28 Мај, 2020
0.0439

ИНТЕРВЈУ СПАСОВСКИ: Животот и економијата постепено ќе ги носиме во новата нормалност

Објавено во: Македонија, Интервјуа 25 Април, 2020

Тестот покажа дека е негативен, но ќе остане во самоизолација до истекот на двете недели и од дома ќе ги извршува работните обврски. Зошто тој како прв човек на Владата, но и други министри, се доведоа во оваа ситуација поради состанокот на Кумановскиот кризен штаб, и дали и кој ќе ја сноси одговорноста, ќе остави надлежните органи да и го кажат на јавноста конечниот заклучок. Во интервју за Фактор премиерот Оливер Спасовски уште еднаш нагласува дека тој и претставниците на Владата не биле информирани дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и други членови на Кризниот штаб, се тестирале за коронавирусот. Нашата намера не е да ги казнуваме граѓаните, вели претседателот на Владата за задолжителното носење маски, но тие мора да сфатат дека тоа е неопходно, бидејќи е препорачано токму од стручните лица. Децидно демантира дека олабавувањето на полицискиот час е направено поради верскиот празник Рамазан. Во интервјуто Спасовски открива дека се прави план за повторно отворање на економијата по сектори и дека почнува враќањето на животот во нормала, но тоа ќе оди постепено. Во Владата, вели тој ексклузивно за Фактор, се очекува економијата на земјава како последица на корона кризата годинава да падне за 3,7 отсто, но е уверен дека донесените мерки, за кои има голем интерес, ќе им помогнат на компаниите и на граѓаните. Премиерот зборува и за иницијативата за свикување на Парламентот, за изборите, но и за подготвеноста на неговиот партиски лидер Зоран Заев да биде кандидат за премиер на земјава...

Премиере, Вашиот прв тест за коронавирусот е негативен. Сепак останувате ли во самоизолција како што најавивте?

Спасовски: Резултатите од направениот тест се негативни, но одговорно, останувам во самоизолација до истекот на 14-те денови, како што е побарано од епидемиолозите во решението што го добив. Очекувам, повикувам и барам секој граѓанин да ги почитува препораките и одлуките на епидемиолозите и на здравствените работници и одлуките и мерките на Владата, затоа што само ако сите совесно се однесуваме кон личното здравје, придонесуваме во заштитата на здравјето на своето семејство и на јавното здравје. Секој од нас мора да е свесен дека е потребен во оваа битка за справување со здравствената криза, којашто можеме да ја добиеме само заедно, како општествено одговорни личности.

НАШАТА НАМЕРА НЕ Е ДА КАЗНУВАМЕ, НО МЕРКИТЕ СЕ ЗА ДОБРО НА ГРАЃАНИТЕ

Како Вие лично се чувствувате?

Спасовски: Здравствено добро се чувствувам, благодарам за прашањето. Секако дека ги следам сите информации околу справувањето со здравствената криза и во нашата држава и во светот и секако дека како човек, ме радува секоја вест за излекувани граѓани, за намален број заболени и ме погодуваат информациите за оние граѓани кои ја загубиле битката со вирусот. Во оваа прилика изразувам жалење и сочувство до семејствата. Во нашата држава последниве денови има тренд на зголемување на бројот на оздравени граѓани и тоа треба да е мотивација за секој од нас, дека кога се почитуваат мерките, имаме резултати. Посакувам што поскоро оздравување на заболените лица. Истовремено упатувам апел до сите граѓани, да држат растојание од два метра и да носат маска, марама или шал. Тоа е веќе уредено со уредба, значи е законска обврска. Наша намера не е да казнуваме. Го олабавивме движењето со продолжување на слободното време за движење, односно со скратување на рестрикциите. Но рековме, тоа не значи дека го релаксираме целиот амбиент за движење, бидејки за такво нешто, според стручните лица, е се уште рано. Затоа предвидени се казни ако не се почитува мерката за прекривање на устата и носот со маска, шал, марама, при движење на отворен и затворен простор, односно во маркети, банки, пошти и каде не е возможно да се држи дистанца од два метра, којашто повторувам, е исто така потребно да се почитува. Искуството покажа дека навремено и соодветно се поставивме во оваа здравствена криза и да нема дилема дека така фокусирано и одговорно ќе продолжиме да работиме. Веќе има санкции секаде каде поради нечија неодговорност е довдено во прашање личното или јавното здравје. Мене ми е драго дека граѓаните покажуваат се поголема свесност за сериозноста на ситуацијата во којашто се наоѓаме и како држава и како свет и почитувањето на мерките и препораките резултира со овие позитивни тенденции на оздравени граѓани и на држење на сосотојбата под контрола. За тоа изразувам благодарност до сите совесни граѓани.

