18 Април, 2024
0.0230

Каков ќе биде крајот на Големиот Експеримент?

Објавено во: Анализа 19 Март, 2013

Добивај вести на Viber

Едно од најинтересните прашања кое се отвара за време на оваа голема финансиска криза е тоа дали на светот му е потребна промена на монетарниот систем, или ќе може да функционираме на овој начин уште некое време. Без да ве заморуваме премногу, можеме да заклучиме дека низ историјата монетарниот систем на светот се менувал. Ниту еден начин на плаќање не останал вечен, па така секогаш кога луѓето наоѓале нешто што им се гледало подобро го менувале. Без дилема и овој монетарен систем во некоја точка ќе биде променет. Тешко е да се каже дали е добро да си сведок на тој процес или подобро е тоа да се случува во време на некои други генерации.

Во основа монетарниот систем денеска е базиран на доверба. Луѓето веруваат во парчиња хартија позади кои стои зборот на оние кои ги издаваат тие хартии. Низ годиниве Американците станале светска сила на која најмногу и се верува и која успеала својата валута да ја наметне како хартија во која се има најмногу доверба и која другите меѓусебно ја користат за подмирување на обврските. Ова и овозможило на Америка да се задолжува во нејзината домашна валута и постојано да си ги финансира своите потреби. Но што ако ви требаат толку многу пари, што нема кој да ви ги купи? Има решение. Централната Банка на САД или Федералните резерви се најголемите доверители на самата земја. Значи, не Кинезите, не Јапонците или Германците туку самите Американци си се најголеми доверители. Во основа системот фунционира на тој начин што министерството за финасии на САД издава обврзници, а Федералните Резерви истите ги купуваат со.........пари создадени од воздух. Вистинска алхемија која ги придвижува пазарите. На тој начин Федералните Резерви собираат разни активи во своите биланси (обрзници, хипотеки, токсични акции и сл) кои ги плаќаат со...веќе погодувате,воздух. Интересно моделот функционира беспрекорно добро и денеска. Резултатите на САД се неоспорни. Од големите економии, опоравувањето е најдобро, невработеноста е во постојан пад и да не одиме во детали генаралните макро показатели се одлични. Со оглед на тоа дека ФЕДот (меѓу другите) е купец на американските обврзници, нивните приноси се мали, што ги прави акциите многу атрактивни, а со оглед на тоа дека од вредноста на акциите зависи добробитот на жителите на САД кога акциите растат и тие се чувствуваат добро и трошат, а кога тие трошат БДП расте и парата се врти и Бернанке може да биде среќен. Сепак дури и самиот Бернанке знае дека процесот не може да трае вечно со оглед на тоа дека во билансот собрал скоро три трилиони долари, а владата на САД во 2012 година има буџетски дефицит колку Грција. Бернанке се надева дека трошењето ќе успее да ја направи економијата доволно јака, за да може да го апсорбира зголемувањето на каматните стапки и намалувањето на трошоците кое владата кога тогаш ќе мора да го превземе. Впрочем ,гледајќи ги досегашните резултати, одлука на овој начин да и се помогне на економијата делува исправно. Големиот проблем е што работите не одат така брзо како што требат да одат и некои луѓе стануваат нервозни. Во наредните пет години САД ќе треба да остварува примарен суфицит од 8% во буџетот, додека во наредните пет од 4%, за да дојдат до нивото на јавен долг од 2007 година. Десет години примерен суфицит, за да дојдете до ниво од 2007. Тоа ќе биде ѓаволски тешко, да не речеме невозможно. Од друга страна ситуацијата можеби е уште полоша во Европа, која пред некое време преку операции на ЕЦБ се обиде да го примени моделот на ФЕД, во некоја европска верзија. Билансот на ЕЦБ во овој момент тежи скоро четири трилиони долари и е голем скоро колку една третина од економијата на еврозоната. Сепак и покрај растот на билансот на ЕЦБ, работите не функционираат така добро како во САД. Се чини дека ефектите од спасувањето на банките во САД, многу брзо се прели во реалниот сектор, додека ефектите од спасувањето на банките во Европа никако да се почувствува во полна сила во цела Европа. Тука доаѓаме и до вториот проблем на ЕУ,а тоа е немањето на слобода во одлучување. Па така иако грчките банки беа спасени, а и грчката држава исто така, економијата тоне во амбис од кој дури сега после шест години рецесија се гледа некое светло. Таква е ситуацијата по целиот југ на Европа, каде парите од ЕЦБ одат во банките со цел да се спаси еврото, додека самите економии, никако да почнат да функционираат. Нормално во таква ситуација најмногу се снаоѓа Германија која е далеку најдисциплинирана земја во Еврозоната и која со оглед на бенефитите кои ги има ќе се бори најмногу за да ја задржи Европа во еден дел. Значи Европа троши дури и повеќе од САД, но поради различниот пристап ефектите засега не се така силно изразени. Во целава приказна на кратко ќе ја споменеме и големата Јапонија, која влегува во огромно стимулирање на економијата преку моделот на печатење на пари по принцип на САД. Фактот дека резулатите на Јапонија се слични како оние на САД ,покажува дека моделот многу подобро функционира во држава, за разлика од систем како ЕУ каде владее големо разгласие. Во моментов во светот има многу пари и два модели на справување со кризата. Еден со кратење на трошоци и еден со стимулација. Исто така факт е дека моделот на стимулација многу подобро функционира, но главен проблем е што во оној момент кога крајот ќе дојде (а мора да дојде), каматите ќе почнат да растат и тогаш доколку светот биде неспремен ќе биде страшно. Па така најверојатно во некоја средна иднина можни ќе бидат две сценарија од оваа криза и двете веројатно ќе доведат до промена на монетарниот систем. Прашањето е дали таа транзиција ќе заврши со уште поголемо интерирање на валутниот систем во светот или ќе доживееме распад на овој модел и нешто сосема ново. Втората варијанта неминовно ќе биде многу поболна, но можеби на крајот ќе произлезе нешто подобро. Денеска, без доволно информации тешко е да се каже што е поверојатно. Милан Димитриоски

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

СКИЈАЊЕТО ЗАМИНУВА ВО ИСТОРИЈАТА: По две топли зими планинскиот туризам е во сериозна криза

СКИЈАЊЕТО ЗАМИНУВА ВО ИСТОРИЈАТА: По две топли зими планинскиот туризам е во сериозна криза