Какви последици ќе остави ќотекот за Јанакиески и Ристовски?
Објавено во: Македонија 22 Февруари, 2019
Нападот врз двајцата поранешни министри од ВМРО-ДПМНЕ предизвика нови турбуленции во наелектризираната политичка состојба. Опозицијата е гневна зошто Јанакиески и Ристовски се тепани во притворското одделение на затворот „Шутка“ од страна на двајца осудени за терористичките напади во кумановско Диво Насеље.
Сосема разбирливо е да се поврзе овој настан со азилот на Груевски во Унгарија кој сега ќе има нови аргументи пред властите на Орбан дека доколку биде екстрадиран нема да биде безбеден во затвор. Да потсетиме дека по новите наоди на јавното обвинителство за „Крвавиот четврток“ Министерството за правда повторно ќе бара враќање на бегалецот и екс премиер за да одговора пред судот и за наводно организирање и нарачување на упадот во Собранието на 27 април.
Јавноста повторно е сведок на насилство во високата политика кое создава чувство на несигурност, на нови поделби и продлабочување на омразата базирана на партиска, но и на етничка основа. Ваков инцидент е лош почеток на претстојната изборна кампања во која реториката на спротиставеност и меѓусебни обвинувања само ќе се зголемува. Исто така последици ќе претрпат и институциите на власта, особено во правосудството каде довербата на граѓаните е се помала.
Затворските власти вклучувајќи го директорот Ѓоко Котевски упатија силна осуда за инцидентот и порачаа дека ќе биде спроведена целосна истрага за да се утврди одговорност. Котевски и за Фактор пренесе дека нема скршеници кај Јанакиески, но дека насилство нема да се толерира и најостро ќе се санкционира.
Според службите на затворот најпрво Спиро Ристоски започнал вербална расправа со еден од осомничените за нападот, а потоа дека и Јанакиески се расправал со другиот напаѓач. Екс министерот за транспорт побарал дополнителна медицинска помош, а по прегледот во градската болница „8 септември“ е вратен во притвор.
„Истражниот затвор ќе ги преземе сите мерки и активности извршителите на физичко насилство да бидат соодветно санкционирани и во иднина, како и денес, ќе продолжи да постапува професионално и според сите мерки за безбедност предвидени во вакви ситуации. Нападнатите лица ќе бидат понатаму згрижени и заштитени без опасност по нив, согласно процедурите на установата“ велат од затворот Скопје.
Христијан Мицкоски со членови на ВМРО-ДПМНЕ вчера се обиде и да влезе во посета на Јанакиески но, не му беше дозволено од страна на болницата. Потоа порача дека власта не успеала да ги заштити притворениците и побара оставки од Заев, Спасовски и Тренеска Дескоска.
„Веднаш оставка од овие луѓе, формирање на влада за спас на Македонија и веднаш ВМРО-ДПМНЕ ќе ги информира меѓународниот фактор, ќе го информира Комитетот за заштита и превенција од тортура при Советот на Европа и сите релевантни меѓународни институции. Рацете на Зоран Заев се крвави и не постои вода која што ќе може во периодот што следува да ги испере. Срамота и навистина ако е ова примерот на демократските институции, ако ова е животот кој што се донесе во Република Македонија, нека им служи на чест“, изјави Мицкоски.
За владејачката СДСМ пак, сценариото во притворското одделение е дело на опозицијата која сака нови тензии и кризи.
„Мицкоски и Груевски очајно се обидуваат преку нови насилнички сценарија да ја дефокусираат јавноста од водечката улога на врвот на ВМРО-ДПМНЕ, како осимничен организатор за насилствата на крвавиот 27-ми април“ изјави Костадинов портпаролот на СДСМ.
Иванка Василевска, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ пак смета дека ова е наместено поради бегството на Груевски.
„Вакви холивудски местенки, ваква парада, во ситуација кога ниеден фактор во државата не работи за доброто на граѓаните, оваа анархија, мора да биде сопрена. Што е ова сега? Го пуштивте екс премиерот да избега, за сега да го тормозите неговото робје“, напиша Василевска на Фејсбук.
Дека постојат можности за нови провокации и судири, пренесува порталот Fakte за наводна изјава на Красниќи, познат како командат Малишева кој вели дека секој политичар кој им ја поставил „стапицата“ за да лежат во затвор ќе биде претепан ако падне во рацете на нивната група. Малишева претходно за друг медиум тврдеше и дека во ќелиите влегле маскирани припадници но, без униформи за да отстранат нивно знаме и дека дошло до турканици. За тој инцидент од канцеларијата на Народниот правобранител посочија дека добиле информација од затворските власти за извршена рација за наоѓање на забранети предмети при што биле одземени телефони.
Инцидентот се надоврза на започнатата реторика на опозицискиот лидер Мицкоски кој на денот на приведувањето на сопартијците велеше дека Заев „нарачува убиства“. За ваквите јавни обвинувања премиерот посочи дека размислува да го тужи противникот. Сега, сцената е поставена за прогласување политички жртви и нов наводно насилен режим на владеење кој се справува со неистомислениците. Затоа мора да се врати довербата во институциите дека нема никаков простор за реализација на нови крвави сценарија.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.