Што покажа извештајот кој требаше да утврди дали имало одговорност и кај кого за прес конференцијата во Куманово, која Вас и министрите Ве одведе во самоизолација?

Спасовски: Многу е важно да нема изнесување претпоставки и шпекулации од ниедна страна, бидејки тие само прават штета и непотребно создаваат забуни во јавноста, што не е во прилог на јавниот интерес. Затоа ние од самиот почеток рековме дека ќе оставиме надлежните служби да го испитаат целиот случај и тие да се произнесат за наодите. Министерот за здравство на вчерашната прес конференција соопшти дека во наодот на ДСЗИ се констатирани пропусти на некои процедури во врска со целата ситуација во Куманово и дека тој наод е пратен во МВР. ДСЗИ во текот на вчерашниот ден повторно излезе на терен да направи дополнителен увид на состојбата, па да сочекаме Државниот санитарен и здравствен инспекторат да ги соопшти информациите. 

Во јавноста се судривте со Вашиот сопартиец и сограѓанин Максим Димитриевски, кој е градоначалник на Куманово, околу кумановската средба. Тој вели дека средбата била организирана од Владата, што може да се види и од официјалните преписки, додека, пак, од Владата тврдите дека Вие не сте организатори, туку сте биле поканети. Кој всушност затаи овде?

Спасовски: Еве уште еднаш ќе повториме, нема затајувања, имаше континуирани и разни барања од страна на Општинскиот штаб во Куманово, коишто се разгледуваа на Главнот координативен кризен штаб во Владата и се даваше соодветен одговор. Дел од тие барања значеа и потреба за увид на ситуацијата на теренот со цел и во Куманово, како и секаде во државата, да се поставиме соодветно на ситуацијата и околностите. Согласно таквите барања за различни мерки, беше договорен состанокот и не верувам дека некој има дилема дали тој состанок со ОКШ на Куманово требало да се одржи. Тоа прашање станува актуелно само кога ќе се земе предвид дека се чекале резултати од тестирања на членови на Општинскиот кризен штаб, за коишто јас како премиер, министерот за здравство и членовите на Владата кои бевме таму, не бевме информирани. Како се случило тоа и сите други аспекти на случајот, реков, очекувам надлежните органи да утврдат и да излезат со прецизни информации во јавноста. Крајно несериозно е и неодговорно, од кого било, врз основа на претпоставки или што и да е друго, да се извлекуваат некакви заклучоци. Здравствениот систем функционира добро, епидемиолозите, здравствените работници и сите други вклучени во справувањето со ситуацијата со Корона вирусот, како што гледаме, даваат се од себе да помогнат на граѓаните и на државата и секој професионалец има обврска да даде придонес во сочувувањето и натамошното градење на таа заслужена доверба од страна на граѓаните, што е неоспорна. 

СО ДИМИТРИЕВСКИ ИМАМЕ ПРИНЦИПИЕЛНИ ПРОФЕСИОНАЛНИ ОДНОСИ

Ве молам за искрен одговор. На јавноста и е познато дека Вие и Димитриевски не сте во добри односи, Ве доживуваат како две фракции, крила на СДСМ. Дали можеби таа некомуникација доведе до еден ваков пропуст и дали не требаше недоразбирањата да се стават во втор план?

