04 Декември, 2024
0.0257

Како земјоделците полесно да дојдат до европските пари од ИПАРД?

Објавено во: Агробизнис 19 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Новите измени во ИПАРД Програмата нема долгорочно да го зголемат интересот кај земјоделците и бројот на поднесени барања, сметаат дел од консултантските куќи кои им помагаат на земјоделците во изработката на проектите за аплицирање за европските фондови. Според нивните проценки од почетокот на ИПАРД Програмата, кај земјоделците секогаш постоел интерес, но мал број од нив се одлучувале да аплицираат.
- Може да се очекува дека измените во ИПАРД програмата краткорочно ќе придонесат кон зголемување на интересот кај земјоделците. Ова особено се однесува на механизацијата. Досегашното искуство од Националната програма за рурален развој покажа дека интересот за трактори е особено голем и реално може да се очекува ваквиот интерес да продолжи и во ИПАРД Програмата. Сепак, сметам дека ова не се клучните причини за малата искористеност на ИПАРД фондовите и долгорочно гледано, не очекувам дека овие измени ќе придонесат кон драстично зголемување, но и константност во бројот на поднесени барања и апликанти, вели Лазо Димитров, генерален менаџер во Тера Консалтинг – компанија за консултантски услуги во земјоделството и руралниот развој.
Владата со новите измени очекува, во следниот период да има 1.000 нови апликанти за ИПАРД средствата. Дел од измените освен за можноста за аплицирање за модерни трактори, се однесуваат на промение на границата за аплицирање што овозможува ИПАРД барања да поднесуваат и поситните земјоделци, зголемена е сумата за поголемите проекти, изградба на нови оранжерии, а намалени се и дозволените трошоци при иинвестицијата. Новиот оглас се очекува да се објави на почетокот на јуни годинава.
- Можностите се сега многу поголеми. За оние кои сакаат да изградат нови оранжерии границата на дозволени трошоци е подигната на повеќе од 2 милиона евра. Ќе може да се користат и средства за изградба на нови објекти во руралните средини со капацитет до 30 соби и 70 легла во насока на развој на туризмот и нови вработувања за што сметаме дека ќе има голем интерес. Оттука, очекуваме на наредните огласи да се јават поголем број апликанти и искористеноста на средствата да биде многу поголема- изјави заменик министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски.
Од Федерацијата на фармери велат дека голем од промените кои ги барале ИПАРД Комитетот ги прифатил.
- Значајна промена е прифаќањето на земјоделската механизација во прогрмата. Тоа ќе им овозможи на фармерите да аплицираат за современи трактори. Дозоволни се нови инвестиции односно изградба на на нови објекти, направена е промена на праговите за минимален број на животни, и сметаме дека  сите тие измени ќе доведат до зголемување на бројот на апликации, че се зголеми интересот  за мерките. Парите од европските фондови се важни за поголемо модернизирање на земјоделките стопанства, и на тој начин доближување до европските стандарди, вели Андреја Секуловски, претседател на ФФРМ .
Кои беа клучните причини за слабиот одзив на огласите?   Досега, бројот на апликации беше прилично низок, од 70 до 90 апликанти по јавен повик. Дел од причините за ваквиот слаб одзив на огласите, консултантите ги лоцираат во слабата транспарантеност и отчет на Агенцијата за финансиска поддршка на  земјоделството и руралниот развој, голем број одбиени барања за ИПАРД Програмата, но и големиот број на раскината договори и барања за враќање на земените средства.
- Се ова придонесе кон резервираност и скептичност кон целата ИПАРД програма и перцепција дека скоро е невозможно или многу ризично да се користат средствата. Во исто време, слабата транспарентност и отчет на платежната агенција само придонесува кон  одржувањето на ваквата негативна перцепција за целата програма. Агенцијата треба и понатаму да работи на градење и јакнење на капацитетот на своите вработени и административната екипираност.  Може да се каже дека Агенцијата има потреба од поголема експертиза, практично искуство, но и поголемо разбирање на проектите и инвестициите кои се одобруваат. ИПАРД програмата има многу критериуми, административни процедури и постапки кои треба да се запазат и исполнат. Но мислам дека ова не е најголемата препрека. Еден од главните проблеми е како се толкуваат, разбираат и применуваат одредени постапки, процедури и критериуми во процесот на ревидирање и одобрување на апликациите. Во многу случаи постои недореченост и непрецизност на постапките, процедурите и критериумите. За жал ваквата недореченост најчесто придонесува за различно и субјективно толкување на критериумите и процедурите од различни вработени во Агенцијата во зависност од нивното образование, експертиза и практично искуство, објаснува Димитров.
