19 Март, 2024
0.0247

Ќе има ли двотретинско мнозинство за спојување на СЈО со ЈО?

Објавено во: Анализа 22 Февруари, 2019

Добивај вести на Viber

По речиси две години на активности на различни работни групи во Министерството за правда, министерката Дескоска Треневска конечно во телевизско интервју откри дека ќе се оди на решението за СЈО да влезе во рамките на редовното Јавно обвинителство и да функционира со гарантирана автономија. Првиот ваков заклучок беше донесен во септември 2017 кога министер беше Салији. Сега, според настапот на неговата наследничка одлука на овој ресор е да се обезбеди двотретинска поддршка во Собранието за нов предлог закон за СЈО со кој обвинителството кое работи на случаи кои произлегуваат од нелегално прислушуваните разговори да работи како автономен оддел во рамките на ЈО.

„Во моментов изработен е текст во Министерството за правда, кој ги сублимира добрите решенија од едниот и од другиот закон и во неговите одредби се содржани одредби кои што го воспоставуваат СЈО како траен орган во системот на ЈО со одредени гаранции на нивна автономија бидејќи сепак мора да бидеме свесни дека системот кој што остана зад нас, кој што беше повод и причина за формирање на СЈО може да се врати било кога. Ние мора да имаме механизам кој ќе биде на некој начин против тежа на ЈО со цел да може да функционираме како држава која гради владеење на правото“, изјави министерката за правда, Рената Дескоска во „Click Plus“ на ТВ21.

Првите идеи за конечно решение за иднината на СЈО беа дадени уште кога истече нивниот мандат за започнување на нови истраги од „бомбите“ што секако не успеа да добие поширока политичка поддршка за конкретен законски предлог.

Двата закона кои ги споменува Дескоска Треневска на ЕНЕР беа поставени на 13 ноември лани, по што имаше и предвиден рок за доставување на коментари од страна на јавноста. Сепак, собраниска процедура не беше започната бидејќи за законското решение за СЈО немаше усогласеност во владејачката коалиција, ниту пак сигнали од страна на осумтемината исклучени пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои придонесоа да се обезбеди двотретинско гласање за уставните измени согласно Преспанскиот договор.

Секако, од страна на ВМРО-ДПМНЕ досега не е дадена никаква поддршка за СЈО кое според нив е партиска алатка на СДСМ за спроведување на политички прогон. Опозицијата бара по нивни предлог да биде именуван нов јавен обвинител, како принцип произлезен од Пржинскиот договор за балансирање на моќта на владеење.

Со новиот закон визијата е СЈО да продолжи да работи со петгодишен мандат на Специјалниот јавен обвинител, и јавни обвинители со неограничен мандат кои ќе се избираат по пат на оглас објавен од Советот на јавните обвинители. Исто така постапката за разрешување на Специјалниот јавен обвинител ја покренува Јавниот обвинител, а одлуката за разрешување ја носи Советот со мнозинство. Предводникот на СЈО ќе има и обврска да поднесува шестмесечни извештаји до Јавниот обвинител и Советот, како и за било каков напредок во преземената истрага. Зголемување во надлежностите на СЈО ќе има со тоа што се предвидува вклучување на гонење на кривични дела за кои се осомничени највисоките државни функционери, како Претседателот на државата, избрани или именувани функционери од страна на Собранието или Владата, амбасадори, градоначалници, одговорни лица во политичките партии, воени лица и други вршители на јавни функции.

Специјалниот јавен обвинител ќе биде самостоен да истражува и гони кривични дела за кој е надлежен, а Јавниот обвинител ќе има право да му дава дава општи упатства заради заштита на основните права и слободи на луѓето и граѓаните, заштита на интересот на државата и премената на законите.

Во делот на финансирање СЈО ќе има гарантиран буџет за непречено функционирање, но платата на Специјалниот јавен обвинител ќе биде за 5% пониска од таа на Јавниот обвинител, додека пак јавните обвинители во СЈО ќе имаат иста плата како и јавните обвинители од вишите јавни обвинителства.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ ВРЕДИ ДА СЕ КУПУВА ПОЛОВЕН АВТОМОБИЛ? „Кога ќе ја видам километражата околу 150.000 километри, првото нешто што ми паѓа на памет е дека километражата е вратена“

ДАЛИ ВРЕДИ ДА СЕ КУПУВА ПОЛОВЕН АВТОМОБИЛ? „Кога ќе ја видам километражата околу 150.000 километри, првото нешто што ми паѓа на памет е дека километражата е вратена“