Спасовски: Со градоначалникот Димитриевски имаме принципиелни професионални односи и таа комуникација така и ќе продолжи за доброто на граѓаните на Куманово. Да ги оставиме шпекулациите за оние кои немаат со што друго да се занимаваат, иако оваа ситуација во којашто ни се наоѓаат луѓето и државата, сметам дека го прозива секој поединец, човек, личност на раководна позиција, граѓанин, да се фокусира на придонесот што може да го даде во надминувањето на здравствено-економската криза во државата и да се однесува совесно. Целосно сум посветен на доброто на моите сограѓани во Куманово и на доброто на граѓаните во целата наша земја. Оваа криза ќе заврши, но ќе се памети кој успеал да се издигне над личните интереси во интерес на колективното добро. Тоа е за мене и како човек и како премиер единствен и врвен приоритет. 

Владата ги олабави мерките за заштита и го скрати полицискиот час, но воведе задолжително носење маски и казни од 20 евра од Први мај. И покрај тоа што ова било препорака на Комисијата за заразни болести, дали Вие лично сте убеден дека баш сега е време за овие, како што ги нарекувате, меки мерки, или можеби требаше уште малку да се почека?

Спасовски: Прво би сакал да потенцирам дека ваквата поставеност, којашто треба да се гледа во пакет, намалени рестрикции за движење во комбинација со задолжителни превентивни мерки, односно мерките за заштита, не значи олабавување во секојдневното функционирање, туку поставување поинаков рестриктивен принцип на функционирање, на којшто кора да се навикнеме и да го прифатиме. Слушаме од здравствените власти и во земјава и во светот, никој не може да предвиди до кога ќе биде потребно да се функционира на ваков начин, со заштита и на дистанца, но сите се согласни дека тоа е неопходно и во догледна иднина ќе биде неопходно. Целта на новодонесените мерки за коишто прашавте е да се зголеми јавната свест за личната одговорност во однесувањето и движењето, како подготовка за периодот кога ќе пристапиме кон етапно, да го наречеме “отворање“ на општественото функционирање. Затоа, ве молам, сфатете го овој пакет на намалени рестрикции, а зајакнати превентивни мерки, подеднакво одговорно како и претходните мерки што подразбираа поголемо времетраење на полицискиот час. Од почитувањето на новодонесените мерки ќе зависи и какви резултати ќе имаме на здравствен план, а од тоа и кога оптимално би можело да се очекува да стартува реактивирањето на бизнисите и економските капацитети во очекуваниот обем. Тоа е потребно за егзистенцијата на граѓаните, за сочувувањето на работните места, за работата на малите бизниси и големите компании, за економијата во целост. Инаку, сакам да потенцирам дека сите донесени мерки и одлуки на Владата се врз основа на проценките, препораките, сугестиите на епидемиолозите, здравствените работници, експертите и така е правилно и одговорно да се работи.

Комисијата за заразни болести работи темелно, ги зема предвид препораките на СЗО, позитивните искуства на државите коишто бележат резултати во справувањето со Корона кризата, а коишто се блиски до нашите карактеристики како држава и како менталитет, тоа и правиме и ние како Влада и тоа е вистинскиот пат како треба да се работи. Така и работиме.

Премиере Спасовски, колку и да има издржани аргументи, јавноста, барем според реакциите и по отворените студија на телевизиите, и по социјалните мрежи, не е убедена дека ова „олабавување“ не настапи токму во очи на верскиот празник Рамазан. Вие демантиравте, но има брифинзи дури и од политичари дека тајмингот е секако избран?

