Ќе слушаме македонска музика, укината забраната на ЗАМП
Објавено во: Македонија 01 Ноември, 2016
Министерството за култура донесе решение за запирање од извршување на Одлуката на Собранието на ЗАМП, со која се забранува емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување.
Од надзорот на Министерството за култура над одлуката на Собранието на ЗАМП се констатираше дека одлуката не е во согласност со одредбите од Законот за авторското право и сродните права.
„Во согласност со член 157 став 1 од Законот, доколку во спроведување на надзорот над актите на организацијата за колективно управување Министерството за култура оцени дека општ или поединечен акт не е во согласност со Законот, статутот, односно договорот за основање, со решение ќе го запре од извршување и ќе поведе постапка пред надлежниот суд за оцена на законитоста на актот. Решението на Министерството со кое Одлуката на ЗАМП се запира од извршување влегува во сила со денот на донесувањето. Во оваа прилика уште еднаш потсетуваме дека авторите на музички дела имаат право преку соодветната организација за колективно управување или индивидуално да забранат користење на нивните дела, но на начин и под услови кои се во согласност со Законот за авторското право и сродните права“ - наведуваат од Министерството за култура.
Зружението за заштита на авторските и музички права (ЗАМП) забрани јавно емитување на музика од автори, кои се нивни членови, а забраната стартуваше од 20 септември.
Причина за ова, како што наведоа од ЗАМП, е повеќегодишниот притисок од Министерството за култура врз работењето на ова Здружение и создавањето на можноста да се формира паралелно здружение за истите права, во случајов СОКОМ МАП.