05 Јануари, 2025
0.0303

КАКВО НИВО НА АНГЛИСКИ ЌЕ ТРЕБА ДА ЗНАЕ ДИРЕКТОРОТ НА БИРОТО ЗА ЈАВНА БЕЗБЕДНОСТ - ќе се менува законот за Полиција, еве што е предвидено

Објавено во: Економија 03 Јануари, 2025

Добивај вести на Viber

Министерството за внатрешни работи веќе подготвило измени на Законот за полиција, а нивниот нацрт е поставен на националната платформа ЕНЕР.

Крајниот рок до кога треба да биде готов законот е 31 јануари, по што треба да се даде на разгледување пред народните избраници. 

Од МВР во нацрт законот и во документите кои го следат не даваат некои прецизни детали зошто тие се носат, освен што се презентирани неколку општи образложенија. Како на пример дека „измените се во насока на усогласување со Законот за внатрешни работи, со цел хармонизирање на прописите во надлежност на МВР и надминување на недоследностите на конкретни законски решенија“, како и дека „се врши унапредување на законските решенија во насока на подобрување на функционирањето на определени процеси во Министерството кои се регулираат со Законот за полиција“.

Но, гледајќи ги измените на членовите што се предлагаат, и правејќи споредба како сега изгледа Законот за полиција, се поставува дилемата дали можеби со измените се „омекнува“ еден од условите кои треба да ги исполнува директорот на Бирото за јавна безбедност. Односно, новина ќе биде тоа што директорот на Бирото ќе треба да поседува сертификат за познавање на англиски јазик на нивото Б2, но не меѓународно признат сертификат за познавање на англискиот јазик. 

Значи, во планираните измени се наведува дека директорот на БЈБ ќе треба да има сертификат или уверение со кое се потврдува познавањето на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија, односно англиски, француски или германски „на најмалку ниво Б2“. А, како што е познато, под Б2 се подразбира повисоко средно ниво на познавање на јазикот, односно течно говорење на англиски јазик и тоа за најразлични теми. 

Додека, пак, со сесашниот Закон за полиција, директорот на БЈБ треба да поседува еден од следните меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик, не постар од пет години, и тоа ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 74 бода, ИЕЛТС - најмалку 6 бода, ИЛЕЦ (Cambridge English: Legal) - најмалку Б2 ниво, ФЦЕ (Cambridge English: First) – положен, БУЛАТС - најмалку 60 бода или АПТИС - најмалку ниво Б2.

А, како што е познато, во земјава пред извесен период се крена многу прав токму околу сертификатот за познавање на англиски на еден друг директор, односно директорот на Агенцијата за национална безбедност АНА, Бојан Христовски, за кој се проблематизираше токму сертификатот ТОЕФЕЛ ИБТ, издаден во Пловдив, Бугарија. 

Инаку, за директорот на БЈБ ќе има и други промени во Законот за полиција, кои, пак, упатуваат на заострување на критериумите. Тој ќе треба да има повисоко образование, и да биде најмалку магистер, за разлика од сега кога е доволно високо образование. 

Односно по ново, тој ќе треба да има образование најмалку 300 кредити според ЕКТС или завршен најмалку VII/2 степен на образование од областа на општествените науки, додека сега мора да има најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен. 

Понатаму, заострување има и во делот на искуството, па по ново директорот на Бирото ќе треба да има најмалку 12 години работно искуство во полициските работи, од кои најмалку пет години на раководни или советодавни позиции, додека по старо се потребни само пет години работно искуство. 

Исто така, ако се усвојатаво оваа форма, измените ќе предвидуваат дека функцијата на директорот пред истекот на мандатот престанува по следните основи и тоа на негово барање, ако ги исполни условите за пензија, ако со правосилна судска пресуда му е изречена казна за сторено кривично дело за кое се гони по службена должност или по предлог, кое го прави недостоен за вршење на функцијата и ако трајно ја изгуби способноста за вршење на функцијата.

Предвидени се и основи за разрешување на директорот пред истекот на мандатот, и тоа ако против него е поведена истражна постапка кога постои основано сомневање дека сторил кривично дело за кое се гони по службена должност или по предлог, кое го прави недостоен за вршење на функцијата, потоа ако нестручно и несовесно ја извршува функцијата, и ако не постапи согласно одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Во сегашниот закон, пак, само стои дека „директорот може да биде разрешен по негово барање, кога е осуден за сторено казниво дело на казна затвор од најмалку шест месеца или заради несовесно и нестручно вршење на работати“, а треба и да „не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност“. 

Што носат понатаму нацрт законските измени, а кои сега се однесуваат на условите кои треба да ги исполнуваат началниците на секторите за внатрешни работи. 

Имено, избришан е еден услов кој досега морал да го исполнува началникот, а тоа е да имал работно искуство во Полицијата најмалку од шест години, од кои четири години на раководно работно место.  Остануваат условите дека началникот треба да има завршено соодветно високо образование, а него го назначува и рарешува министерот од редот на вработените, во транспарентна постапка. 