Спасовски: Зарем мислите дека некој би си дозволил да се коцка со здравјето на граѓани? Напротив, затоа што мислиме на сите граѓани во нашата држава, носиме одлуки што имаат цел заштита на здравјето на луѓето. Препораката за задолжителна лична заштита со маски, шалови, марами и зголеменото слободно време за движење под строго утврдени правила, со сила на закон дојде од Комисијата за заразни болести и е поддржана од Владата поради проценката дека е во функција на заштита на јавното здравје. Категорично отфрлам дека имаат каква било друга позадина донесените мерки. Политички маркетинг никому не е од интерес, ниту пак гледам како овие мерки би донеле некому политички поени. Ова е нов начин на функционирање што ја крева личната одговорност во новите околности на општественото живеење.

И ЈАС СУМ РОДИТЕЛ, НО СО ОДЛУКАТА ЗА УЧИЛИШТАТА МОРА ДА БИДЕМЕ ВНИМАТЕЛНИ

Најавивте дека после првомајските празници ќе носите одлука за отворање на училиштата и градинките, но и она што многу ги интересира средношколците во четврта година – дали ќе се одложи или ќе се укине државната матура. До какви одлуки сте поблиску, што Вие сметате како прв човек на Владата?

Спасовски: Ќе видиме по првомајскиот празник, кога ќе ги имаме и резултатите од новопоставениот начин на функционирање. И јас сум родител, знам под какви услови учат децата, предаваат наставниците и професорите и реална е загриженоста околу спроведувањето на државаната матура. Ова прашање повеќепати е разговарано на Владата и на Главниот кризен штаб, но одлуката ќе ја соопштиме по први мај. Тогаш ќе има појасна слика и за условите за функционирање на училиштата и градинките. Ќе се водиме во одлуките, како и до сега, во интерес на јавното здравје, што е најдобро за децата, учениците и за граѓаните, според тоа што ќе го добиеме како проценка и препорака и од Комисијата за заразни болести.

Кога има шанси да се отворат угостителските објекти, а кога моловите?

Спасовски: Очекувањата се за месец мај, најверојатно втората половина. Рано е да се каже конкретно, затоа што се зависи од кривата на движење на нови случаи и здравствената состојба. Инаку, се работи на план за реотворање на економијата по сектори.

Има формирано тим коjшто работи заедно со економските агенти, со стопанските комори, со цел да се оформи план што треба да предвиди како би се одвивало тоа постепено отворање. Тие протоколи на функционирање ќе треба да се почитуваат, затоа се поставуваат на темелна основа. На сите ни недостига да се врати животот во вообичаените текови што поскоро, но сите знаеме дека здравјето е на прво место и дека треба многу внимателно да делуваме во оваа ситуација. За сите дополнителни информации и планови, засегнатите субјекти ќе бидат навреме информирани. Она што е важно сега е да знаеме дека наскоро ќе започне фазата на отворање, фазата на воведување на животот во новата нормала, согласно ситуацијата.

НАЈГОЛЕМИОТ УДАР ЗА ЕКОНОМИЈАТА ЌЕ БИДЕ ВО ВТОРИОТ КВАРТАЛ

Од светските институции, но и од бизнис секторот во земјава, пристигнуваат црни сценарија за економијата. Какви се Вашите прогнози, колку годинава ќе падне македонскиот БДП?

Спасовски: Здравствено-економската криза којашто сега му се случува на светот е најголемата криза од Големата депресија наваму. Нема земја којашто ќе биде поштедена. Речиси сите проекции за економските резултати се со предзнак минус. Се проектира дека светскиот БДП ќе се намали за 3 отсто, на Европската унија за 7,1 отсто, слушаме дека тоа големо минусно салдо нема да ги заобиколи дури ни високо развиените економии. За економијата во нашата држава, Меѓународниот монетарен фонд проектира негативен резултат од 4 отсто. Само за компарација, за Босна и Херцеговина, Косово и Албанија проектиран е пад од 5 отсто, за Црна Гора и Хрватска од 9 отсто. Повисок раст се предвидува за 2021 година, кога се очекува светскиот БДП да порасне за 5,8 отсто, а европскиот за 4,8 отсто. Во регионот, исто така, проекцијата е дека најголем број економии ќе имаат раст од над 5 отсто. Проекциите за Република Северна Македонија се 7 отсто. Во Министерството за финансии се следи ситуацијата, се подготвуваат новите проекции. Се очекува најголемиот “удар“ да биде во вториот квартал, одредена контракција ќе има во третиот квартал, но помала, во однос на вториот квартал, а стабилизација и позитивен економски резултат се очекува во четвртиот квартал. На годишно ниво проекциите на Министерството за финансии не се се уште јавно објавени, но се во линија со оние проекции коишто ги имаше Меѓународниот монетарен фонд, односно нешто е помал падот од околу 3,7 проценти, наспроти проекцијата на Меѓународниот монетарен фонд од 4 проценти, но ова се се уште анализи во тек. Се следат и проекциите за очекувањата за другите земји со коишто имаме трговска размена како Германија и согласно проекциите за нивните економии, можно е да има одредени корекции и во нашите.

Можеме ли ние како кревка држава да го пребродиме овој економски крах без некои посериозни последици за граѓаните, колку реално ќе падне нивниот животен стандард и колку тие ќе осиромашат?

Спасовски: Мерките коишто ги носи Владата и сите активности кои се преземаат се во таа насока - да се заштити економијата, да се заштити стандардот, социјалната сигурност, работните места. Досега донесовме два сета мерки коишто може да се групираат во даночни олеснувања како: ослободување од аконтации на данок на добивка и данок на личен доход, 50 отсто субвенции на придонеси, директна финансиска поддршка за заштита на работните места, мерки за заштита на ликвидноста и регулаторни или таканаречени меки мерки за граѓаните и стопанството, како намалувањето на затезните камати на пример и запирање на постапките за извршување.

Откако ќе помине здравствената криза, очекуваме натаму да се движиме и ние како држава и светот, ќе следи период на опоравување, кога ќе мора сите заедно да вложиме уште поголеми напори за работите да се вратат во нормала. Тогаш ќе бидат потребни и нови мерки и активности коишто ќе стимулираат што побрзо опоравување и враќање на вистинската патека на економски раст и развој.

ЕВРООБВРЗНИЦАТА ТРЕБА ДА БИДЕ ФИНАЛИЗИРАНА НА КРАЈОТ НА МАЈ

Премиере Спасовски, успеавме ли како држава да ги најдеме потребните пари за да го покриеме буџетскиот минус што ќе се појави поради корона кризата, или едноставно кажано, да се подмират и сите потреби на здравствениот сектор, но и да им се помогне на граѓаните и фирмите. Колку средства досега пристигнаа, колку ни се сигурни и колку пари реално ќе ни недостасуваат?

Спасовски: За финансирање на дефицитот и ликвидносните потреби, ако мислите на странска помош, добиени се 176 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд. Во текот на следниот месец се очекува да се добијат и околу 140 милиони евра преку Светска банка, како и средства од фондовите на Европската унија, за надминување на кризата. Европската комисија официјално соопшти дека пакетот за макро-финансиска стабилност ќе изнесува 3 милијарди евра, од коишто, согласно премилинарната анализа, на Република Северна Македонија ќе и бидат ставени на располагање 160 милиони евра. Исто така, ја започнавме постапката за издавање еврообврзница, којашто се очекува да се финализира на крајот на мај. Се одржуваат и аукции на државни хартии од вредност на домашниот пазар за рефинансирање на аукциите коишто доспеваат, а согласно Буџетот за 2020 година беше проектирано да се повлечат нето средства од 200 милиони евра по основ на државни хартии од вредност. Во текот на годинава се сервисираат и стари долгови во износ од 700 милиони евра.Од почетокот на годинава до средината на април, падот на вкупните приходи е 3,1 процент во однос на минатата година за истиот период, со 6,9-процентен пад на даночните приходи и кумулативен раст на придонесите од 10,4 проценти. Расходната страна, е во рамки на проекциите, но направени се, како што информиравме, значајни прераспределби помеѓу буџетските корисници и кратење на средствата кај скоро сите буџетски корисници, во насока на рационализација на средства: скратени се платите на функционерите, трошоци за набавка на стоки и  услуги, како и капитални расходи и други трошоци коишто не се во функција на борбата против корона кризата. Средствата од овие кратења ќе се насочат кон првиот и втoриот пакет мерки, за помош на стопанството и граѓаните, кои се соочуваат со последици од здравствено-економската криза.

