Како налозите за исплата на субвенциите заглавија во фиоката на министерот Миновски?
Објавено во: Агробизнис 19 Април, 2017
Предпразничните ветувања дека после празникот Велигден ќе има исплата на субвенциите, се само уште една манипулација, коментираат од земјоделските здруженија. Иако на дел од здруженијата минатата недела директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Игор Златков, им кажал дека по празникот ќе бидат пуштени парите, земјоделците барем вчера не видоа пари на сметка. Златков потврди дека имал средба со земјоделски здруженија од Овчеполието и дека има го кажал тоа што и нему му го кажале од министерството за финансии.
„Точно е дека имав средба со земјоделските здруженија од Овчеполието и ги замолив да имаат толеранција за исплатата до после празникот, дали тоа ќе е вторник или среда не знам.Мене така ми кажаа и јас така им пренесов“, вели Златков.
Тој посочува дека секојдневно потпишува налози за исплата и ги праќа во трезор, но оти со тоа завршува неговата обврска, а во рацете на финансии е исплатата.
Земјоделците велат дека очекувале пари да добијат вчера, но сепак велат дека ќе почекаат до крајот на неделава, а потоа веќе нема да имаат трпение и најавуваат порадикални протести.
„Постојано се манипулира со роковите за исплата, очигледно во Буџетот нема пари за нашите субвенции. Оваа недела недела планираме да преземеме цврсти чекори околу тоа како и на кој начин ќе ги добиеме субвенциите. Ако може на земјоделски производител за било какви давачки кон државата да му се блокираат сметките, тогаш и ние мора да преземеме некакви мерки. Нас овие субвенции ни требаат сега, кога сме во ек на производствена сезона, кој ќе ни ги покрие трошоците?“, вели Ристо Велков, од Сојузот на синдикати на земјоделци.
Земјоделците бараат средба со министерот за финансии Кирил Миноски кој сеуште не дава дозвола за исплата на субвенциите. Дел од земјоделските здруженија велат дека веќе преку министерството за земјоделство побарале да им договори средба со министерот Миноски од што ќе зависат нивнте следни чекори односно дали ќе излезат на протести.
„ Ако неделава не добиеме пари, можни се протести. Зависи од ставот на министерот за земјоделство, поточно дали ќе ни организира средба во Министерството за финансии, и од тоа ќе зависат нашите следни чекори. Нас субвенциите ни се сега потребни ние имаме разбирање за целата ситуација во земјава, но кога треба веќе да биде јасно и на Владата дека ова се редовни исплати. Кога има избори сите доаѓаат кај нас оти сме големо гласачко тело, а сега сите тие си земаат плата, а ние никако да ги добиеме субвенциите“, вели Љупчо Аризанов, претседател на Регионалниот сојуз на лозари.
Потпишаните налози стојат во фиоките во финансии
Речиси седум месеци исплатата на субвенциите е стопирана. Првично проблем беше членот од Изборниот законик според кој се забранува исплата на субвенции се до формирање на нова Влада. Пред околу еден месец Комисијата за спречување на корупција даде позитивно мислење дека исплатата може да продолжи односно дека не е во спротивност со Законот за спречување корупција и со Изборниот законик. Но се јавија нови пречки. Платежната агенција остана без директор, и неколку недели се бараше директорски кадар. Исплатата не се одблокира и со поставувањето на сегашниот директор Златков.
Сега проблемот е во Министерството за финансии. Директорот Златков ги потпишува налозите и ги праќа во трезор но оттаму сеуште нема дозвола за исплата. Министерството за финансии веќе две недели молчи зошто е блокирана исплатата. Дел од економистите коментираат дека исплатата е блокирана оти во Буџетот нема пари, и покрај тоа што министерот Миноски тврди дека Буџетот е ликвиден. Но неофицијално како што дознаваме и покрај тоа што Антикорупциската комисија даде зелено светло за исплата, сепак одговорните во финансии не ја одобруваат, оти стравувале дека со овој потег ќе го прекршат Изборниот законик. Според извори за Фактор не помогнале ниту напорите на министерот Миноски да ги убеди одговорните дека субвенциите треба да легнат на сметките на земјоделците.
Дел од експертите посочуваат дека антикорупционерите не може да ги толкуваат законите и да даваат само мислење, кое пак не ги штити од одговорност оние кои ќе ја потишат конечната исплата. Тоа практично би значело дека ако сега субвенциите бидат исплатени, и ако во иднина некоја институција го толкува Изборниот законик кој вели дека субвенциите не може да се исплатат пред да се формира Владата, која во моментот не е формирана, тогаш, оној кој тоа го потпишал и дозволил може да одговара, бидејќи и покрај позитивното мислење добиено од Антикорупциската комисија сепак таа не може да толкува закони.
Но, од друга страна пак од Антикорупциската комисија тврдат дека нема законска пречка за исплата на субвенциите. Претседателот на антикорупциска Игор Тантуровски вели тие стојат зад нивното мислење што го дале како комисија.
„Од наша страна ние сметавме дека субвенциите не се вонредни исплати, и дека се предвидени во планот и програмата на Агенцијата, а финансиските сресдтва се обезбедени во Буџетот, поради што нема законска пречка тие да се исплаќаат“, вели Тантуровски.
Според информациите од Платежната агенција вкупниот износ за исплата на субвенции е 92 милиони евра, сума предвидена за исплата на дел од субвенциите за 2014, 2015 и за 2016 година. Прво треба да се исплаќаат претходните години односно 2014 и 2015 година, а потоа 2016 година.
Т.С
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.