ЌЕ ИМА ЛИ ПРАВДА ЗА ЖРТВИТЕ НА ПОЛИТИЧКИ МОНТИРАНИТЕ ПРОЦЕСИ - пратеникот Трајанов предлага закон, кој ќе му даде поддршка
Објавено во: Македонија 18 Ноември, 2020
Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз и пратеник, во Собранието поднесе Предлог закон за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, со кој, како што вели, ќе се овозможи фер судење за сите монтирани политички случаи, односно оние кои биле погрешно водени во периодот од 2007 до 2017 година.
Носење на вакво законско решение беше ветувано како програмска определба на сегашната владејачка гарнитура уште на претходните избори, но се досега такво не беше предложено, а работите се развлекуваа. Се формираше Совет за реформи во судството, а според одредени информации, од ДУИ своевремено биле против носење на таков закон.
Фактор комуницираше со пратеникот Трајанов, кој се јавува како единствен предлагач на овој закон, со цел да дознаеме повеќе детали дали тој ќе ја добие поддршката од другите народни избраници, и тоа и од оние на владејачкото мнозинство, но и на опозицијата.
ОЧЕКУВА ПОДДРШКА И ОД ВЛАСТА И ОД ОПОЗИЦИЈАТА
„Јас одамна работам
на ова законско решение, а сега малку и го дополнив и решив сам да го поднесам
во Собрането. Очекувам поддршка од сите пратеници, без разлика на нивната
политичка припадност, и од власта, и од опозицијата. Матична собраниска
комисија за овој закон треба да биде Комисијата за политички систем, а потоа за
потребата да се носи ваков закон ќе се расправа и на пленарна седница. И баш би
сакал на таа пленарна седница да видам кои се тие ‘јунаци’ пратеници кои ќе
бидат против едно вакво законско решение, односно, да чуеме кои се нивните
аргументи зошто ваков закон не треба да се донесе“, вели Павле Трајанов за Фактор,
пратеник кој припаѓа на Коалиција „Можеме“ на СДСМ.
Неофицјално, ниту една од политичките партии немала протв ваков закон, и најавиле можна поддршка за него, но тоа ќе се види кога тој ќе се најде на усвојување.
Во своето образложение зошто го предлага овој закон, пратеникот навел дека тој временски тајминг, од 2007 до 2017 година, во земјава го одбележаа масовните поплаки и претставки на граѓаните за груби повреди на уставните и законски загарантираните слободи и права. Вели дека од година во година се зголемувал бројот на вакви случаи, создавајќи лична, имотна и правна несигурност на граѓаните.
„Се создаде општествена свест дека во земјава не владее правото, туку интересите на водството на владејачката партија. Перцепцијата дека правдата не е достапна секојдневно добиваше потврда во се помасовните кршења на човековите слободи и права во сите области, особено во судството, како и во постапувањето на Јавното обвинителство и МВР. Масовните и насилни облици на повреда на правата и слободите беа констатирани во сите годишни резолуции на Европскиот парламент, извештаите на Европската комисија за напредокот, на експертскиот тим на Рајнхард Прибе, на Стејт Департментот...и други. Посебно беа нагласени оценките за споеност на партијата со државата, постоење на политички монтирани или мотивирани процеси, како и политички притвореници и затвореници“, објаснува Павле Трајанов.
ДА СЕ ВРАТИ ЧЕСТА И УГЛЕДОТ НА ГРАЃАНИТЕ
Според него, бидејќи во Македонија се спроведоа и правосилно завршија многу судски процеси во кои не се почитуваа стандардите на правично судење, со точно утврдување на фактичката состојба, со докази обезбедени врз основа на закон, со постоење на правото на „еднаквост на оружјата“ и слично, тие постапки и процеси не можат да се сметаат за целосно легални и легитимни, исто како и нивните последици.
„Со повторувањето на тие постапки повторно ќе се воспостави претходната положба на осуденото лице како рамноправен граѓанин, ќе се возобноват одземените права, а со тоа ќе се врати и честа и угледот на граѓанинот“, пишува Трајанов.
Притоа, потенцира пратеникот, не станува збор за рехабилитација, туку за укинување на правните последици на пресудата и нејзино повторување од почеток.
„Законот ќе овозможи обесправените граѓани да ја повторат постапката, со единствена цел да имаат право во однос на обвинението, пред непристрасен суд, во законита постапка да ја спротивстават својата одбрана со изнесување факти и докази кои одат во нивна корист, а судот врз основа на утврдени докази обезбедени во законска процедура, да донесе пресуда заснована на закон“, објаснува Трајанов.
Тој нагласува дека ако се донесе овој закон, ќе се стави до знаење на сите кои ја имаат власта дека злоупотребата на човековите права не може да биде темел на државата.
„Кај нас се чини сè уште не е избришана матрицата ‘кој не е со нас, тој е против нас’, како и дека ‘сите се шпиони освен власта’. Токму ова е причината за повторување на одредени постапки како неспорни жртви на политичката репресија и потребата од нивно расветлување од кривично-правен аспект“, потенцира Трајанов.
ПРЕДНОСТ ЌЕ ИМААТ ПРЕСУДИТЕ СО ПОЛИТИЧКА И КОРУПТИВНА РЕПРЕСИЈА
Според него, овој закон не се поклопува со оној за кривична постапка.
„Основна цел за донесување на овој закон е доследно почитување на темелните уставни начела, како што се основните граѓански права на живот и слобода, правото на презумпција на невиност, како и утврдените загарантирани права со процесните закони и постапки“, пишува предлагачот.
Така што, предмет на овој закон ќе биде враќање на честа и угледот на невино осудените лица. Тука, како што наведува предлагачот Трајанов, акцентот посебно се става на кривичните постапки кои од политички причини судовите ги воделе спротивно на сите законски одредби, без докази, а со цел за политичка и коруптивна репресија. Тие завршија со правосилни пресуди со кои некои лица беа осудени на тешки затворски казни и им беше конфискуван имот, токму врз основа на тие пресуди.
Сите правни и физички лица кои се правосилно осудени до моментот на донесување на законот, под услови кои тој ги предвидува, ќе имаат право да побараат повторување на постапката. Ова ќе се случи така што надлежниот суд ќе ги укине пресудите, ќе се укинат и последиците од тие пресуди и ќе им се врати конфискуваниот имот на граѓаните.
„И потоа, во една повторена законита постапка пред непристрасен суд ќе им се овозможи правично судење согласно одредбите на нашето позитивно законодавство“, објаснува Трајанов.
Всушност, ова барање за повторно судење, покрај граѓани, ќе може да го поднесуваат и фирми. Доколку одредени лица во текот на постапката или за време на издржувањето на казната затвор или после тоа, се до стапување во сила на овој Закон, го загубиле животот, право да поднесат барање имаат брачниот другар или лицата кои припаѓаат на првиот наследен ред.
Краен рок за користење на правото за повторување на постапката ќе биде периодот од една година, сметано од денот на стапување во сила на законот. Надлежен суд за повторување ќе биде оној кој учествувал во донесувањето на првостепената пресуда. Подносителите на барањето нема да имаат обврска за плаќање на трошоците на постапката за повторување, а судот може да им одобри и користење на бесплатна правна помош. За тие постапки кои се во тек, а се водат по Законот за кривична постапка, сметано од денот на стапувањето во сила на овој закон, треба да продолжат по Законот за кривична постапка по кој и почнале.
Нема информација колкумина граѓани бо побарале ново фер судење, но Трајанов че очекува тоа да бидат голем број луѓе.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.