Ќе ја потопи ли Европа економското цунами од Црвеното море?
Објавено во: Економија 26 Декември, 2023
Милитантите Хути од Јемен, отворено поддржани од Иран стануваат се поголема безбедносна закана за Европа отворено напаѓајќи трговски бродови во Аденскиот залив и во Црвеното море. Изговорот е безмилосното израелско бомбардирање на цивили во појасот Газа во кој загинаа над 20.000 Палестинци за неполни 100 дена. Опасноста од Хутите наметна потреба од поголема присутност на американската воена морнарица и на европските партнери од НАТО пактот на најважната трговска рута за Европа. Напнатоста расте и на повидок нема мирно решение. Од економски аспект ова е голем удар за економија на ЕУ со особен негативен ефект врз цените на стоките за широка потрошувачка, компонентите за европската автомобилска индустрија и цените на горивата. Затоа што замена за оваа трговска рута е обиколување на цела Африка што значи 12.000 километри пат поскап пат и доцнење до 30 дена...
Европската економија е пред голем, сериозен и веројатно уникатен предизвик. Станува збор за трговската бродска карго рута која оди од Индискиот океан низ Аденскиот залив преку Црвеното море и Суецкиот канал во Средоземното море и потоа до најголемите европски пристаништа.
Оваа рута, медицински кажано, е главната аорта на европската трговија. Огромни количества стоки за широка потрошувачка од Азија (читај Кина), полупроизводи, суровини, елементи и производи поминуваат низ тесниот долг залив кој светските географи го нарекуваат Црвено море. Официјалните податоци за глобалната трговија покажуваат дека по таа трговско-бродска карго рута годишно поминува до 15 отсто од светската трговија.
Таа бројка сама за себе го кажува стратешкото трговско значење на рутата на која Хути милитантите не се либат да напаѓаа трговски бродови со огнено рачно оружје, проектили, а во последно време дури и со хеликоптери па и дронови.
Овие напади минатата недела предизвикаа големи глобални компании за логистика да пренасочат 100 бродови кои носеле 1,3 милиони бродски контејнери за превоз на стоки (контејнерите се со стандардна големина 2,4 или 2,9 х 6 метри попознати во стручната јавност како 20 ft бродски контејнери).
Сега тие стотина бродови го вртат цел африкански континент за да стигнат до Европа. Според анализата објавена во угледниот бротански весник „Гардијан“ трошокот за гориво по брод се зголемува за вредност која се изразува во милиони долари, а времето на патување се продолжува за до четири седмици. Станува збор на рута која е подолга за 12.000 километри во споредба со трговската рута Арденски залив – Црвено море – Суецки канал – Средоземно море.
И се тоа заради Хути милитантите од сиромашниот и напатен Јемен кој воедно е и најсиромашната арапска држава на Блискиот исток распослана долж Арапскиот полуостров по брегот на Индискиот океан под Саудиска Арабија.
Европската економија уште не може да закрепне од потресот со откажувањето од евтиниот руски гас и неговата замена со поскап компримиран американски, кувајтски и египетски природен гас.
Сега на ред е поскапувањето кое ќе произлезе од транспортот по рута подолга 12.000 километри со дополнителниот екстра трошок кој ќе настане од одложената достава на суровини, репроматеријали, компоненти за европската индустрија, но и евтините стоки за широка потрошувачка од Кина, Индија, текстилот и патиките од Виетнам, Бангладеш и Бурма.
И уште една „врела точка“ која може да запали војна на Блискиот Исток е Ормушкиот теснец. Тоа е морски пат за транспорт низ кој минуваат до 40 отсто од светските потреби за сурова нафта. Тука Иран е голема закана и за западниот свет, но и клучен факт за трговијата со суровата нафта од Кувајт и Ирак. За тоа како „затнувањето“ на овој теснец може да влијае врз цените на свестките берзи за сурова нафта не треба многу ниту да зборуваме.
А со секој нов ден на израелскиот масакр врз цивили во појасот Газа неизвесноста од голем воен судир на Блискиот Исток е се поизгледна....
*користени податоци од : https://www.theguardian.com/business/2023/dec/20/more-than-100-container-ships-rerouted-suez-canal-red-sea-houthi-attacks-yemen
Р.Ф.Фото: Принтскрин/Твитер
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.