30 Април, 2024
0.0260

КОГА ЌЕ ОГРЕЕ СОНЦЕ ВО АГРАРОТ: Половина субвенции за заостанати исплати од минатите години

Објавено во: Агробизнис 16 Ноември, 2016

Добивај вести на Viber

Речиси половина од парите наменети за директна поддршка на земјоделството за следната година, се предвидени за заостанати исплати од Програмите од претходните години. Поточно за оваа намена, од вкупната планирана сума за директни плаќања за 2017 година во износ од 99,4 милиони евра, дури 44,3 милиони евра, ќе бидат за заостанати исплати od претходните години. Споредено со годинава, износот на директната поддршка за догодина е помал за околу три милиони евра. За Програмата за рурален развој за следната година се предвидени 36,5 милиони евра или за 3,5 милиони евра помалку од годинава.

„Она што е карактеристично во Програмата финансиска поддршка во земјоделството во 2017 година, е што половина од планираниот буџет за директни и дополнителни плаќања се однесува за заостанати обврски за 2016 година.Уште по карактеристична е состојбата со Програмата за рурален развој каде во мерките каде се планирани и најповеќе пари состојбата е следна; Мерката Помош за вршење на земјоделска дејност во подрачја  со ограничени можности во буџетот за 2017 се планирани 31.000.000 денари, а 30.000.000 денари се за заостанати обврски за претходни години.Мерката  Подобрување на квалитет на живот во рурални средини, за 2017 се планирани 301.000.000 денари, а 300.000.000 има заостанати обврски од минатите години.Иста но со различни сума е состојбата за мерките обнова и развој на селата и зачувување и унапредување на традиционални вредности во рурални подрачја. Од сето ова може да се види дека поголемиот дел од буџетот во 2017 година ќе оди за исплата на обврските достасани од минатите години, и со право се вели дека со исплаќање во руралниот развој и директните плаќања се доцни една цела календарска година“, велат од „Руралната коалиција“.

Според дел од земјоделските здруженија нема ништо спорно во тоа што голем дел од парите во Програмата се за заостанати исплати од претходните Програми.

И во претходните години има ставки за заостанати исплати, и практичо тоа истата сума како и за следната година, истите пари се префрлуваат од година во година.Мислам дека тоа не треба да се смета за застој во исплатата, оти од било кои причини не може навреме да се земат субвенциите.На приемр се случуваат проблеми со докментацијата, погрешни документи, во дел од случаите се виновни и самите земјоделците за некои погрешни документи, некогаш нешто недостасува, и затоа се доцни во исплатата. Не може секогаш да биде виновна Агенцијата за поддршка на земјоделството„, вели претсаедателот на Асоцијацијата на земјоделци Ефтим Шаклев.

Повеќе пари за поддршка на растителното производство

Според објавената програма, по гранки, за растителното производство се планирани 32,5 милиони евра, а сточарското производство 19,2 милиони евра. Останатите пари за директни плаќања се наменети за помош во премии и осигурувања, заштита на земјоделско земјиште, помош во сточарски сектор, дополнителна помош за загуби од природни катастрофи и климатски промени, материјални трошоци за програмата и помош за одделни носители на земјоделско производство. Критериумите за добивање субвенции остануваат исти како и претходните години, односно висината на поддршката се намалува со зголемување на пријавените површини или грла добиток. Според календарот, исплатата на субвенции ќе се врши како и досега во две буџетски години, во 2017 и 2018 година.  Дел од агроекономистите велат дека секоја година се одвојуваат милионски суми за субвенции, но нема истражување и анализи како тие пари влијаат врз развојот на земјоделските гранки, колку од планираните суми се исплаќаат и дали ја подобруваат состојбата на земјоделците. Според агроекономистот Борис Анакиев, распределбата на парите по сектори е погрешна, поточно сточарството не треба да добива помалку пари од растителното производство. Дополнителен проблем според Анакиев е тоа што поголемиот дел од субвенциите се исплаќаат не во тековната туку во следната година.

