Како за две години ПиКСЕЛ стана една од најбрзорастечките компании во земјава: Македонските фотоволтаични модули кои ги препозна светот
Објавено во: Економија 22 Мај, 2020
Работи во сектор кој не е доволно развиен во земјава, но приказната на ПиКСЕЛ Груп поради тоа е инспиративна до срж. За две години почетната визија на двајцата основачи ја донесе компанијата меѓу најуспешните и најбрзорастечки со висока технологија во земјава. Почнаа како единствена фабрика за производство на фотоволтаични соларни модули – денеска по нив за Македoнија се слуша на три континенти. Димитар Ковачевски и Горан Паунов пролетта 2018 година имаа план во нивната фабрика да произведуваат фотоволтаични панели кои ќе ги инсталираат и дома и во странство. Сакале производството да е со висок квалитет, да има конкурентни цени, но и да не запрат со унапредувањето. Исполниле и повеќе од тоа... Компанијата започна со производствен капацитет од 20MW на годишно ниво, кој во првата година со дополнителна инвестиција беше зголемен на 55 MW, а бројот на вработени порасна на 25.
Чувството кога сте во погоните на ПиКСЕЛ Груп навистина е дека овде приказната е успешна. Панелите се произведуваат на машини од врвни светски производители - Radiant, Siemens, Busch, Panasonic и Sunny World, а сите вработени поминале врвна обука за работа и тоа од експерти од Хонг Конг, Кина, Бугарија, Шпанија и Германија. Производите се сертифицирани со највисоките стандарди. На патот имало и предизвици.
„Во една реченица, се што е меинстрим на светскиот пазар веќе се произведува во нашата фабрика, а нашата конкурентност ја потврдивме со тоа што на почетокот на оваа година имавме штанд на врвниот саем Genera во Мадрид, а веќе имаме закупено штанд на најпрестижниот светски саем за соларна енергија и фотоволтаици Intersolar во Минхен каде ќе ги изложиме нашите производи со сите други реномирани светски производители.Патот не беше лесен воопшто, се работеше напорно, често и по 15 часа на ден, но врз основа на висок професионализам и посветеност на менаџерскиот тим, вработените и ангажираните странски експерти сите овие стандарди и проширување на капацитетот беа направени за релативно кратко време согласно поставените цели и планови, вели Ковачевски.
Фотоволтаичните системи најдобри за компании кои работат преку ден
Македонија е една од земјите во светот која заедно со Калифорнија во САД ги има најдобрите услови за производство на електрична енергија од сонцето – поради бројот на сончеви денови, нивото на сончева радијација и надморската височина кои играат улога во ефикасноста на соларните централи. Впрочем не случајно ние сме земја на сонцето.
Генералниот директор Паунов вели дека енергетските инвестиции во принцип се скапи, но на долг рок се најмногу исплатливи. Цената на струјата во изминативе 15 години е во постојан раст, не само кај нас, туку и на глобално ниво. Последните години кај нас речиси секоја година се зголемуваше од 10 до 16 отсто на годишно ниво, па секоја инвестиција за поставување фотоволтаичен систем за сопствени потреби значи инвестиција во производство на сопствена енергија, која се заменува со енергијата што би ја купиле од снабдувачот.
„Тоа значи дека фотоволтаичните системи се најдоброто решение за сите компании кои што работат преку ден, што се поклопува со дневната анвелопа на сонцето. Тогаш има идеално искористување на ваквиот систем, па тие инвестиции имаат релативно брз поврат од пет до шест години. Дури и во најпесимистичките сценарија, повратот на инвестицијата од ваков вид не е подолг од седум до седум ипол години, што за енергетски проекти се води како многу разумен и исплатлив. Во однос на законската регулатива се направија промени кои направија позитивен исчекор во оваа област, но факт е дека Правилникот кој што ја регулира оваа проблематика, освен што ги проби сите рокови за негово донесување, не ги преточи во пракса вистинските потреби, туку креираше ограничувања. Доколку сакаме максимално да го искористиме она што најмногу го имаме, а тоа е сонцето, треба да се направат промени во однос на овозможување на домаќинствата и компаниите без ограничувања и административни пречки да направат и да поврзат соларна централа на своите кровови, вели Паунов.
Вели и дека ова треба да биде императив за нашата земја. Во Бугарија има околу 1.200 MW инсталиран капацитет во ФВ системи, а оваа земја е само 3,5 пати поголема од Македонија. Во Грција до лани имаше 2.400 MW и се уште интензивно се гради, Албанија има околу 80 MW, а Македонија само скромни 30 MW.
Соработка со светски познати компании
Инаку ПиКСЕЛ во овие две години соработува со компании на двете страни од ланецот на снабдување. Се набавува од најдобрите светски производители на соларни ќелии и останати материјали и компоненти неопходни за производство на финални производи со врвен квалитет. Меѓу нив и Lightway, една од најголемите компании за производство на соларни ќелии според рангирањето на Bloomberg, како и компаниите LUX S.L.R од Италија, Dunmore Europe GmbH, Vistasolar од Германија кои се водечки светски компании за производство на материјали за ФВ панели.
Стратешки партнер е и компанијата Just Solar од Шангај, која е една од водечките светски компании во оваа индустрија. Преку неа ПиКСЕЛ има лесен и постојан пристап до најновите технологии, машини и материјали. А панелите с епродаваат не само дома, туку и надвор. Веќе купиле Витаминка, Макпрогрес, Макс, Фудбалска Федерација на Македонија, АгроГама, Мактоис, Фротирка, Палтекс, Алпинком, Европа 92, АБМГ, Фикопласт, Биросеф и многу други кои произведуваат електрична енергија преку панелите произведени во ПиКСЕЛ Груп. Паунов вели дека значаен е и проектот финансиран од Светска банка за поставување на ФВ системи на 104 училишта во помалку развиените подрачја во државата. За само три месеци испорачале и монтирале 1,8 MW ФВ панели, произведени во ПиКСЕЛ, во 34 општини во Македонија.
„Можеме да се пофалиме дека во изминатиот период во нашата земја се инсталирани и пуштени во употреба соларни централи со моќност над 10 MW произведени во нашата фабрика што е 50% од досегашниот вкупен во сите изминати години инсталиран капацитет во земјата. Во однос на странските пазари, преку нашиот партнер Energize, водечка компанија за инсталација на соларни енергетски системи во Србија, веќе испорачавме панели кои се инсталирани кај српски инеститори, а ПиКСЕЛ панелите може да се купат и преку нашите застапници во Албанија, Романија, Косово, Бугарија и други земји. Истовремено Suncell од Швајцарија, компанија за имплементација на BAPV и BIPV системи и уникатни разнобојни ФВ панели наменети за швајцарскиот и пазарот на ЕУ одлучи развојот и производството на своите нови производи да го довери на ПиКСЕЛ, вели Паунов.
Кризата надеж за подобри времиња
Додава дека имале среќа да најдат добри работници, поголемиот број од нив се млади високообразовани и обучени луѓе. За кратко навлегле во производствениот процес и со нив за неполни две години успеале да произведуваме ФВ панели кои што по сите параметри воопшто не отстапуваат од она што се нуди на светскиот пазар. Вели дека не сака да звучи нескромно, но во некои работи имаат и подобри перформанси од повеќе компании кои што се многу поодамна на пазарот од нив.
Сега функционираат во едни од насјпецифичните услови за човештвото воопшто но и за компаниите и економијата. Велат дека таа индустрија беше една од најпогодените од кризата, со оглед на тоа што се нарушле каналите на снабдување и голем број инвеститори ги откажале, односно ги одложиле своите нарачки. Сепак очекуваат по стивнувањето на кризата, на компаниите кои имаат долгорочни планови и визии, приоритет да им биде инвестирањето во фотоволтаични системи. Во ПиКСЕЛ велат дека се подготвени да одговорат на побарувачката и во земјата и надвор од неа.
„Кризата исто така влијае и на самиот процес на производство и заштитата на здравјето на вработените во компанијата. Ние за кратко време го прилагодивме работењето согласно сите препораки од надлежните институции во делот на обезбедување на средства за заштита, дезинфекција како и обезбедување на соодветна дистанца помеѓу работните позиции. Покрај мерките на Владата за справување со кризата би сакале да ја истакнеме и поздравиме и улогата на Стопанската Комора на Македонија која во секој момент го следеше влијанието на кризата врз бизнисот, ги артикулираше потребите на компаниите преку постојана и непосреднакомуникација и работеше на отворање на транспортните коридори, вели Ковачевски.
Соларни системи за училишта обуки за ученици
Во компанијата се особено горди што освен што растеле успеале тоа на некаков начин да со направат корисно и за државата, па најсовремената технологија со која располагале ја направиле достапна на голем број средни училишта и универзитети чии ученици и студенти имаат можност своите теориски знаења практично да ги видат во нашата компанија.
„Веќе потпишавме договори за соработка и со средни училишта и сакаме да ја истакнеме посветеноста на директорот и наставниот кадар по физика на Гимназијата Георги Димитров од Скопје кои заедно со нас им овозможија на нивните ученици да работат на проекти и практична настава во нашата фабрика. Круната на таа соработка ќе биде наша донација на соларен систем кој ќе биде инсталиран во дворот на гимназијата и каде учениците ќе можат покрај теоретски и практично да се запознаат со начинот на функционирање на соларната технологија. Исто така на соларни системи произведени во нашата фабрика и учениците во средните училишта Михајло Пупин и Владо Тасевски во Скопје можат од близу да се запознаат со нивното функционирање.
Покрај подршката на образованието горди сме што сме спонозори на Одбојкарската Федерација на Македонија и дел од една од најуспешните македонски спортски репрезентации, заклучуваат Ковачевски и Паунов.
Александра Томиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.