Ќе се обиде ли Груевски по секоја цена да состави Влада?
Објавено во: Македонија 09 Јануари, 2017
Ќе се обидам да составам нова влада, но тоа нема да се случи по секоја цена. Тоа го вели во интервју за „Дневник“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Денес претседателот на Македонија Ѓорге Иванов треба да го врачи мандатот за составување на нова влада, а како што соопштија од кабинетот на шефот на државата Ѓорге Иванов мандатот ќе му биде доделен на Никола Груевски.
Партијата на Груевски освои најмногу пратенички места на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември.
„Во случај ВМРО-ДПМНЕ како партија победник да биде измамена од Демократската унија за интеграција бидете убедени дека многу наскоро ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на големата порта во владата, ќе има барем два мандата и тогаш нема да имаме никакви обврски кон никого“, нагласува Груевски.
Во однос на платформата на албанските партии во која тие ги ставија своите барања за промена на уставот, воведувањето на албанскиот како втор службен јазик и промената на државните симболи Груевски одговара категорично - воведувањето на втор официјален јазик на целата територија на земјата и нејзината кантонизација е невозможно да се случи, ако ВМРО-ДПМНЕ е против.
Во новиот Парламент ВМРО-ДПМНЕ има 51 мандати, СДСМ на Зоран Заев - 49, ДУИ - 10, Движењето „Беса“ - 5, Албанскиот сојуз - 3 и ДПА- 2 мандати. Сепак на врачувањето на мандатите членовите од ДПА не се појавија на седницата.
Партијата на Груевски ќе има 20 дена за составување на влада. Тоа значи дека најдоцна до 29-ти јануари од ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да го предложат составот на новата влада или да го вратат мандатот.
Доколку екс премиерот не успее да формира Влада вториот носител на мандатот ќе биде СДСМ.