Владата донесе два сета економски мерки за да му помогне на стопанството да не колабира поради корона кризата. Дали Вие лично сметате дека се доволни, со оглед што други држави излегоа со многу „поиздашни“ економски пакети за поддршка на фирмите погодени од коронакризата?

Спасовски: Ако споредиме со другите земји, сите држави носат мерки коишто ќе им го олеснат овој период на фирмите, а воедно и ќе ја задржат социјалната стабилност и работните места на граѓаните. Тоа може да се постигне со внесување на поголема ликвидност во стопанството, даночни олеснувања, финансиска поддршка за задржување на работниците, поддршка на социјалните категории. Во иста насока се и двата сета на мерки коишто се донесоа од кај нас. Имаме мерка којашто може да се искористи за скоро 250.000 вработени, односно може да заштити третина од работните места во земјава – мерката 14.500 денари финансиска поддршка по вработен. Понатаму се заштитуваат оние кои би останале без работа со тоа што ќе им се исплаќа половина година 50-70 отсто просечна плата. Исто така, се заштитуваат и семејствата кои се социјални случаи или чија егзисетнција зависела од неформалната економија, со надоместок од 7.000 денари. Тука се и бескаматните кредити во вкупен износ од 13,7 милиони евра преку Развојната банка, како и 51 милион евра евтини кредити коишто ќе се пласираат преку комерцијалните банки. Сите земји ги таргетираат овие области и ние сме така поставени, според можностите што ги имаме на располагање.

ГОЛЕМ Е ИНТЕРЕСОТ ЗА МЕРКАТА 14.500 ДЕНАРИ ФИНАНСИСКА ПОМОШ

Дел од бизнисот се жалеше дека мерките се бирократски и со критериуми тешки за исполнување, па потоа Владата направи некои корекции. Дали сега фирмите се задоволни од мерките, и што е уште поважно, дали ги користат?

Спасовски: Во редовна комуникација сме со бизнис секоторот. Една од причините зошто го формирав Економскиот совет, со еминентни претставици од сите засегнати економски чинители и експерти беше да има усогласеност на потребите со она што Владата ќе го утврди како возможно, за да биде донесено и имплементирано во пракса. И можам да кажам дека има резултати сиот овој пристап, бидејки има интерес за сите мерки донесени од страна на Владата, пак ќе речам, во консултација со бизнис секторот. По мерката за бескаматните кредити од Развојната банка на Северна Македонија, досега се одобрени 254 кредитни апликации во износ околу 2,2 милиони евра и со нив се поддржани 2.853 работни места. Досега се примени повеќе од 1.300 апликации во износ од околу 9 милиои евра. Во постапка за одобрување се 348 барања во износ од 142.769.222 денара (2,3 милиони евра) со коишто ќе се поддржат 2.416 работни места. За мерката за Субвенционирање на работодавачи за исплата на минимална плата од 14.500 денари, работодавачите ќе можат да аплицираат по Први мај, кога ќе треба да го поднесат барањето за мерката, заедно со пресметката за плата - електронски, во УЈП. Ќе излеземе со податоци за тоа колкумина аплицирале за оваа мерка. За мерката Паричен надоместок за граѓаните кои останале без работа поради кризата, согласно работниот стаж, преку Агенцијата за вработување, од 1. април до 22. април, според податоците што ги вади системот, досега пристигнале 2.902 барања. Инаку, оваа можност за паричен надоместок постоеше и претходно. Правиме се што е можно, навистина да му помогнеме на стопанството, со тоа и на граѓаните, бидејки како што е врвен приоритет здравјето, така е важна и егзистенцијата.

