Ќе лееме ли крокодилски солзи со Преспански договор во рацете?
Објавено во: Анализа 07 Јуни, 2019
Македонскиот државен врв е во засилена дипломатска офанзива на релација Брисел-Берлин-Париз со цел да ги убеди европските лидери, пред се шефови на влади и претседатели како и министери за надворешни работи во текот на овој месец Европскиот совет да даде зелено светло за Р.С.Македонија да ги стартува преговорите за членство во Европската Унија.
Во Скопје пак, одекнаа драматични пораки, пред се лиферувани од премиерот Заев пред група на странски новинари дека ако не добиеме старт на преговорите дека неговата Влада може да падне, да се распишат вонредни избори и на власт да дојдат ретроградни политички сили кои ќе го „јавнат“ бранот на национализам, радикализам и ревизија на досега постигнатите успеси.
„Или ќе ја поддржат оваа прогресивна, проевропска опција, или оние што ги блокираат овие процеси и што некои ги нарекуваат проруски или националистички и радикални. Разочарувањето што ќе се случи меѓу нашите сограѓани доколку Европскиот Совет не даде позитивно мислење, ќе им даде надеж на овие вторите. На граѓаните кои поддржуваа национализам и радикализам, а тоа не е добро. Не е добро за земјата, не е добро за регионот. Тоа се опциите и тоа не загрижува. Без разлика на тоа што ќе се случи, ние направиме сѐ што можевме најдобро. Сакам нашите партнери (во ЕУ) да знаат дека чекавме 15 години и дека сега е сѐ можно“, рече Претседателот на Владата, Зоран Заев на прес-конференцијата, и додаде дека од одлуката на Европскиот Совет зависи и најавената реконструкција на владата, иако процесот е започнат со промени на две третини од владата“ изјави Заев во Брисел.
Таквото спуштање на гардот на премиерот веднаш ја разбуди опозицијата која побара да се формира техничка влада, да се направи транзиција во институциите до одржување на предвремени избори и да престане да се ризикува влошување на односите со меѓународните партнери.
„Европската Унија конечно го виде вистинското лице на Зоран Заев. Заев својата неспособност се обидува да ја покрие со префрлање на вината кај меѓународни партнери на Република Македонија. Заканите, притисоците и уцените се единствената карактеристика на политиката на Зоран Заев. Лагите на Заев веќе не минуваат ниту во Македонија, ниту надвор од Македонија. Време е Заев да си замине и да ја плати цената за сите манипулации и урнисувањето на Република Македонија. Неспособниот Заев треба да си замине и на негово место да дојде техничка влада која ќе ги организира предвремените парламентарни избори“ посочи Наум Стоилковски – Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
За можните последици од извисувањето на Северна Македонија да го заоди европскиот пат по сите компромиси со соседите сосема свесна е и Европската комисија, но не гледано од внатрешно-политичка дестабилизација на земјата, туку пошироко од аспект на кредибилност на Брисел на Западен Балкан и капацитетот да биде фасилитатор на нови договори и решавање на отворените прашања кои се потенцијална закана за геополитичката стабилност на регионот.
„Поради големиот исчекор напред на Северна Македонија на внатрешен план и „историските достигнувања“ на надворешен план, според Комисијата, пристапни преговори со Северна Македонија треба да се отворат сега. Секој обид да не се испорача ветувањето на ЕУ оди во прилог на слабеење на стабилноста и обесхрабрување на преземањето сериозни реформи. Според ЕК, доколку не даде зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија, ЕУ ризикува да го изгуби кредибилитетот во регионот и пошироко, вклучително и за сопствениот потенцијал да влијае на решавањето на отворените спорови, како што е дијалогот Белград-Приштина. Европската комисија го поставува и во поширок контекст евентуалниот неуспех на ЕУ да определи датум за преговори за нашата земја, укажувајќи на можните геополитички консеквенци, т.е. дека отсуството на јасен одговор од ЕУ може да активира спирала на поддршка за “геополитичките конкуренти да се вгнездат на прагот на Европа”, се вели во коментарот на Институтот за европска политика по повод Извештајот на ЕК за 2019 година.
Дел од апологетите на ВМРО-ДПМНЕ пак, дури и отворено навиваат европските челници да избегнат да донесат одлука овој месец, со што очекувано е дека се подготвени да извршат политички притисок врз актуелната власт со добро подготвена реторика - сменивме име, сменивме историја и идентитет, а пак во Европа не влеговме. Тука ќе имаа два џокера за оваа покерашка пресметка, од една страна владата на Заев е неспособна, полна со непотизам и партизираност, не може да ги спроведе реформите и не може да ги придобие европските сојузници, а од друга страна е и ненародна бидејќи бесцелно ги нарушила националните црвени линии со соседските договори без да се осигура дека последиците како сменето име и Устав нема да бидат трајни доколку не добиеме брзо темпо за влез во ЕУ за етапно спроведување на Преспанскиот договор.
Рампата за Северна Македонија овој пат со каква брзина ќе се крева ќе зависи од внатрешните политички поделби во ЕУ, особено по одржаните европски избори каде поголем приоритет ќе бидат преговорите за распределба на челните позиции во Европскиот парламент, како и тоа кој ќе биде нов претседател на Европската комисија.
„Јас не знам зошто на дел од дебатите во Македонија каде што се спомнувала оваа тема, голем број аналитичари кажуваат дека „евроскептиците“ имаат проблем со проширување на ЕУ. Баш напротив, главна кочница за нас се Макрон, а пред некој ден слушнавме дека и партијата на Меркел (ЦДУ, дел од ЕНП) сака да го пролонгира датумот за старт на преговорите од октомври па натака. Таканаречените „евроскептици“ се ЗА проширување на ЕУ паралелно со спроведување на внатрешни реформи, додека пак останатите „проЕУ“ групации се тие кои најверојатно ќе не блокираат/одложат датумот. Доказ за ова е всушност изнесените зборови од шпицнкандидатот на евроскептиците и конзервативците на главната дебата во Европскиот парламент што се оддржа на 15ти мај каде што учествуваат сите кандидати предложени од групациите“ вели Стефан Василевски од Конзерватив МК.
Можеби во овој момент одржување на предвремени избори најрано во септември најмногу им одговараат на сите политички партии во Македонија. Заев би земал „здив“ од внатревладиниот притисок, би имал поголема контрола над кадровските политики на СДСМ со неодамнешната чистка на раководните органи, додека пак притисокот за промени во ДУИ ќе се зголемува и натаму како резултат на „бомбите“ кои нелегално ги објавува „Ел Чека“ мигрантот од Чикаго поврзан со групата од Диво Насеље.
Секако, опозицијата со две раце ќе потпише за брзи избори со надеж дека порастот на поддршката поединечно по партии од претседателските избори ќе се преслика и наесен, а со мало разочарување од ЕУ интеграциите и големи шанси да победи.
Затоа крокодилски солзи од нашите политичари кои би биле премногу разочарани од одложување на датум за преговори сега во јуни и нема многу да не изненадат, секако секој од нив со различни перспективи за тоа што е веќе постигнато со Преспанскиот договор.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.