Се менува и бројот на полициски станици од општа надлежност, па по ново ќе бидат 40, наместо 38 како досега, така што полициската станица Бит пазар сега се дели на две полициски станици и тоа Бутел и Сарај. Со измените ќе се избришат две одредници, а тие се однесуваат на формирањето на регионални центри за гранични работи, а кои се наменети за вршење на полициските работи што се однесуваат на гранични проверки и граничен надзор, со кои раководи началник, а кој требаше да исполнува одредени услови. 

Со измените е предвидено дека „полицискиот службеник ќе биде овластен да носи оружје и други средства за присилба, но во случај кога е пријавено односно кога е добиено сознание за сторено кривично дело со употреба на оружје од страна на полициски службеник, организациската единица надлежна за внатрешна контрола во Министерството презема мерки согласно закон и изготвува извештај во кој се произнесува во однос на прашањето дали е потребно времено да се одземе од полицискиот службеник службеното оружје и муницијата. 

Исто така, со измените, за некој да стане полициски службеник се предвидува, покрај другите услови, и условот да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија и да има положено тест за интегритет.

Со измените е предвидено и дека ќе се избрише членот кој предвидува „при вработувањето во Полицијата треба да бидат соодветно и правично застапени граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, со почитување на критериумите на стручност и компетентност и при вработувањето во Полицијата да се почитува принципот на еднаквост на половите“. Тоа е веројатно поради укинување на балансерот. 

За овие законски измени е предвидено да стапат во сила осмиот ден од објавувањето во Службен весник, а ќе почнат да се применуваат од 1 март 2026 година. 

Инаку, почнувајчи од јуни 2024 година, директор на Бирото за јавна безбедност е Александар Јанев.

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

САД, ГЕРМАНИЈА, ИТАЛИЈА: Кои десет земји складираа најмногу злато?

САД, ГЕРМАНИЈА, ИТАЛИЈА: Кои десет земји складираа најмногу злато?

И ПЕНЗИОНЕРИТЕ ВО ЕУ РАБОТАТ: Во некои земји од задоволство, во други поради потреба од финансии

И ПЕНЗИОНЕРИТЕ ВО ЕУ РАБОТАТ: Во некои земји од задоволство, во други поради потреба од финансии

„НЕ МОЖЕ ГЕРМАНИЈА ДА ОТПУШТА 70.000 РАБОТНИЦИ, А КАЈ НАС СЀ ДА БИДЕ ТАМАН“ - Вучиќ за отказите во автомобилската индустрија во Србија

„НЕ МОЖЕ ГЕРМАНИЈА ДА ОТПУШТА 70.000 РАБОТНИЦИ, А КАЈ НАС СЀ ДА БИДЕ ТАМАН“ - Вучиќ за отказите во автомобилската индустрија во Србија

ОВА И ПОНАТАМУ Е НАЈБАРАНОТО ЗАНИМАЊЕ ВО ХРВАТСКА - нема промени веќе една година

ОВА И ПОНАТАМУ Е НАЈБАРАНОТО ЗАНИМАЊЕ ВО ХРВАТСКА - нема промени веќе една година

НОВИ ПРАВИЛА ЗА ОНИЕ КОИ ПАТУВААТ ВО ГРЦИЈА - од оваа година ќе се плаќаат повисоки такси, некаде ќе се движат и до 20 евра

НОВИ ПРАВИЛА ЗА ОНИЕ КОИ ПАТУВААТ ВО ГРЦИЈА - од оваа година ќе се плаќаат повисоки такси, некаде ќе се движат и до 20 евра

ПРОИЗВОДИТЕЛИ, ДОБАВУВАЧИ, ТРГОВЦИ - ВНИМАВАЈТЕ: Дојде времето на казни, нефер трговските практики ќе се казнуваат и до 20 илјади евра

ПРОИЗВОДИТЕЛИ, ДОБАВУВАЧИ, ТРГОВЦИ - ВНИМАВАЈТЕ: Дојде времето на казни, нефер трговските практики ќе се казнуваат и до 20 илјади евра

СРПСКАТА НАФТЕНА ИНДУСТРИЈА НА УДАР: САД ќе воведат сеопфатни санкции за НИС

СРПСКАТА НАФТЕНА ИНДУСТРИЈА НА УДАР: САД ќе воведат сеопфатни санкции за НИС

КОЛКУ ЧИНИ СРЕЌАТА ВО ГЕРМАНИЈА? - според нова студија, еве колку треба да заработувате за да бидете среќни

КОЛКУ ЧИНИ СРЕЌАТА ВО ГЕРМАНИЈА? - според нова студија, еве колку треба да заработувате за да бидете среќни

Андоновски: Од овој месец печатените електронски документи се признаваат како оригинални

Андоновски: Од овој месец печатените електронски документи се признаваат како оригинални