26 Ноември, 2024
0.0351

КАЗНИТЕ ДРАМАТИЧНО РАСТАТ: Ако природата ја загадувате сами - глоба до 5.000 евра, ако тоа го прави вашата фирма - може да заглави и до 200 илјади

Објавено во: Македонија 17 Ноември, 2020

Добивај вести на Viber

Ако сите други прекршочни глоби се намалија во изминативе неколку години, набргу драстично ќе се зголемат оние против загадувачите на животната средина, без разлика дали станува збор за граѓани или за компании. Всушност, казните за дела против животната средина ќе се зголемат за дури 20 пати во однос на досегашните.

Ова е предвидено со предлог измените на Законот за прекршоците, кој Министерството за правда веќе го изготви и го достави во собраниска процедура, а ќе се носи по скратена постапка.

Со овие законски измени, како што за Фактор објаснуваат од Министерството за правда, една фирма, доколку ја загадува животната средина, а влегува во редот на големите компании, ќе може да заработи глоба и до 200 илјади евра. Додека, пак, ако тоа го направи физичко лице, ризикува да биде санкционирано со дури 5.000 евра.

Откако пред неколку години се донесе Законот за прекршоците во земјава, всушност се поставија максимални граници за казнување, кои се многу пониски од оние што беа пропишани во посебните закони за одредена област. Кога се правело усогласување на посебните закони од областа на животната средина со Законот за прекршоците, се наметнала потребата од драстично намалување на постојните глоби. Сега затоа и се прават овие законски измени, за прекршоците против животната средина да се издвојат посебно, и кај нив казните не само што нема да се намалат, туку и ќе се зголемат.

„Од причини што и веќе постоечките прекршоци не можат да ги одвратат сторителите, и во континуитет продолжува трендот на загадување на животната средина, а согласно член 43 од Уставот секој човек има право на здрава животна средина и е должен да ја унапредува и штити, државта обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“, се вели во образложението на законските измени.

Исто така, во Програмата за работа на новата Влада е предвидено зголемување на казните во областа на животната средина.

Во законските измени се додава и нов член кој гласи дека сторителот кој е прогласен за виновен за прекршок и му е изречена прекршочна санкција, должен е да ја врати или надомести штетата или на друг начин да ги отстрани или поправи штетните последици од сторениот прекршок.

А всушност, главната измена е дека „за прекршоците од областа на заштита на природните богатства и животната средина, глобата за физичко лице, одговорно лице во правно лице и овластено службено лице, може дасе пропише во дваесеткратен износ од претходниот“. Дваесет пати поголем износ на казна се пропишува и за правно лице, односно за фирма.

Или, всушност, како што објаснуваат од Министерството за правда, ако досега за физичко лице максимално дозволената казна била 250 евра, сега таа може да биде до 20 пати повисока, или дури до 5.000 двра, иако може да се изрече и казна пониска од оваа.

Доколку станува збор за мала компанија, пак, за кои досега глобите се движеа од 50 до 2.000 евра, сега максимално дозволените санкции ќе бидат до 40 илјади евра.

За средна фирма глобите досега беа на ниво од 250 до 6.000 евра, така што сега една ваква компанија ќе може да заглави со казна и до 120 илјади евра.

И конечно, ако компанијата е голема, ако досега за неа глобите биле од 250 до 10 илјади евра, сега таа може да достигне и до 200 илјади евра, објаснуваат од Министерството за правда.

Во вакви околности, од власта се надеваат дека колку толку ќе се успее да се стави под контрола загадувањето, кое е особено високо во зимските месец од годината.

А што се подразбира под загадување, во Законот за животна средина се наведува следново.

Имено, за загадување на животната средина се смета емисија на загадувачки материи и супстанции, која е резултат на човековата активност, во воздухот, водата или почвата, којашто може да биде штетна за квалитетот на животната средина, животот и здравјето на луѓето или, емисија на загадувачки материи и супстанции од којашто може да произлезе штета за имотот или која ги нарушува или влијае врз биолошката и пределската разновидност и врз другите начини на користење на животната средина. Загадувач, пак, е секое правно или физичко лице чиешто дејство, посредно или непосредно, предизвикува загадување на животната средина.

Емисија е испуштање или истекување на супстанции во течна, гасовита или во цврста состојба, препарати, испуштање на енергија (бучава, вибрации, зрачење, топлина), миризба, организми или микроорганизми, како и испуштање на микробиолошки материјал од некој извор во еден или во повеќе медиуми на животната средина, како резултат на човековата активност.

Под штетно влијание и дејство, пак, се подразбира секое негативно нарушување на квалитетот на медиумите и областите на животната средина.

Покрај прекршочната, од власта најавуваат дека сторителите на вакви дела пртив животната средина, ќе подлежат и на кривична одговорност, и за нив ќе има и кривични санкции.

Во период од три години, од 2017 до 2019 година, биле регистрирани вкупно 179 прекршочни постапки, осум кривични пријави и околу 700 акти во инспекциска постапка, против загадување на животната средина. 

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

За бугарскиот премиер прашањето за уставните измени е веќе затворена работа

За бугарскиот премиер прашањето за уставните измени е веќе затворена работа

Николоски: Диви плажи функционираат во Струга, до кога ќе се толерира Мерко?

Николоски: Диви плажи функционираат во Струга, до кога ќе се толерира Мерко?

Просториите на Адвокатска комора насилно запалени, се бара брзо пронаоѓање на сторителот

Просториите на Адвокатска комора насилно запалени, се бара брзо пронаоѓање на сторителот

Финансиска полиција го истражува поранешниот министер за култура Исмаили

Финансиска полиција го истражува поранешниот министер за култура Исмаили

Тепачка во Итна медицинска помош Гевгелија

Тепачка во Итна медицинска помош Гевгелија

Вицепремиерот Фетаи: Државата лани замрзнала сомнителен имот од само 1,8 милиони евра

Вицепремиерот Фетаи: Државата лани замрзнала сомнителен имот од само 1,8 милиони евра

По контроверзните помилувања, Силјановска Давкова објави нов комисиски состав

По контроверзните помилувања, Силјановска Давкова објави нов комисиски состав

Утре ќе бидат претставени шестте еколошки автобуси на ЈСП, донација од ЕУ

Утре ќе бидат претставени шестте еколошки автобуси на ЈСП, донација од ЕУ

„ЗА 176 ПРОЦЕНТИ Е ЗГОЛЕМЕНО НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ“: Мојсоска најави - Левица ќе поднесе измена на Кривичниот законик

„ЗА 176 ПРОЦЕНТИ Е ЗГОЛЕМЕНО НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ“: Мојсоска најави - Левица ќе поднесе измена на Кривичниот законик