28 Ноември, 2024
0.0426

Ќе има ли крај трговската војна Македонија – Србија?

Објавено во: Агробизнис 09 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Трговскиот спор меѓу Македонија и Србија, се продлабочува. Од своите ставови не отстапува ниту Србија ниту Македонија, и двете земји тврдат дека се во право. И додека падне пресудата кој ги прекршил, а кој не, договорите на ЦЕФТА, земјоделците  ги прават математиките- колку ќе изгубат доколку се ограничи извозот на македонски производи во Србија? -Загуби ќе има. Доколку се намали извозот на домати во Србија, ние ќе се соочиме со големи залихи, кои нема да има каде да се продаваат. Тоа автоматски ќе значи драстично намалување на откупната цена на доматите, која што деновиве за разлика од минатат недела се зголеми. Затоа сметаме дека надлежните институции треба да преземат мерки, а овој проблем да се реши побрзо, вели Ристо Велков претседател на Регионалниот сојуз на земјоделци Суптилна војна или предупредувачка порака? Намерно или случајно, минатата недела речиси 500 тони домати наместо на пазарите во Србија останале во откупните пунктови во Струмица. Српските трговци во последен момент ја откажале нарачката. Иако претходно ги договориле и се согласиле на условите за увоз, сепак на крајот се предомислиле. Образложението било дека набавната цена на доматите е висока. Според македонските земјоделци, зад ваквото образложение се крие друга причина. Тие сметаат дека тоа е само предупредување од Србија, што ќе се случува доколку Македонија не се откаже од мерката за условен увоз на пченица и брашно - Доматите што требаше да бидат извезени во Србија, останаа во Струмица. Трговците од Србија велат дека причината е високата цена, иако тие претходно ги знаеја цените и се согласија. Но сега во последен мометн се предомислија. Не можеме со сигурност да тврдиме, но сепак сметаме дека ова е еден знак дека Србија суптилно почнува со најавените мерки, вели Велков Од македонското Министерство за земјоделство велат дека немаат информации за вратени количини на домати наменети за извоз во Србија. Од српското Министерство за земјоделство негираат дека почнале со спроведувањето на контра мерките кон Македонија. - Информациите дека се работи за контра мерки не се точни, бидејќи тие се сеуште во подготовка. Причината за тоа зошто нашите трговци не ги купиле доматите, можеби треба да се бара во фитосанитарните контроли и контролите за квалитет, изјави за српската телевизија Б92 државниот секретар на српското Министерство за земјоделство, Сенад Махмутовиќ. Засега останува неизвесно како ќе се реши спорот и во чија чија корист. Србија веќе ги подготвува контра мерките за ограничување на увозот на македонските производи. Минатата недела постави нов ултиматум- Македонија во рок од 10 дена да ја повлече одлуката за ограничен увоз, инаку во спортивно ќе ги спроведат најавените мерки. Тие веќе побараа заедничкиот комитет на ЦЕФТА да одржи итен состанок на кој главна тема ќе биде мерката што ја воведе Македонија. Од српската Влада предупредија дека доколку спорот не се реши во рамките на ЦЕФТА, тие ќе го ограничат увозот на стратешките македонски производи, виното и зеленчукот. Српската Влада е децидна- Македонија грубо ги крши ЦЕФТА правилата. Непроменет останува и ставот на македонското Министерство за земјоделство. Министерот Љупчо Димовски деновиве изјави дека Македонија со условениот увоз на пченица и брашно од соседните држави го штити своето  домашно произвдоство. Димовски изјави дека Македонија одлуката за условен увоз на пченица и брашно од Србија ја има донесено согласно Законот за земјоделствои рурален развој и договорот со ЦЕФТА. И од Министерството за економија тврдат дека одредени членови од договорите со ЦЕФТА превидуваат воведување на заштитини мерки при увоз. -Можноста за преземање на заштитни мерки согласно  Договорот ЦЕФТА 2006  е дадена во членот 23. Договорот според кој  страните ги потврдуваат нивните права да преземаат заштитни мерки според членот XIX од ГАТТ и Договорот за заштитни мерки на СТО, под услови утврдени во Заедничката декларација која се однесува на овој член.Услови за преземање на заштитни мерки и постапките за примена на мерките  се исто така дадени во членот 23 и членот 24.Заштитни мерки  може да се превземаат во случај на зголемени количини на увоз на одреден производ и ако тој увоз предизвикува или постои закана да предизвика. Страната што увезува може да преземе соодветни билатерални заштитни мерки против другата страна од овој Договор, под услови и во согласност со важечките постапки утврдени во член 24. Такви преодни мерки може да се применуваат најмногу за 200 календарски денови, објаснуваат од Министерството за економија. Мерката за ограничен  увоз на печница и брашно  Македонија ја воведува неколку години со цел прво да се откупи домашната пченица и да го заштити домашното производство. Српскиот пазар е стратешки за македонското вино и зеленчук Српскиот пазар се смета за стратешки за извоз на македонско вино и зеленчук. Лани извозот на флаширано вино бил во вредност од над 15 милиони евра, а од зеленчукот во вредност од околу 8 милиони евра. Македонските винарии порачуваат, спорот да реши час поскоро бидејќи последиците ќе бидат погубни за извозот на мaкeдонското вино. Ј.С
фото МКД.мк (Агим Ибраими, македонски фудбалски репрезентативец на слика со навивач од Србија ги истакнуваат националните симболи на двете земји)

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.