменти за државата. Упатени кругови коментираа дека чепкање на платите на сите административци не дозволил помалиот владин „брат“, ДУИ. 

Во интервјуто што неодамна го даде за Фактор, премиерот Оливер Спасовски рече дека немало никакви притисоци од ДУИ, а дека Владата понатаму ќе одлучи, ако има потреба, да скрати и од платите на другите буџетари.

„Ги носиме мерките и одлуките согласно околностите и ситуацијата во државата. Ниту имало некакви притисоци од некого, ниту има основ да постојат такви притисоци. Одиме чекор по чекор, ги следиме резултатите од секоја донесена одлука, што е потребно менуваме, надградуваме, така што ќе ни покажат околностите што и на кој начин ќе треба да се преземе во следниот период“, рече Спасовски.

КОЛКАВИ СЕ ПЛАТИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР

Фактор неодамн истражуваше на темата колкави плати земаат во принцип вработените во јавниот сектор. Вработените во министерствата, фондовите, судовите, затворите, државните агенции, Царината, Управата за јавни приходи, како и оние што се вработени во локалните самоуправи, немаат многу високи плати. Во овие институции плати од 30 до 37 илјади денари земаат само раководните службеници, или конкретно, три категории, како што се раководителите на сектор, нивните помошници, како и раководителите на одделенија. На овие раководни службеници отпаѓаат околу 10 проценти од вкупниот број од вработените во јавната администрација. Потоа доаѓаат таканаречените соработници, кои опфаќаат околу 25 отсто, а нивните чисти нето плати се меѓу 20 и 24 илјади денари. И, дури 65 отсто од административците се референтите, чии нето плати се движат од 14.500 до 16.500 денари, или повисоки за оние со подолг стаж. Во јавниот сектор влегуваат и полицијата, армијата, здравството и образованието, кои исто така, не земаат превисоки плати, а деновиве се на најистурените позиции.

Затоа, пак, огромни плати земаат во бројни агенции, комисии, како и регулаторни тела, кои самостојно остваруваат свои сопствени приходи. На пример, Агенцијата за електронски комуникации, Регулаторната комисија за енергетика, каде платите на вработените се до 50 илјади денари месечно па и повеќе. Во Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба, на пример, просечната плата е 135.000 денари. Високи плати се земаат во Државниот завод за ревизија, Народната банка, вработените во акционерските друштва во државна сосптвеност, на пример енергетските ЕЛЕМ и МЕПСО, каде е познато дека се делат огромни плати, од 45 до 50 илјади денари па нагоре. Во групата „среќлии“ влегуваат и вработените во јавните претпријатија, кои исто така земаат многу повисоки плати од „обичните административци“. 

И додека се очекува Уставниот суд конечно да се произнесе, социјалните мрежи вријат од негодување, па дури и препораки дека ако сакаат, функционерите можат доброволно да донираат дел од нивните повисоки плати. 

Некои од функционерите веќе објавија дека тоа и ќе го напрват. Меѓу нив тоа на фејсбук го објвија скопскиот градоначалник Петре Шилегов, како и градскиот татко на Штип, Благој Бочварски.

„Без оглед на одлуката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, разликата од мојата плата до 14.500 денари ќе ја уплатам во фондот за борба против епидемијата од вирусот Ковид 19. Живееме во време во кое секој од нас, треба да покаже барем малку солидарност и колективна одговорност. Државните функционери (секој од нас поединечно) треба да предначат во тоа чувство на одговорност“, напиша Шилегов.

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

МИЦКОСКИ: Договорена е каматна стапка од 1,95 отсто, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата за компаниите

МИЦКОСКИ: Договорена е каматна стапка од 1,95 отсто, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата за компаниите

ПОСКАПЕ ЗЛАТОТО: Расте и цената на среброто

ПОСКАПЕ ЗЛАТОТО: Расте и цената на среброто

НАЈВИСОКИ ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Кои сектори се на врвот?

НАЈВИСОКИ ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Кои сектори се на врвот?

Вицегувернерката Нацевска на состанок на вицегувернерите од Западен Балкан за пристапниот процес кон СЕПА

Вицегувернерката Нацевска на состанок на вицегувернерите од Западен Балкан за пристапниот процес кон СЕПА

МЕГАПРОЕКТ КОЈ ЈА МЕНУВА СЛИКАТА НА ЦЕЛИОТ КОНТИНЕНТ: Вреди 3,1 милијарди долари, го изградија Турците

МЕГАПРОЕКТ КОЈ ЈА МЕНУВА СЛИКАТА НА ЦЕЛИОТ КОНТИНЕНТ: Вреди 3,1 милијарди долари, го изградија Турците

КОЛКУ Е СЕГА БОГАТ МИСТЕРИОЗНИОТ КРЕАТОР НА БИТКОИНОТ, САТОШИ НАКАМОТО? Првиот „рудар“ престанал да копа во 2010 година

КОЛКУ Е СЕГА БОГАТ МИСТЕРИОЗНИОТ КРЕАТОР НА БИТКОИНОТ, САТОШИ НАКАМОТО? Првиот „рудар“ престанал да копа во 2010 година

ОД САМОУК ИНЖЕНЕР ДО НАЈНОВ МИЛИЈАРДЕР ВО ВСЕЛЕНСКАТА ИНДУСТРИЈА: Станува опасна конкуренција на Илон Маск

ОД САМОУК ИНЖЕНЕР ДО НАЈНОВ МИЛИЈАРДЕР ВО ВСЕЛЕНСКАТА ИНДУСТРИЈА: Станува опасна конкуренција на Илон Маск

ДО BBC СТИГНАА ВИДЕО СНИМКИ – РУСИТЕ ИСПОРАЧУВААТ НАФТА НА СЕВЕРНА КОРЕЈА: „Ова е нафта за проектили, нафта за артилерија и сега нафта за војници“

ДО BBC СТИГНАА ВИДЕО СНИМКИ – РУСИТЕ ИСПОРАЧУВААТ НАФТА НА СЕВЕРНА КОРЕЈА: „Ова е нафта за проектили, нафта за артилерија и сега нафта за војници“

ШПАНИЈА КАЗНИ ПЕТ НИСКОБУЏЕТНИ АВИОКОМПАНИИ ЗА ВИСОКИТЕ ДАВАЧКИ ЗА БАГАЖ: Еве која заработи најголема милионска казна

ШПАНИЈА КАЗНИ ПЕТ НИСКОБУЏЕТНИ АВИОКОМПАНИИ ЗА ВИСОКИТЕ ДАВАЧКИ ЗА БАГАЖ: Еве која заработи најголема милионска казна