КЛУЧ НА РАКА НА ЕДЕН ИЛИ НА ПОВЕЌЕ ОПЕРАТОРИ - Владата го забрзува проектот за новиот Клинички
Објавено во: Македонија 18 Декември, 2020
Владата се реши да го забрза колку што може повеќе проектот за новиот Клинички центар. Локацијата е избрана, се знае и отприлика колку многу пари ќе ја чини државната каса, а во собраниска процедура се најде и законско решение за овој проект, кое ќе се носи по скратена постапка.
Наречен како предлог закон за реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“ за изградба и ставање во употреба на комплекс на градби, Владата во него навела бројни детали за тоа како ќе тече целата постапка, почнувајќи од тоа кому ќе му биде доверена изградбата, на каков начин, па до самата изградба и до тоа како потоа клиниките ќе се префрлаат постепено во новиот објект во близина на Ѓорче Петров.
А пред неколку дена и премиерот Зоран Заев откри дека во телото „За татковината со љубов“, се разговарало и за новиот клинички.
ЗА НОВИОТ КЛИНИЧКИ РАСПРАВАЛО И ТЕЛОТО „ЗА ТАТКОВИНАТА СО ЉУБОВ“
„Иницијативата е во согласност со отворениот пристап на оваа Влада за инклузивен процес кога се во прашање важни, стратешки прашања од интерес на граѓаните и државата... Еве, како најнова понуда е да разговараме за Законот за Клиничкиот центар, на пример, и подготвени сме да ги слушнеме мислењата на сите за да постигнеме најдобро и најефикасно решение за еден ваков стратешки објект во јавното здравство“, рече премиерот Заев.
Од Владата во предлог законот велат дека нивни стратешки приоритет е изградба на достапен, квалитетен и долгорочно одржлив систем на здравствена заштита, кој ќе обезбеди високо стандардни услови за работа на медицинскиот кадар, погодни услови за специјализација, и ставање на граѓаните во центарот на здравствениот систем. Тоа, како што објаснуваат, ќе се обезбеди со преместување на комплексот клиники „Мајка Тереза“ на greenfield локација.
Како цели што се настојува да се постигнат се подобрување на ефективноста и ефикасноста на здравствениот систем, групирање на сите постоечки служби во една зграда со интегриран капацитет кој ќе понуди соодветна циркулација, функционална поврзаност и континуитет на пружањето на здравствените услуги, клиничка непосредна поврзаност и прегрупирање на клучните услуги во еден ист кампус. Дополнително, стратешка цел е интеграција на наставата и истражувањето во рамки на кампусот, притоа не нарушувајќи го комфорот на посетителите.
Меѓу другото, власта очекува дека со овој закон ќе
постигне и оптимизација на трошоците или другите ресурси кога ќе го гради
новиот клинички, преку посебни услови и постапки за доделување на договорите за
јавна набавка на стоки, услуги и работи за потребите на новиот клинички центар.
Скратената постапка се предлага бидејќи не се работело за обемен и сложен закон.
„Со овој закон се уредуваат постапката и условите за реализација на проектот Нов Универзитетски клинички центар - за изградба и ставање во употреба на комплекс на градби како градби од значење за државата. Ако со овој закон не е поинаку уредено, се применуваат одредбите од Законот за јавни набавки, Законот за експропријација, Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење и Законот за општа управна постапка“, се вели во предлог законскиот текст.
ПРЕФРЛАЊЕТО НА КЛИНИКИТЕ ЌЕ ОДИ ПОСТЕПЕНО И ВНИМАТЕЛНО
Проектот ќе се состои од градење и ставање во употреба на комплексот на градби во новиот клинички центар, и тоа ќе опфати планирање, проектирање и подготвка на техничка документација, изградба, управување со изградбата и градежните работи, како и опремување.
