Добивај вести на Viber
На стартот на новата сезона производителите на грозје и оваа година се без пари за грозјето од последната реколта 2015. Согласно Законот за земјоделство и рурален развој, винариите се должни во рок од 6 месеци да го платат грозјето. До крајниот законски рок има уште два месеци, а грозјето според лозарите е исплатено околу 30%.
-Грозјето е платено само 20-30 % на речиси сите лозари кај нас во Село Сопот- Кавадаречко. Јас лично предадов 17 тона грозје во ВВ Тиквеш и до сега ми исплатија 20%. Ист е случајот и со други визби помали, приватни, додека ВВ Повардарие на никого уште му нема исплатено ни денар - вели Зоран Михов од село Сопот.
Министерот за земјоделство Михаил Цветков неодмна изјави дека околу 50 проценти од откупеното грозје е исплатено. Лозарите со години реагираат на нерамноправниот однос кој го имаат со откупувачите кои имаа законска обврска грозјето да им го платат дури по 6 месеци.
Деновиве Собранието ги усвои измените во Законот за вино, со кои е скратен рокот за исплата на три месеци.
- Наместо до крај на април, во иднина винарниците ќе треба да го исплаќаат откупеното грозје до 31 јануари. Доколку винарницата не го исплати долгот во законски утврдениот рок, тогаш е должна да го исплати надоместокот од 10 проценти од долгот, во спротивно ќе биде избришана од регистарот и нема да може да врши откуп на грозје, изјави деновиве заменик министерот за земјоделство, Ванчо Костадиновски.
Закони има но дали се почитуваат?
Проблемот со исплатата на грозјето се провлекува секоја година. Законот предвидува, доколку винарницата не го исплати грозјето во законскиот рок, министерството за земјоделство има право да и ја одземе лиценцата за откуп на грозје. Дел од винарниците изминативе години имаа долгови кон лозарите за неколку реколти.
-Лозарите одамна бараа измена скратување на времето од предавање на грозјето до исплата од страна на винарниците и добро е што конечно се направи оваа измена на Законот за земјоделство и рурален развој. Но овде имаме друг проблем, а тоа е непочитување на законите од страна на винарниците и воопшто откупувачите на земјоделските производи што се толерира од страна на власта. Не може една винарница да должи 500 000 евра и власта да не е заинтересирана односно да не превземе мерки правдајќисе со пазарно време и оградувајќи се бидејќи тие се приватни субјекти. И досега законот предвидуваше долку винарницата не го плати грозјето во законски утврдениот рок да и се одземе лиценцата за откуп. За жал изминативе години бевме сведоци на манипулација на лозарите од страна на винарските визби „Повардарие“, „Винеа“ и други винарии кои им должеа пари за претходните реколти, а лозарите, принудени да не им пропадне родот, повторно им го носеа грозјето што значи дека на истите тие власта не им ја одземала лиценцата. Тоа е потврда за непочитување на Законот за земјоделство од страна на винарските визби кое се толерира од власта – вели Ленче Николовска, советник во кабинетот на дополнителниот заменик министер за земјоделство.
Според информациите од лозарите дел од нив имаат судски решенија и пресуди за исплатени субвенции за 2010, 2011, 2012, 2013 година. Во 2014-та година министерство ги одзема лиценците на 13 винарски визби поради неисплатно грозје во законскиот рок, кои имаа вкупен долг од 4 милиони евра. Имињата на винарниците не соопштија јавно.
Од винарските визби коментираат дека се соочуваат со големи залихи на вино, поради намалената побарувачката на вино на пазарите во Европската унија и во Кина.
Лани македонските винарски визби од произведените над 250 илјади тони откупиле и преработиле 170 илјади тони грозје.Откупната цена беше врз основа на шеќерните единици и вранецот со 19 шеќерни единици се плаќаше по 13 денари, додека смедеревката со 17 шеќерни единици се плаќаше по 11 денари за килограм, односно помалку од тоа што го бараа лозарите за да производството да им биде порентабилно.
Според најновите податоци од Државниот завод за статистика, под лозови насани има 23.240 хектари и 48.000 земјоделски стопанства со лозови насади. Откупот на грозје во земјава го вршат 77 винарски визби. Просечното домашното производство на грозје изнесува 74.500 тони од кои се произведуваат 14 милиони литри вино. Производството на вино е една од стратешките извозни гранки на земјава од која девизниот прилив изнесува близу 40 милиони евра.
Т.С
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: