04 Декември, 2024
0.0338

Климатските промени ќе ги испржат македонските овошки, грозјето и житарките!

Објавено во: Агробизнис 21 Мај, 2013

Добивај вести на Viber

Македонското земјоделство нема да остане имуно на климатските промени. Наглите зголемувања на температурите ќе нанесат сериозен удар врз земјоделското производство во неконтролирани услови како, како што е поледелството, овоштарството, лозарството и градинарството на отворено. - За ублажување на негативните последици потребни се мерки на адаптација кои се поврзани со воведување на нови практики, вложувања и промена на досегашните навики на земјоделците.Од друга страна градинарското производство во контролирани средини односно во пластеници и стакленици, веројатно ќе се прилагодат кон новите услови со промена на сезоните на производство, односно производството ќе започне порано во годината, ќе следи летен период на паузирање и потоа продолжена есенска сезона. Меѓутоа, треба да се има предвид дека прилагодувањето кон сезоните на производство ќе зависат во голема мера од проценката за температурните варијации и достапноста на вода во подрачјата, вели професорот Сретен Андонов од Факултетот за земјоделски науки и храна. Агроекспертите предупредуваат дека Македонија треба да ги мобилизира сите свои ресурси за да овозможи производство на квалитетна храна со конкурентска цена. Пред се тоа значи дека треба да се гледа иднината на земјоделското производство, поточно да се одгледуваат сорти кои ќе се прилагодат на  климатските промени, а воедно и да се преименуваат мерки на адаптација. Системите за наводнување клучни за справување со климатските промени Проблемот со кој Македонија може да се соочи доколку навреме не се реагира, е наводнувањето односно лошата состојба со системите за наводнување која со години се провлекува.Сега само околу 1/10 од земјоделските површини се покриени со системите за наводнување, кои патем имаат и мала ефикасност. - Во последниот период заради недостиг на резервна вода, намалување на водниот тек во реките, лошата примена на шемите на наводнување, ефикасноста на наводнувањето е помеѓу 30-60% од наводнуваната површина. Овие факти појаснуваат дека во голем дел производството во Македонија е зависно од врнежите. Во наредниот период треба интензивно да се работи за одржување на водните ресурси и нивно рационално искористување. Тука пред се мислам да на зголемување на ефикасноста на постоечките системи за наводнување, нивна модернизација и соодветно менаџирање. Секако дека ефикасноста на системите значајно би се зголемила ако се пристапи кон примена на модерни решенија во наводнувањето на културите како што се микро наводнување, соодветно на потребите на растенијата и почвените услови. Во спротивно, нашето земјоделско производство би ги почувствувале последиците од климатските промени многу побрзо преку недостаток на достапна вода и исцрпување на подземните водни резерви, објаснува професорот Андонов. Како ќе влијаат климатските промени врз земјоделското производство? Според светските истражувања и примена на соодветни математички модели, се очекува дека доколку значајно не се намали емисијата на стакленички гасови ( СО2, CH4, N2O и др.), пред се како последица на согорување на фосилните горива, во наредните години се очекува зголемување на пресечната температура за 1оС до 2025 година а за наредните 25 години дополнително за 0,9оС. Тоа ќе ќе значи дека вкупните врнежи во просек ќе се намалт за 3% до 2025 година односно 5% до 2050 година. Иако годините се гледаат далечни сепак мерките за да се ублажи штетното влијание од климатските промени треба да се превземаат уште сега, предупредуваат експертите. Климатските промени ќе значат брзи  брзи промени на времето со топли, влажни или студени бранови. Ваквите појави веќе се случуваат последните години, односно сведоци сме на нагли топли периоди нетипични за сезоната, поплави, сушни периоди - Ова практично значи дека сите придобивки од зголеменото ниво на СО2, споменати претходно, во услови на сува клима како во нашата земја би биле неутрализирани. Најверојатното сценарио за Македонија во услови на недостаток на вода и зголемени температури на воздухот би било намалување на продуктивноста на растенијата кое би водело кон помали количини на лисна маса или растителни остатоци и вкупна коренова маса. Микробиолошката активност би се намалила и би се акумулирале мали количини на органска материја. Количините на азот, фосфор и на останатите биолошко важни елементи за развој на растенијата би се намалиле. Краткотрајните врнежи со силен интензитет, кои се карактеристични во текот на летниот период во Македонија, можат да предизвикаат интензивни порои со што се јавува интензивен процес на почвена ерозија, посебно на тешки глинести почви и голи површини со ниска инфилтрациона способност на наклонети терени, објаснува професорот Андонов. Сепак според истражувањата во некои случаи доколку се препорачаат адекватни мерки, глобалните климатски промени можат да бидат искористени како предност и да имаат позитивни ефекти врз земјоделското производство. Според агроекспертите основни правци за намалување на последиците од климатските промени,се зголемување на почвената покривка, зголемување на содржината на органска материја, зголемување на инфилтрацијата и ретенцијата на вода, редукција на површинските води, подобрување на хемиската плодност и продуктивност и намалување на загадувањето како на почвите така и на водата и животната средина. Ерата на евтина храна завршува, светската научна јавност се мобилизира! Последиците од климатските промени, зголемена побарувачка за поинаква храна во Кина и Индија (од житарки кон месо и зеленчук), како и зголемените  земјоделските површини со енергетски растенија за производство на горива, ќе доведта до зголемување на цената на храната.Светската стручна и научна јавност е мобилизирана кон изнаоѓање на решенија кои би довеле кон зголемени и стабилни приноси, дури и во понеповолни временски услови, објаснува  професорот Андонов. Спред него потребно е да се изнајде начин за надминување на предизвикот од климатските промени со зголемени и стабилни приноси на основните култури како што е тоа случај со пченката, пченицата оризот. Ј.С.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.