Кирацоски го најави проектот „Пријави притисок за фер избори“
Објавено во: Македонија 25 Октомври, 2016
Дополнителниот заменик-министер за информатичко општество, Александар Кирацоски денеска на прес-конференција го најави проектот „Пријави притисок за фер избори“.
„Заедно со мојот тим на терен ја продолжуваме мисијата за мотивирање на вработените во јавниот сектор, да ги пријавуваат сите неправилности и нерегуларности, закани и уцени, под слоганот „ПРИЈАВИ ПРИТИСОК ЗА ФЕР ИЗБОРИ“! Целта е охрабрување на вработените да не подлегнуваат под никакви закани, уцени и притисоци. Има кој да се заложи за нив, има кој да ги заштити. Истовремено целта е и да се обесхрабрат сите функционери од ВМРО-ДПМНЕ да вршат притисок врз вработените“ - вели Кирацовски.
Започнуваат со посети на институциите за кои постојат претставки испратени до веб-страната отворена за пријавување притисоци.
„Ќе им порачам на шефовите и раководителите поставени како кадри на ВМРО-ДПМНЕ, кои Груевски и фамилијата ќе се обидат да ги користат за нивни лични цели, да внимаваат и да не дозволат да станат инструмент во рацете на криминалната власт!Законот е јасен и казните за вакво дело се строги“ - додава тој.
Кирацоски вели дека секој кој ќе се дрзне да врши притисок и заплашување на гласачите ќе одговара со казна затвор од најмалку три години. Ако тоа го направи службено лице следи казна затвор од најмалку пет години.