22 Декември, 2024
0.0312

Климовски: Евентуална забрана ќе го пресели бизнисот со игри на среќа во „сива“ зона

Објавено во: Македонија, Интервјуа 14 Март, 2019

Добивај вести на Viber

Игри на среќа имало и ќе има, а овој феномен е практично невозможно да се искорени. Целосната забрана само ќе го пренесе од легална и контролирана зона, во „сивата“ зона која може само да го зголеми криминалитетот во една држава и да ја стави во трошок државата во негово сузбивање, вели во разговор за Фактор, професорот Сашо Климовски кој е единствениот што има учебник за оваа проблематика и го предава предметот на Правниот факултет. Во разговорот зборува отворено за опциите за оддалечување на објектите за игри на среќа од училиштата, за ситуацијата во Албанија, но и затоа колку девизи се одлеваат од Македонија преку он лајн игрите од странски приредувачи. Вели дека индустријата на игрите на среќа во Македонија е доста развиена.


Климовски: Покрај домашните корпорации кои приредуваат игри на среќа, имаме и странски корпорации со свои вложувања и искуство во овој бизнис на светско ниво. Благодарејќи на добрата регулација и на пазарната економија, но и на силната конкуренција меѓу приредувачите, можеме да кажеме дека понудата на игрите на среќа кај нас е на завидно ниво и не заостанува зад понудата која постои во развиените земји. Деловните активности на приредувачите на игрите на среќа се од сериозно значење за нашата економија. Примарно, земете го предвид значењето на казината кои се наоѓаат во близина на Гевгелија и колкаво е значењето за локалната економија на тој град. Факт е дека Гевгелија се вбројува меѓу општините со најниска стапка на невработеност во нашата земја, токму поради апсорпционата моќ на работна сила на овие приредувачи на игри на среќа за тој регион.  Оваа гранка е значајна за вработеноста, но и за значителен придонес кон буџетот на државата. Факт што корпорациите регистрирани за приредување на игри на среќа во Македонија се рангираат помеѓу 200-те најголеми корпорации и тоа последователно во годините наназад, говори дека нивната пазарна пенетрација е значителна како во бројот на вработувања, така и во однос на финансиските резултати, а индиректно и  во бруто домашниот производ. Хрватска има скоро иста регулатива како нашето законодавство, овозможувајќи добри бизнис услови на полето на игрите на среќа. Србија е исто така пример во оваа насока. Од друга страна, ја гледаме Албанија каде што заради политички опортунитет се преземаат политичко-популистички и анти-пазарни чекори.

Вие сте единствен професор кој го поручува ова и од правен аспект, не само во Македонија туку и во регионот. Каква е регулативата, кои се опасностите?

Климовски: Точно е тоа дека сме меѓу ретките правни факултети на глобално ниво каде што се изучува оваа правна област. Нашата инспирација за оваа програма дојде од два универзитети каде што има најквалитетни развиени предметни програми, и тоа Универзитетот Харвард и Универзитетот на Северна Каролина, и двата од САД. Овие програми дури не мотивираа, заедно со колегата д-р Тимчо Муцунски во 2013 да го објавиме универзитетскиот учебник „Право на игрите на среќа“. Се работи за област која има сериозно влијание врз економските текови, а е длабоко регулирана со законски и подзаконски акти. Секако, примарната цел на регулацијата на оваа област е токму заштита на потенцијалните играчи, но и обезбедување на приходи за државата преку игрите на среќа. Јасен факт е дека државата можете да се обиде да ги спречите игрите на среќа, но во таква ситуација ќе се соочите со зголемена појава на „диви“ обложувалници и автомат-клубови каде нема ниту заштита за играчите, ниту приход за државата. Оттука, регулацијата насочена рестриктивно или прохибитивно кон игрите на среќа создава простор за зголемен криминалитет како и правна непредвидливост.

ВО ПОСИРОМАШНИ ЗЕМЈИ ИГРААТ ПОВЕЌЕ ГРАЃАНИ

Генерален е впечатокот дека во последниот период има експанзија на игри на среќа од секаков вид и во земјава. На што се должи тоа?