Консултантите порачуваат дека е важно вработените во Агенцијата да го разберат процесот и проблемите со кои се соочуваат апликантите во обезбедување на документацијата и исполнувањето на условите, активно да ги поддржат во надминување на овие проблеми, но и перманентно да се алармираат и да се залагаат за промена на постапките и процедурите кои се наложени од ЕУ, а воопшто не е возможно да се применат во наши услови. Да се поедностави процедурата Токму на овие работи постојано се жалеа и земјоделците, кои алармираа дека се соочуваат со низа административни пречки. ОД ФФРМ предлагаат да се изработи брошура во која детално ќе бидат објаснети сите ставки од формуларите потребни за аплицирање.
- Имаше доста лоши толкувања на одредени одредби во самите формулари, поради што инсистиравме кај ИПАРД Комитетот да се изготви една брошура со толкување на сите ставки за подобро разбирање на самите апликанти и да нема двосмилеснот на термините, така подобро ќе се насочуваат самите земјоделци за тоа како ако подобро да искористуваат парите од европските фондови. Ние како ФФРМ ја имаме улога за што поголема опфатеност на сите земјоделци и нивна информираност. Она што го воочивме од сите 4 повици, е дека сеуште во  има голем број на неинформирани земјоделци,  за кои ние сите активности ги  насочуваме поблиску да ги запознаеме со придобивките од овие фонодви. Во исто време реагираме и кај државните институции, односно  секаде каде што гледаме дека има слаби точки, недоречености и неможности да се дојде до одредени одредени докменти кои се од различни природа. Земјоделците се соочија со многу новитети, нови законски измени, регулативи , прилагодувања, и  реално е во топлку краток рок да не можат се да апсолвират, но затоа треба да помогне администрацијата во Платежната агенција, ние како ФФРМ, консултантските куќи-објаснува Андрија Секуловски, претседател на Федерацијата.
Од ФФРМ велат дека и во следниот период ќе работат на добивањето на кредити со ниски каматни стапки за евидентираните земјоделци. Како што објаснуваат тие постојано инситираат земјоделците да можат да остварат кредитни линии со кои што ќе можат да ја исплатат вкупната сума од апликацијата за ИПАРД Прогрмата, со што во тој период би добиле кредити со помали каматни стапки. Од  консултанстката куќа “Тера консалтинг”, сметаат дека институциите премногу чекаа со доставувањето до ЕУ и барањето за измени во ИПАРД програмата. Тие пораќуваат дека во иднина потребно е веднаш да се реагира при првото констатирање на проблем и веднаш да се бара промена и измена во програмата или процедурите, наместо да се чека да се соберат поголем број на барања, и  да се зголеми транспарентноста и достапноста на информации, да се зајакне системот за следење и проценка на ефектите од програмата, со цел подобро да се идентификуваат проблемите и препреките, а со тоа и да се изнајдат решенија за нивно надминување. Дел од европските пари најверојатно ќе пропаднат Дел од парите од европските фондови наменети за развој на македонскиот аграр, ќе пропаднат, а дел според европските законски регулативи ќе се префрлат во новата ИПАРД Програма. Ваквите инфомрации пред извесен период ги потврдија и од Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој, но од таму не кажаа за колкава сума станува збор. Точниот износ на парите што Македонија не успеја да ги искористи, наскоро и официјално ќе го објави Европската Унија. Според проценките на  консултанстките компании, се работи за близу 40 милиони евра, пари од европските фондови наменети за модернизирање на македонскиот аграр. Овие   пари беа предвидени со ИПАРД  Програмата од буџетот за 2009 година, кои согласно европските регулативи требаше да се искористат во следните три години, односно до крајот на минататаа годин
-Досега се реализирани околу 3 милиони евра. На Македонија и остануваат неколку десетици милиони евра од ИПАРД периодот 2012/13 година, како и сумата од изминатиот период која се префрла со одредени правила на ЕУ. Можно е дел од парите да бидат загубени, но треба да се има во предвид дека во тек  е креирањето на ИПАРД 2 каде интерактивно соработуваме во однос на мерките и начинот на аплицирање- изјави пред две недели директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развојТони  Димовски.
ИПАРД Програмата во Македонија се акредитираше во 2009 година. Досега се објавени седум огласи. Од шест јавни повици склучени се 167 договори за користење на дел од европските пари, во вкупна сума на инвестиции од 15.3 милиони евра или нешто повеќе од 7.7 милиони евра ко-финансирана сума. Агенцијата често објавуваше огласи, акредитираше нови мерки за привлекување на интересот на земјоделиците и агробизнисмените, но залудно, голем дел од парите и останаа неискористени. Ј.С

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.