Кои се добитниците на наградата „23 Октомври“?
Објавено во: Македонија 23 Октомври, 2016
Во Собранието денеска, по повод Денот на македонската револуционерна борба, се доделени државните награди „23 Октомври“.
За остварување во областа на културата и уметноста наградата ја добија музичкиот уметник проф. д-р Драган Даутовски, актерот Ванчо Петрушевски и ликовниот уметник Реџаи Исени. За остварување во областа на науката и образованието, награден е историчарот и филозоф Стефан Влахов и албанологот Агим Пољоска.
Од името на наградените, се обрати актерот Петрушевски, кој кажа дека наградата „23 Октомври“ е поттик за натамошна работа.
„Ми претставува голема чест што ја добив оваа награда, а убеден сум дека е чест за сите добитници и им ја честитам од срце. И покрај годините, ова ќе ни биде сепак еден голем поттик да продолжиме понатаму“ - вели Петрушевски.
Него многумина го паметат по ликот на Рамче кој не фрла сенка врз остатите ликови што ги игра во театарот. Петрушевски е еден од творците на серијата Македонски народни приказни и еден од првите Македонци што играле во странски филм.
Даутовски пак има постигнато исклучителни резултати во полето на педагошката, научно-истражувачката, уметничката, концертната и издавачката дејност. Тој е неуморен афирматор на македонското културно-историско наследство и еден од најголемите промотори на нашата традиционална уметност.
Исени работел како наставник по ликовно воспитание во основното училиште во Матејче, Куманово, до неговот, пензионирање во 2000 година. Завршил Ликовна академија во Скопје, во класата на професорот Ванѓел Коџоман. Бил член на ДЛУМ, направил многу самостојни изложби, добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои и „Тутуноберачите“ во 1973 година и „11 Ноември“ во 1995 година, а во 2012 учествувал и на „Остен биенале“.
Творечкиот интерес на Влахов Мицов е насочен кон повеќе области. Тој е автор на многу студии и есеи. Неговите текстови не ги третираат историските настани на класичен начин, туку преку поинаков филозофски пристап.
Пољоска е редовен професор на Катедрата за албански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Покрај својата редовна работа, редовно бил вклучен и во педагошко-научни активности. Соработник е на неколку научно-истражувачки проекти од регионален и меѓународен карактер. Неговите трудови и студии, збогатени со богата лингвистичка интерпретација се цврста основа за проучуање на македонско-албанските јазични контакти.
По повод Денот на македонската револуционерна борба денеска делегации на Собранието на Република Македонија и на Владата, пратеници, претставници на Градот Скопје и Армијата на Република Македонија, положија цвеќе пред споменикот на основачите на ВМРО во паркот „Жена борец“.
Градскиот дувачки оркестар, пак, одржа Парадно дефиле низ улиците на Скопје, од Музејот на Град Скопје, преку улицата „Македонија“, до градскиот плоштад.