Климовски: Игри на среќа имало и ќе има, тоа е општествен феномен кој потекнува од древните времиња до денес. Историјата на ова поле не доведува до заклучок дека практично е невозможно да се искорени овој феномен, зошто целосната прохибиција само ќе го пренесе овој феномен од легална и контролирана зона, во „сивата“ зона која може само да го зголеми криминалитетот во една држава и да ја стави само во трошок државата во негово сузбивање. Како ќе ја едуцираме популацијата за потенцијалните негативни феномени кои произлегуваат од активното учеството во истите е најсериозната дилема која стои пред денешните политичари. Имено, како што повеќе пати нагласувам, забраните или строгите регулативни мерки насочени кон дестимулација на оваа економска област, не ги одвлекува потенцијалните клиенти. Има голем обем на научни истражувања во разни земји кои упатуваат на јасен заклучок, а тоа е дека одвлекувањето од игрите на среќа се прави преку едукативни кампања и програми насочени, пред сѐ кон млади луѓе. Игрите на среќа се појава која за некој може да биде ситна сатисфакција, и доколку тоа не ги премине границите на нормалното однесување, односно доколку не ја загрозува егзистенцијата на поединецот и неговото семејство тогаш нема ништо страшно во оваа сатисфакција. Во таа насока се и многубројните кодекси и препораки од сферата на корпоративната општествена одговорност што самите приредувачи на игри на среќа, во рамките на таканареченото меко право (soft law) ја создаваат таа регулатива. На пример, лимитирање на износот за одреден играч којшто не може да биде надминат на дневна основа. Понатаму, ограничувањето на времето во коешто играчот може да учествува во игрите на среќа. А исто така постојат и мерки како што се вклученоста на голем број на хуманитарни акции од страна на приредувачите на игрите на среќа и тоа, во културата, здравството, спортот, итн… Одредени истражувања укажуваат дека постои правопропорционалност помеѓу степенот на експанзија на игрите на среќа и степенот на сиромаштијата во едно општество. Така, имаме огромен број на граѓани коишто учествуваат во игрите на среќа, со многу мали износи, во посиромашни земји. Од друга страна пак, во поразвиените и побогатите земји со повисок стандард постојат обратен феномен, односно помал број учесници, но поголеми влогови во игрите на среќа.


ЗНАЧАЕН ИЗВОР ЗА ПАРИ ЗА БУЏЕТОТ

Граѓаните сметаат дека има обложувалници и автомат клубови на секој чекор. Дали густината на вакви објекти е пресудна за навлекување?

Климовски: Дали густината има влијание врз навлекувањето е прашање од социолошка природа. Јас можам да ви дадам одговор на ова прашање низ призмата на правото, односно која е потребата од регулацијата на игрите на среќа. Имено, постојат три основни причини зошто се наметнува потребата од лиценцирање кај игрите на среќа. Прво, државата има интерес да ја заштити јавноста, преку тоа што ќе ограничи одредени лица во можноста да учествуваат во организирање на игри на среќа. На пример, лиценци не би се доверувале на лица кои претходно се познати за измами со игри на среќа. Ист таков пример е одбивање на барање за лиценца на лице кое нема претходно искуство со организација на игри на среќа, односно лице кое не е компетентно да препознае измами од страна на вработени или клиенти, со цел да се измамат други клиенти. Втората причина за потребата од лиценцирање се утврдува себичната цел да државата да спречи учество на лица кои директно или индиректно би можеле да го оштетат економскиот удел на државата во индустријата на игри на среќа. Како пример се наведуваат лица кои вршат даночна измама или немаат стручност во работењето и оттука заради нивната неспособност за соодветно работење и менаџирање државата би изгубила приходи преку даноци. Трета, и последна причина за наметнување на лиценци, се утврдува потребата од уверување дека игрите на среќа се чесни и создавање на јавна перцепција за таквата појава. Јавноста не би учествувала во игри на среќа, доколку смета дека истите се нечесни. Доколку еден оператор на игра на среќа изврши измама тогаш јавноста може да се сомнева дека целата индустрија е нечесна. Индустријата на игри на среќа може да претрпи сериозна криза на кредибилитет доколку на пример медиумите откријат дека оператор на казино работи нечесно и има криминални врски, и таквата појава би се врзала со втората причина, бидејќи помалите приходи кои би биле производ на јавна недоверба во индустријата по автоматизам би значеле и помалку средства од даноци за држава, односно намалување на државниот економски интерес од игрите на среќа.

