ЌЕ ИМ СЕ СЛУЧИ БУМ ИЛИ РАЗОЧАРУВАЊЕ: Еве како фудбалското првенство во Германија ќе влијае на економскиот раст
Објавено во: Економија 16 Јуни, 2024
Европското фудбалско првенство во 2024 година, чиј домаќин е Германија, многу малку и само на краток рок ќе го стимулира економскиот раст, а од тоа првенствено ќе има корист туризмот.
Според анализата на минхенскиот економски институт Ifo, ефектот од првенството за германската економија ќе биде дополнителна милијарда евра благодарение на странските туристи, што е приближно 0,1 отсто од економските остварувања во тековниот, втор квартал.
„Во макроекономска смисла, овој вид на голема манифестација има релативно мал ефект, со исклучок на туризмот“, велат експертите од институтот.
Тие додаваат дека додека трае турнирот, германските потрошувачи веројатно ќе трошат повеќе во угостителството и малопродажбата на краток рок, но затоа ќе ги намалат трошоците во други области, така што вкупната лична потрошувачка тешко дека ќе биде засегната.
На ова, според нивните анализи, укажуваат искуствата од Светското првенство во 2006 година, кое се одржа и во Германија, кога на почетокот доаѓањата и ноќевањата на странските гости се зголемија за по 25 отсто.
Според тој модел, истражувачите на Ifo пресметале дека за време на овогодинешното првенство во Германија ќе има 600.000 странски гости и уште 1,5 милиони ноќевања, што ќе се одрази на зголемувањето на извозните услуги, односно услугите што домашните граѓани ги даваат на странците, главно во угостителскиот сектор.
„Сепак, овој ефект е краткотраен, па обемот на извозните услуги по заминувањето на туристите во третиот квартал повторно ќе опадне и веројатно ќе остане на сегашното ниво“, велат експертите на Ifo.
Вкупниот бруто домашен производ на Германија во 2023 година изнесува 4.122,21 милијарди евра.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.