Но, со законот ќе биде опфатено и планирањето на преместувањето
на клиничкиот центар, управувањето со трансферот, потоа со процесот на
паралелна работа на болничката инфраструктура, обуката на персоналот, како и одржување
на објектот и опремата. Всушност, со законот се сака да се осигури дека ќе
оди добро постепеното ставање во функција на новите градби, но и ставањето вон
функција на градбите од стариот постоечки комплекс клиники „Мајка Тереза“, како
и обезбедување на паралелно работење и целосна оперативност преку двата
комплекса на градби.
„Комплексот на градби во рамки на проектот Нов Универзитетски клинички центар ќе се гради на локација која е поставена во северо-западниот дел од Скопската котлина, во западниот дел од општината Ѓорче Петров и јасно дефинирана со Обиколницата на Град Скопје, како главна инфраструктурна и геостратешка референца за просторот“, се вели во предложениот закон.
ДРЖАВАТА ЌЕ БИДЕ ИНВЕСТИТОР И ДРУГ НЕМА ДА МОЖЕ ДА СТЕКНЕ ПРАВО НА СОПСТВЕНОСТ
Решавањето на имотно-правните односи на земјиштето предвидено за изградба кои се наоѓаат на Локацијата, ќе биде на товар на земјава како инвеститор. На комплексот на градби ниту едно трето лице нема да може да стекне право на сопственост.
Постапките за јавни набавки на стоки, услуги и работи за реализација на проектот ќе ги спроведува Министерството за здравство, кое ќе биде договорен орган. Тоа ќе ги спроведува постапките за јавни набавки согласно Законот за јавни набавки, освен ако поинаку не е уредено со овој закон.
Интересно е дека во законот се наведува дека постапките за јавни набавки ќе
може да се спроведат или како единствена постапка за доделување на договор за
јавна набавка по принцип на „клуч на рака“ на еден економски оператор, или,
пак, на група економски оператори како генерален изведувач.
Договорот за јавна набавка по принцип „клуч на рака“ е комбиниран договор за набавка и ќе биде доделен преку спроведување на постапка со конкурентен дијалог како единствена постапка за јавна набавка согласно Законот за јавни набавки, се вели во законот.
„Cо договорот за јавна набавка по принцип клуч на рака се обврзува генералниот изведувач да ги изврши збирно сите работи потребни за изградба и употреба на определена целосна градба или определен целосен комплекс од градби...“, се вели во предложениот закон.
Во оваа постапка ќе се дозволи поднесување на групна пријава од име на повеќе економски оператори кои претходно учествувале со поединечни пријави во фазата на претквалификација. Под групна конечна понуда се подразбира една единствена понуда доставена од име на повеќе економски оператори, оценети како способни кандидати.
Натаму во законот се опишува како ќе тече постапката со еден, а како би течела со понуда од двајца способни кандидати, и какви рокови ќе им бидат дадени.
Министерот за здравство, Венко Филипче, пред неколку месеци откри дека е почната постапка за изградба на нов Клинички центар. Тој најави дека се планира првиот од четирите блока на центарот да биде завршен во наредните четири години.
„Верувам дека првиот блок дефинитивно ќе биде завршен во следните четири години. Тоа ќе овозможи дел од сегашните клиники да се преселат и да почнат со работа. Како ќе бидат завршени следните блокови ќе се празнат и клиниките според стратегијата“, потенцираше министерот Филипче, и дополни дека едни од најкритичните и тие на кои им треба многу внимание се клиниките каде има операциони сали и интензивна нега. Што значи дека први би се преселиле хируршките клиники и операционите сали, и сè што е поврзано со хируршка интервенција.
Во однос на финансирањето, Филипче посочи дека сè уште се работи на финансискиот модел, а проценката е дека новиот клинички би чинел околу 450 милиони евра.
Кон крајот на минатата година, пак, министерот рече дека фазата на евалуација е завршена, па останати се две компании - германската Vamed и француската Bouygues construction.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.