Во врска со социолошката димензија, на прашањето дали густината на присутност на приредувачи на игри на среќа влијае на навлекување би можел само да го дадам следното лично видување. За државата, игрите на среќа претставуваат значаен извор на средства како приходи кои покриваат голем дел од годишните програми или се користат за финансирање на хуманитарни или спортски активности за здруженија на граѓани. Бидејќи државата не може да се откаже од средствата кои ги остваруваат преку лиценцирањето или фискализацијата на игрите на среќа акцентот треба да се стави на развивање свесност за прифаќање на игрите на среќа како еден вид „поскапа“ забава, или дружење со што би се постигнала основната цел на овие игри, а тоа е голема масовност и забавување, а да не се создава приказ дека тие можат да бидат единствено извор на брзо и лесно збогатување особено поради фактот што сите видови на игри на среќа се конципирани на тој начин што повеќето шанси, поголемиот процент на добивка е секогаш на страната на приредувачот. Важно е да се спомене дека во концептот кај секоја игра на среќа вградени се законитостите на теоријата на големите броеви: колку се подолго во низата настани како учесници, толку посигурно вашите шанси за успех се намалуваат.

НЕ ОДДАЛЕЧУВАЊА НА ОБЛОЖУВАЛНИЦИТЕ, ТУКУ ЕДУКАЦИЈА

Имаше дебати по предложените законски измени, во однос на близината на обложувалниците до училиштата. Како гледате на тоа?

Климовски: Дилемата која всушност се поставува е дали близината на приредувачи на игри на среќа до училишта, може да создаде зависност кај популацијата на училишна возраст. Во светот постојат голем број на научни истражувања кои го анализираат ова прашање. Пример за вакви истражувања се на професорот Џоел Трембли од Канадскиот Институт за заштита од зависности. Заклучоците од истражувањата, базирани на голем обем на научна емпирија, упатуваат на заклучокот дека главните фактори кои влијаат врз појавата на зависност за учество во игрите на среќа кај помладата популација, примарно се од психолошка и социолошка природа, и тоа проблеми со ментално здравје, историја на стресни животни случувања, појава на зависност кај родители, злоупотреба на наркотични средства кај родители, недостаток на комуникација со родители или живеење во нефункционални семејства, недостаток на внимание во училиште.

Оттука, според мене, фокусот на државата треба да цели кон решавање на реалните проблеми со кои се соочува нашето општество и младите, и тоа обезбедување на поквалитетно образование, повисок стандард на граѓаните и поквалитетни здравствени услуги кои овозможуваат рано детектирање на потенцијални психолошки проблеми кај младите граѓани. Ваквиот тип на ограничувања на близината на објектите во коишто се приредуваат игрите на среќа до образовните институции е бесцелно и ви тврдам дека ни од далеку не е клучот за решавање на појавата на учество на младите лица во игрите на среќа. Пример, еден ученик или помлад студент движејќи со од својот дом до училиштето или до универзитетот, поминува најмалку покрај пет вакви објекти коишто се оддалечени повеќе од триста метри. Дополнително, втор пример се голем број на објектите кои приредуваат игри на среќа, а се наоѓаат во мезанините на станбени објекти, а во нив живеат, покрај другите и голем број млади лица. Оттука, ваквото насоки не одат во насока на решавање на овој проблем. Фокусот, односно решението, може да се обезбеди единствено преку едукативни програми конципирани од државата, а помогнати од приредувачите на игрите на среќа. Сметам дека законската и подзаконската регулатива во системот на игрите на среќа во нашата држава е одлична. Можеби, во однос на заштита на младата популација, неопходен е надзор од инспекциските служби на терен во насока на ажурност и ефективност во имплементирање на законските и подзаконските решенија.

 Во подем се и игрите на среќа на интернет, а наши граѓани играат и на странски провајдери. Дали на ваков начин се одлеваат девизи од земјава, какви се опасностите?

Климовски: Основниот проблем при дозволување на нашите граѓани да играат на странски провајдери е што при евентуална злоупотреба, ние не можеме да ги заштитиме истите. Моментално, не се почитува законската забрана која ги ограничува нашите граѓани за учество во игри на среќа на странски веб страници. Тоа води кон значително учество на наши граѓани на тие сајтови и значително одлевање на девизни средства од нашите граѓани во другите држави каде што се регистрирани тие приредувачи. Ова е лошо од повеќе аспекти. Прво, државата губи девизни средства и губи дел од фискализацијата на приходите, доколку тие приредувачи се во нашата земја. Второ, отсуствува во одреден степен заштита на учесниците на игрите на среќа кои се играат на странски сајтови.