Која од мерките е најбарана од компаниите и сметате дека е најуспешна?

Спасовски: Ќе видиме која мерка ќе се покаже најуспешна. Она што го знам е дека е голем интересот за мерката 14.500 денари финансиска помош за којашто аплицирањето треба да почне како што реков по Први мај, а којашто се однесува на 250.000 работни места.

Дали и кога Владата би излегла со трет сет на мерки, како што и ветивте пред компаниите. За кога ги планирате, каква суштина ќе имаат, што ќе таргетираат?

Спасовски: Ги следиме состојбите, во постојани контакти сме со сите субјекти во економијата, кога ќе имаме проценка дека е потребно и за тоа со кој нов чекор што би постигнале, тоа ќе го направиме и ќе го соопштиме на јавноста. Секако дека може да се очекуваат нови чекори, коишто се поврзани со околностите во државава и светот.

НОВИТЕ МЕРКИ ЌЕ ЗАВИСАТ ОД ТОА КОГА ЌЕ ДОЈДЕ ОПОРАВУВАЊЕТО

Дали можеме да кажеме дека вработените во јвниот сектор дефинитивно куртулија од намалување на платите, и дали тоа навистина беше под притисок на помалиот коалиционен партнер ДУИ, или, сепак, ќе мора и тие да бидат „чепнати“?

Спасовски: Реков, ги носиме мерките и одлуките согласно околностите и ситуацијата во државата. Ниту имало некакви притисоци од некого, ниту има основ да постојат такви притисоци. Одиме чекор по чекор, ги следиме резултатите од секоја донесена одлука, што е потребно менуваме, надградуваме, така што ќе ни покажат околностите што и на кој начин ќе треба да се преземе во следниот период.

Имате ли страв за прибирањето на приходите, ги зголемивте акцизите, се планираат ли некои други даночни измени? Како ќе се собираат јавните пари?

Спасовски: Април и мај очекувано е да има пад во поглед на наплатата на приходите, согласно успорената економска активност. Ако се спореди периодот од почетокот на месец април до средината на април, со истиот период минатата година, наплатата на вкупните приходи е помала за 20,7 отсто, додека кај даноците и придонесите има за 20,1 отсто помала наплата. Реализацијата во април е во рамки првото од трите сценарија, односно поповолното, како што ги разграничи Министерството за финансии, иако главно проекциите за реализацијата на приходите во трите сценарија се слични со оглед дека во сите се предвидува најголемиот „удар“ да е во вториот квартал. Дали ќе се случи најповолното сценарио или средното сценарио, зависи пред се од она што ќе се случува по април, односно главно што ќе се случува во третиот квартал, периодот за опоравување - колку работите брзо ќе се враќаат во нормала. За таа цел ќе се креираат и нови мерки и ќе се преземат нови активности, со цел економијата брзо се врати на патеката на раст.

До спикерот Талат Џафери стигна Иницијативата за свикување на Собранието и таа има потписи од 35 пратеници. Тие велат дека на тој начин сакаат Законодавниот дом да ја контролира Владата во услови на вонредна состојба. Зошто Вашата партија СДСМ со иницијативата инсистира за свикување на Парламентот. Дали не се доволни одлуките на претседателот Стево Пендаровски?

Спасовски: Секогаш треба да гледаме чекор понапред и искуството со поставенста во здравствената криза ни покажа дека е добро кога сме уште на почетокот подобро подготвени. Не знаеме оваа здравствена и економска криза колку ќе трае и какви одлуки ќе бара да се носат. Затоа, логично е и политички одговорно е да се поставиме соодветно и да овозможиме функционалност на Парламентот, доколку се покаже за потребна. Очекувам сите политички субјекти да бидат на висина на одговорноста и да носат одлуки во интерес на државата и на граѓаните, а не да се водат од партиски калкулации. Ние сме целосно демократска власт, а во демократија е нормално Владата да биде контролирана од Парламентот и ние немаме проблем со тоа. Ова се времиња што граѓаните ќе ги паметат, а и сите ние, што и историјата ќе ги испишува, кој навистина бил на висина на одговорноста, а кој се криел, или мислел на лични, партиски или други интереси. 

СДСМ И ПРЕД КРИЗАТА БЕШЕ, А И ДЕНЕС Е ПОДГОТВЕНА ЗА ИЗБОРИ

Дали свикувањето на Собранието, ако дојде до тоа, ќе го искористите да се донесе одлука за брзи избори во јуни, како што се шпекулира деновиве?

Спасовски: Во овој момент, за мене, за Владата, а знам и дека за СДСМ, приоритет број еден е здравјето на граѓаните и совладување на здравствената криза. Секој одговорен политичар и носител на јавна позиција очекувам да биде поставен во функција на овој врвен приоритет - јавното здравје. 

Кога според Вас, би се издржале изборите?

Спасовски: Верувам дека и вие како и јас посакувате да видите релаксирање на здравствената ситуација во државата. Сите сили и целиот фокус во овој момент ни е насочен кон справувањето со коронавирусот. Посакувам скорешна стабилизација на здравствената ситуација во државата, а штом тоа се случи ќе може да разговараме за сите други политички процеси во државата.

Колку е подготвен СДСМ, дали Зоран Заев како претседател на партијата останува и кандидат за мандатар?

Спасовски: СДСМ беше подготвена за избори и пред здравствената криза, подготвена е и денес, како што претседателот на СДСМ Зоран Заев знем дека е подготвен и во полна форма, заедно со сите нас да го добие новиот мандат за формирање на новата Влада. Сега сме фокусирани на јавното здравје, а здравје, ќе има прилика па ќе зборуваме и за новата Влада што сум уверен дека повторно СДСМ и коалицијата ќе добијат чест да ја водат. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

КАФЕ ПРОТОКОЛ: Кафулињата ги отвораат вратите од денеска

КАФЕ ПРОТОКОЛ: Кафулињата ги отвораат вратите од денеска

ИНТЕРВЈУ АКАДЕМИК КОЦАРЕВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАНУ: Академијата истражува зошто се различни симптомите кај заразените со Ковид-19

ИНТЕРВЈУ АКАДЕМИК КОЦАРЕВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАНУ: Академијата истражува зошто се различни симптомите кај заразените со Ковид-19

БРОЈОТ НА РАЗВОДИ ЗГОЛЕМЕН ЗА 22 ОТСТО: Дали институцијата брак „умира“?

БРОЈОТ НА РАЗВОДИ ЗГОЛЕМЕН ЗА 22 ОТСТО: Дали институцијата брак „умира“?

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Прв ден без полициски час, и нови три жртви од коронавирусот

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Прв ден без полициски час, и нови три жртви од коронавирусот

Владината одлука за враќање на работа од 1 јуни не важи за хронично болните и родителите со деца до 10 години

Владината одлука за враќање на работа од 1 јуни не важи за хронично болните и родителите со деца до 10 години

Кој град има најмногу новозаболени од коронавирусот?

Кој град има најмногу новозаболени од коронавирусот?

Продолжува да важи платеното породилно отсуство до завршувањето на времените мерки

Продолжува да важи платеното породилно отсуство до завршувањето на времените мерки

Пановски: Ме плаши зошто е потребно одеднаш да се укине полицискиот час

Пановски: Ме плаши зошто е потребно одеднаш да се укине полицискиот час

Чулев тврди дека отвориле истраги за носители на јавни функции

Чулев тврди дека отвориле истраги за носители на јавни функции