Кое решение е политички најбезболно за Спасов?
Објавено во: Македонија 01 Ноември, 2016
Мора да има ред и почитување на законите. Секој мора да сноси одговорност бидејќи тоа е најконструктивен и
најпродуктивен политички пристап кон работите -вели за Фактор, аналитичарот Алберт
Муслиу коментирајќи ја сообрајќајката во која заменикот Диме Спасов со службено
возило на Агенцијата за вработување, удрил во неколку паркирани возила, а
потоа избегал од местото на настанот. Недозволиво е според политичкиот
аналитичар несовесноста да биде прикриена со етнички предзнак, а дел од
институциите и партијата на власт да се трудат да го скријат случајот или да ја
пренасочат вината.
“Таа приказна дека за се што се прави лошо се виновни Албанците е изветреана приказна и не поминува помеѓу граѓаните. Па дури и да има инциденти македонско-албански, што ако се скараат двајца криминалци од различна етничка припадност, треба ли да се влошат или срушат меѓуетничките односи или да се подигнат тензиите? Кај нас фали одговорност, односно да се надмине недофатливоста од страна на законот за одредени личности од власта. Целиот проблем не смее да се префрли на сензитивно поле бидејќи страотно е што наместо да се негуваат меѓуетничките односи тие се мета на влошување. Ако на пример имаше жртва во целата ситуација зарем требаше да има меѓуетнички инцидент? Сме имале такви случаи кои завршувале лошо за сите граѓани. Затоа мора да се потенцира дека мора да има политичка но и правна одговорност бидејќи тоа прашање имаше тенденција да се вовлече во целата приказна”- објаснува Муслиу.
Политички најбезболно вели е виновникот да се соочи со состојбата, да си понесе одговорност. Ниту власта, ниту инволвираните институции не смее да ја минимизираат одговорноста, туку мора да бараат утврдување на морална, политичка и кривична одговорност.
“Не ја разбирам тенденцијата ако се направи грешка таа да не се прифати. Грешки се случуваат, ова е немил настан, сето тоа што се случило. Личната тенденција на министерот ја разбирам, не е коректна и морална, но може да се случи. Но не ја разбирам тенденцијата на владејачката партија сето ова да се забошоти и да се префрли вината на друг. Тоа зборува за една тенденција и навика која постојано ни се случува. Во Македонија сите може да бидат криви но не и оние кои управуваат и менаџираат. Тоа најмногу ме вознемирува” –додава аналитичарот.
Дополнително според него се отвора и прашањето како овој пример ќе влијае врз сите возачи, учесници во сообрајќајот. Се поставува прашањето дали на овој начин, функционерите се ставаат над законите, па наместо да имаат двојна одговорност пред граѓаните и пред јавноста, тие стануваат негативен пример на улицата дека и покрај направениот прекршок функцијата им дава за право да се однесуваат спротивно на законските, безбедносните и сообрајќајните прописи. Затоа надлежните органи вели не смеат да толерираат прекршување на законите, особено ако се работи за возење во алкохолизирана состојба што е директна потенцијална опасност во сообрајќајот!
“Мислам дека треба да се спомене и другиот аспект, односно има личност- конкретно возачот кој ќе има кривична пријава за лажна изјава. Само за да си ја прикријат вината не мислат на судбината на другите. Ова е загрижувачки момент, но и лекција за останатите. Имаме неколку дена паника, а треба само вината вистински да се лоцира”- додава Муслиу.
Во развиените демократии и држави како што вели аналитичарот Муслиу политичките елити имаат повисоки морални вредности. Кај нас додава дека се создава само чувство или перцепција за морални вредности, но кога тие се индивидуализираат најбитно е да се спаси личноста. Оттука било какви позитивни морални чинови ја развиваат позитивно и политичката свест на општеството, а ако тие норми се воведат во Македонија многу проблеми и тензии вели ќе се решат побрзо и побезболно.
С.Б.