Пазарната пенетрација на онлајн игрите на среќа допрва ќе биде во подем. Државата мора да преземе итни мерки да ги заштити потрошувачите, а секако тоа ќе биде и во нејзин интерес. Прво, согласно нашето законодавство, таа има удел во трговското друштво кое има лиценца за организирање на онлајн игри на среќа, а второ, ќе има придобивки преку прибирање на даноци. Лиценцирањето и надзорот на приредувачите коишто се регистрирани во нашата земја се вршат од страна на нашите надлежни институции. Ова не носи до заклучокот дека доколку не се почитуваат правилата на играта од страна на приредувачот, правната заштита надвор од нашата граница и органите надлежни за надзор, не можат да ја остварат правната заштита. Оттука, сметам дека во блиска иднина, законодавецот треба да размисли да интервенира во Законот за игрите на среќа на тој начин што ќе воведе механизам на операционализација за забраната за учество на лица од нашата земја во игрите на среќа, организирани од страна на странски интернет страни, која е утврдена во членот 19 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри. Впрочем, Република Хрватска овој проблем го детектираше и имплементираше ваква правна мерка, односно забрана, и изгради механизам на начин што го ограничи пристапот до овие веб страни и ја ограничи можноста на граѓаните преку банките да вршат уплати на сметките на приредувачи надвор од Хрватска. Секако, праксата со забраната на достапноста до странските интернет казино сајтови и забраната на банкарските безготовински плаќања на странските интернет казино сајтови не е само во Хрватска, туку и во други земји во нашето опкружување. Оваа забрана многу ефектно е спроведена и во Србија, Бугарија и Романија. Така овие држави ги штитат своите граѓани од евентуалните измами, но истовремено го спречуваат неконтролираниот одлив на девизни средства на своите граѓани во странство од кои државата нема никаков бенефит и контрола на тие средства.


НЕ НИ ТРЕБА АЛБАНСКИОТ МОДЕЛ

Во последниот период стана актуелно прашањето по измените на регулативата во Албанија. Какви промени се случуваат, што треба да се смени кај нас?

Климовски: Албанскиот Парламент во 2018 година донесе закон со кој се врши забрана на најголем дел од игрите на среќа. Законските промени наметнуваат забрана на автомат клубови, обложувалници и забрана за учество во онлајн игрите на среќа. Сепак, заради постоење на концесии кои се во тек, забраната не важи за казината во големи хотели и телевизиски бинго игри како и националната лотарија.

Секако, од претходно кажаното, цврсто сум убеден дека на нас пример во овој случај никако не смее да ни биде Албанија. Одговорно тврдам, дека Албанија ќе се соочи многу скоро со голем број од негативните импликации, кои претходно ги спомнав, а кои задолжително се производ на вакви забрани. Да излеземе дури и надвор од рамките на игрите на среќа, и да погледнеме какви импликации имале кои било форми на забрани и/или прохибиции на социјални феномени кои забранети или не ќе ги има. Пример за тоа за разните прохибиции на алкохол, како таа што била во САД во триесеттите години од минатиот век. Цветал криминал и се јакнеле мафијашките структури, а од друга страна државата беше изложена на загуби по основ на акцизи како и загуби на огромни средства ставени во функција на гонење на прекршителите на прохибицијата. Ваков тип на прохибиција во Албанија ќе значи дупло голо за државата.

Гледано себично, како Македонец, дури може овој процес и да нѐ радува. Пограничните места со Албанија, можат доколку мудро ги следат овие процеси да се претворат во нова Гевгелија и нашата земја да има дополнителен извор на големи приходи и отворање на нови работни места.

А што треба да се промени кај нас?

Климовски: Во однос на тоа што треба да се смени кај нас, потребно е да се засили инспекцискиот надзор над приредувачите во смисла на имплементирање на забраната за учество на малолетните лица во објектите каде се приредуваат игрите на среќа, да се засили едукативната програма за одредени негативни последици од практикувањето на игрите на среќа и истите да бидат сфатени како забава, а не како извор на финансирање. Секоја интервенција на законодавецот која би одела во насока на рестриктивното или прохибитивното во организирањето на игрите на среќа би била со несогледливи последици од неколку причини: губење на приходи на државата, губење на работните места на луѓето кои работата во корпорациите кои приредуваат игри на среќа, и создавање на правна несигурност кај кој било инвеститор. Би сакал на крајот да укажам на одредени аспекти од последиците токму и особено од правната несигурност во деловните односи.

Едни од основните, општо познати правни начела се правната сигурност и неможноста нови закони или измени во постојни закони да се применуваат ретроактивно.

