20 Април, 2024
0.0263

Како ВМРО-ДПМНЕ одговори за крвавите настани на 27 април?

Објавено во: Анализа 28 Април, 2018

Добивај вести на Viber

Претставниците на опозицијата во текот на вчерашниот ден беа прилично тивки на одбележувањето на една година од крвавиот упад во Собранието на 27 април кога беа нападнати пратеници, новинари и полицајци, а дел од нив завршија со тешки повреди. Додека претставниците на СДСМ се потсетуваа на критичните моменти од Крвавиот четврток, од ВМРО-ДПМНЕ вчера имавме „Тивок петок“. 

Опозицијата и една година подоцна не успева да пронајде начин да упати остра критика за тешките сцени кои целата јавност имаше можност да ги види во живо на телевизија и на социјалните мрежи, Маскирани напаѓачи и гневни граѓани не бираа предмети со кои удираа по блокираните пратеници, меѓу кои главна мета беа Зоран Заев и Зијадин Села. 

И натаму голем дел од јавноста смета дека постои голема вина кај членови на ВМРО-ДПМНЕ со вжештувањето на атмосферата, па и директна вина кај дел од нивните пратеници кои ги отворија собраниските врати со што овозможија многу полесно гневните демонстранти да влезат во домот на демократијата. Исто така не постои ни осуда на неделувањето на полициските сили под команда на тогашниот директор на БЈБ Митко Чавков, кој сега заедно со пратениците, организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“ и припадниците на така наречените патриотски друштва, како и членови на безбедносните сили се меѓу главните осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Од ВМРО-ДПМНЕ беше упатено само штуро соопштение и тоа како одговор на заедничката прес конференција која вчера ја одржаа премиерот Заев и спикерот Џафери. Главната порака на ВМРО-ДПМНЕ е дека се поведени политички монтирани процеси, дека се обвинети уметници, а не терористи, додека пак за „политичкото“ насилство врз Уставот со изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, не се поведени никакви правни постапки.

„Политичкиот прогон мора да запре, а власта да покаже интерес и да поведе истрага кои се луѓето под оружје што беа подготвени да пукаат во граѓаните кои со денови мирно протестираа“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во нивната реакција нема ниту еден збор со кој би се упатило ако ништо друго сочуство до луѓето кои беа нападнати и повредени, ниту пак за страшните последици кои крвавиот напад ги нанесе врз демократијата во Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и натаму продолжува со истата реторика со која дава поддршка на над 30 лица обвинети од ОЈО, а пласираат и контра теза дека на истиот ден имало „вооружени групи во Чаир и околината на Скопје“ подготвени да тргнат кон Собранието.

„Никој не спроведува истрага кои се тие вооружени групи во Чаир и во околината на Скопје, кои биле подготвени да тргнат кон Собранието? Под чија команда биле? Дали имале намера да пукаат во насобраните граѓани? Дали непостапувањето на институциите против нив, значи дека некој сеуште сака да ги има под контрола и да ги повика на оружје доколку почуствува потреба“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова тврдење можеби има делумна вистина, но на овој начин се дава и простор да се размислува дека токму на 27 април 2017 година во Македонија за влакно беше избегната граѓанска војна. Убиство на еден пратеник на тој ден ќе ја отвореше можноста за крвави судири, па дури и за прогласување вонредна состојба, распоредување на АРМ и преземање контрола над вооружените сили за да се стави контрола над една компликувана ситуација во потенцијален тотален државен хаос. 

Тоа што од ВМРО-ДПМНЕ избегнуваат да го искоментираат е дека има вистинска среќа, но и исполнување на многу околности при кои не дојде до фатални последици, а за некаква одговорност за истиот кризен настан воопшто и нема коментар за бројните членови на оваа партија кои влегоа во Собранието на „Крвавиот четврток“ и за нивната улога при насочување на маскираните напаѓачи, туку се води партиска преписка дека сега СДСМ не успева да ги одржи предизборните ветувања за „Живот за сите“. 

Х.С.