22 Септември, 2018
0.5246
    ALK 8001    -0.04%     BESK 10100    0%     CEVI 1000    0%     GRNT 820    0%     KMB 5174.73    0.16%     MPOL 314    0%     MPT 47013    -1.53%     OHB 6600    0.79%     OKTA 4296.07    0.92%     RZTK 526    0%     RZUS 108    0%     STB 1115    0.54%     STBP 1158    0.73%     TNB 14007.94    0.06%     TTK 1135    -0.03%     UNI 2307.38    -0.99%

Како Путин ќе ја „ребрендира“ Русија?

Објавено во: Анализа 19 Март, 2018

Апсолутно не е никакво изненадување дека Владимир Путин по четврти пат ќе стане претседател на Русија во една убедлива изборна победа со најмногу освоени гласови и можност да владее уште во наредните шест години. Путин кулуминацијата на својот политички проект ќе го има токму до 2024 година кога веќе ќе влезе во својата седма деценија од животот, а со Русија ќе владее веќе трета деценија. Рускиот претседател Путин главниот фокус ќе го стави кон понатамошно утврдување на новата руска доктрина, моќна и праведна држава која се бори за своите интереси и не молчи пред неправдите, стереотипите и осудите на Западот.

Владимир Путин создаде неверојатен државен систем во кој тој секако има огромна контрола, но и многу послушни државни функционери кои ја споделуваат визијата за моќна Русија, за држава која не прави компроси во својата надворешна политика, кој се повеќе се наметнува на меѓународната сцена и го зголемува бројот на сојузници, како и држава која не се плаши од никакви безбедносни закани со војска која е подготвена да принесе големи жртви за повисоките идеали.

Западот и натаму ќе го нарекува Путин диктатор кој создал коруптивно државно владеење со послушници кои за возврат добиле огромни богатство и бенефиции за приватизираните компании од енергетиката, рударството, индустријата и трговијата. 

Во САД каде има огромни внатрешни проблеми и распаѓање на сите државни вредности единствена опција за поголема кохезија е нагласувањето на Русија како некаква си злобна империја од холивудските филмови која мора по секоја цена да се доживее како надворешен непријател, наместо да се наоѓаат решенија за внатрешните проблеми меѓу кои полициското насилство, убиствата меѓу бандите и постојаниот раст на убиства од огнено оружје, потоа расизмот и ксенофобијата, засилениот национализам, верскиот радикализам, социјалната нееднаквост и тоталната корупција на политичкиот систем од моќните лоби групи и корпоративниот масакр на капитализамот. 

Затоа Путин сака да ја наметне Русија како праведен меѓународен партнер која не ги наметнува своите гледишта и идеологии или како што и самиот вели во повеќе интервјуа „Ние не извезуваме“ демократија. Најголем предизвик за Путин ќе биде домашната економија поради жестоките економски санкции од САД и Европа, но со растот на земјоделието и консолидацијата на фирмите под државна капа може да „преживее“ уште десетина години со продажбата на нафта, енергетски ресурси и секако оружје од највисока технологија. 

Во Русија се помал е и стравот дека откако Путин ќе си замине ова државно уредување едноставно ќе се урне и ќе настане нова криза како што тоа се случувало во минатото по смртта на големите лидери Ленин, Сталин, Хрушчов... Напротив, Путин тврди дека штом тој се повлече од политиката ќе дојдат нови генерации со силен патриотизам и ќе го продолжат рускиот сон за поголема меѓународна признаеност, но и просперитет, повисок стандард и безбедност за руските граѓани кои се на прво место. 

Автор: Христијан Станоевиќ