Оттука, секоја промена во условите кои веќе постојат за приредувачите на игрите на среќа, особено додека важат лиценците за посебните и интернет игрите на среќа и/или договорот со кој државата го пренела право да се приредуваат игрите на среќа на одредена корпорација во одреден рок, а во одреден случај и правото на ексклузивитет, се до важењето на лиценците и/или траењето на договорот, би предизвикала повреда на правата кои произлегуваат од претходно издадените лиценци и/или од склучениот договор, што може да доведе до штети за државата по основ на тужби и истовремено да даде негативен сигнал до потенцијалните инвеститори за непочитување на стекнатите права на инвеститорите и за постоење на клима на правна несигурност. Во такви услови не знам кој инвеститор би помислил во иднина да вложи капитал и know how во таков деловен амбиент.

Aлександра Томиќ

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ЕВЕ ВО КАКВА СОСТОЈБА Е ВОДАТА ПО САНИРАЊЕТО НА ДЕФЕКТОТ: Се огласија од Водовод

ЕВЕ ВО КАКВА СОСТОЈБА Е ВОДАТА ПО САНИРАЊЕТО НА ДЕФЕКТОТ: Се огласија од Водовод

ЗА СЕКОГО ЌЕ НАЈДЕШЕ ДОБАР ЗБОР, СВЕТОЛ ПАТ ДРАГ ЧОВЕКУ: Професорката Малеска се прости од професорот Арнаудовски

ЗА СЕКОГО ЌЕ НАЈДЕШЕ ДОБАР ЗБОР, СВЕТОЛ ПАТ ДРАГ ЧОВЕКУ: Професорката Малеска се прости од професорот Арнаудовски

БАБА ЗИМА ЌЕ УДРИ СИЛНО: Попоски најавува многу снег и силен ветер, од утре длабок и многу студен Средоземен циклон од утре доаѓа во Македонија!

БАБА ЗИМА ЌЕ УДРИ СИЛНО: Попоски најавува многу снег и силен ветер, од утре длабок и многу студен Средоземен циклон од утре доаѓа во Македонија!

ДА СУМ НА МЕСТОТО НА ГРУБИ И ЈАС ЌЕ ИЗБЕГАМ: Калајџиев кажа што го тера да го брани поранешниот вицепремиер

ДА СУМ НА МЕСТОТО НА ГРУБИ И ЈАС ЌЕ ИЗБЕГАМ: Калајџиев кажа што го тера да го брани поранешниот вицепремиер

НЕМА ПОПУШТАЊЕ, НОВ ЗАКОН ЗА СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ СЕПАК ЌЕ ИМА: Но ќе биде со подобрен текст

НЕМА ПОПУШТАЊЕ, НОВ ЗАКОН ЗА СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ СЕПАК ЌЕ ИМА: Но ќе биде со подобрен текст

ЈА ИЗЛАЖАЛ ДЕКА НЕЈЗИНАТА ЌЕРКА НАПРАВИЛА СООБРАЌАЈКА СО СМРТНИ ПОСЛЕДИЦИ - постара жена измамена за 28 илјади евра, МВР го расчистува случајот

ЈА ИЗЛАЖАЛ ДЕКА НЕЈЗИНАТА ЌЕРКА НАПРАВИЛА СООБРАЌАЈКА СО СМРТНИ ПОСЛЕДИЦИ - постара жена измамена за 28 илјади евра, МВР го расчистува случајот

„АРТАН ГРУБИ ПОВЕЌЕ НЕ Е ДЕЛ ОД ДУИ“??? - дали е блеф или матичната партија се откажува од еден од своите најистурени играчи

„АРТАН ГРУБИ ПОВЕЌЕ НЕ Е ДЕЛ ОД ДУИ“??? - дали е блеф или матичната партија се откажува од еден од своите најистурени играчи

ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ ПОВТОРНО СО ОСТРА КРИТИКА - „Обвинителите и судиите биле позаробени и покорумпирани отколку што сме мислеле“

ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ ПОВТОРНО СО ОСТРА КРИТИКА - „Обвинителите и судиите биле позаробени и покорумпирани отколку што сме мислеле“

ДВАЈЦА МЛАДИ МАКЕДОНСКИ ЛЕКАРИ НЕСЕБИЧНО СПАСУВАА ЖИВОТИ НА НАСТРАДАНИТЕ ВО НАПАДОТ ВО МАГДЕБУРГ - горда е македонската амбасада на нашата дијаспора

ДВАЈЦА МЛАДИ МАКЕДОНСКИ ЛЕКАРИ НЕСЕБИЧНО СПАСУВАА ЖИВОТИ НА НАСТРАДАНИТЕ ВО НАПАДОТ ВО МАГДЕБУРГ - горда е македонската амбасада на нашата дијаспора