„ Сметам дека вака како што е составена прогрмата е многу конфузна за  земјоделците и тешко ќе можат да ја разберат. Потоа ако се погледне календарот за исплата, излегува дека ова е програма се за две години, голем  број мерките ќе се исплатат дури во 2018 година, имате производство,  а ќе добиете парии во 2018 година или 31 подмерка ќе се исплатат во 2018 година,  14 подмерки во 2017. Дополнително немаме увид колку се исплатени во 2016 година и колку ќе се исплатат во 2017 година. Во однос на влијанието на субвенциите, колку досега влијаеле врз развојот на земјоделството, толку и сега ќе влијаат. За жал нема истражувања, колку се развива земјоделството со субвенциите. Никој не истражува, колку земјоделците вложиле во развој, а колку потрошиле како стандард. Се поддржува се и сешто, производи кои не носат развој и извоз, со кои се занимваат малку земјоделци. Од друга страна сметам дека за сточарство се предвидени недоволно пари во споредба со растителното производство.  Сточарството е неоправдано помалку поддржано од колку заслужува и што треба оти развојот на земјоделството се гледа преку развој на сточасртво. Тоа е гранка преку која се остваруваат финалните производи од растителното производство“, вели Анакиев.

Од Асоцијацијата на земјоделци пак сметаат дека субвенциите имаат придонес во развојот на земјоделците, и дека не социјална туку развојна мерка.

„Субвенциите го развиваат земјоделството, тоа се гледа од фактот дека ние  не сме на исто ниво како претходните години.Има повисоки приноси, се применуваат модерни методи за производство.Голем дел од старата механизација е заменета со нови трактори, имаме модерни фарми, што порано ги немало, се подигаат нови овошни насади, се набавуваат приплодни грла.  Ако не се субвенциите 60-70 проценти од земјоделците нема да се занимаваат со земјоделство.Субвенциите имаат развојна, а не социјална компонента. И не е точно дека субвенциите се привилегии на поединци“, вели Шаклев.

Според Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќањња, предвидени се субвенции за сите полјоделски култури, добиточна храна, индустриски култури, градинарски производи, овошни и лозови насади, за грла добиток и друго. Во моментов од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството велат дека поради предвремените парламентарни избори исплатата на субвенциите е стопирана. Фактор побара став од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, колкава сума на субвенции е исплатени за годинешното производство до моментот до кога е стопирана исплатата  и за кои гранки ќе се исплаќа по избори. Во одговорот не е посочена точна сума туку само за кои гранки се исплаќа.

„Согласно Изборниот законик, АФПРЗ го запре плаќањето на субвенции на 31.10.2016 година.Исплатата ќе продолжи по формирањето на Влада по изборите. Од субвенциите за 2016-та година исплатен е тутунот, и започна исплатата на поледелските култури согласно календарот за исплата на субвенции. Млекото се исплаќа квартално по фази и првата фаза млеко беше исплатена во септември во износ од 92 милиони денари. Исплатени се исто така и премиите за осигурување на земјоделските имоти.Оваа е втор пат да се запира исплатата на субвенции оваа година, субвенции не се исплаќаа ни во текот на месец мај поради донесената одлука за избори во јуни кои потоа се одложија“, велат од Агенцијата.

Од 2007 година досега годишно се издвојуваат стотитици милиони евра за поддршка на земјоделството. Но податоците покажуваат дека планираната сума за директна поддршка на сите земјоделски гранки без руралниот развој, не може во целост да се искористи.Според податоците од Националната стратегија за развој на земјоделството 2014-2020 година,  околу 30% од планираните средства со Буџетот во некои години не се исплаќале комплетно. Така освен во 2008 и во 2009 година кога целата планирана сума била исплатена, во годините подоцна реализацијата е помала од планот.  Светска банка во последниот извештај нотираше дека и покрај тоа што сумата за субвенциите се зголемува, ефектите се слаби поради погрешната распределба. Се забележува  дека големите земјоделски стопанства сеуште добиваат висок непропорционален дел од субвенциите, а за да се зголеми продуктивноста се препорачува земјоделските субвенции да се насочат кон оние на кои најмногу им се потребни, нотираше Светска банка.При тоа во истиот извештај беше посочено дека  исплатата на субвенциите посебено се интензивира пред секои избори. Европската комисија во последниот извештај за напредокот на Македонија во делот посветен на земјоделството нотираше дека годишно исплатата на директните субвенции изнесува околу 100 милиони евра, но нема проценка за нивното влијание врз приходите на земјоделците. 

Т.С


Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?