Кои се велешаните што направија 3 милиони евра од извоз на конци за шест месеци?
Објавено во: Македонија 18 Јули, 2024
„Ветекс“ е македонски синоним за производство на конец и преѓа кои се извезуваат во ЕУ. Годинава и покрај големите искушенија заради намалената побарувачка во ЕУ предизвикана од економската криза и падот на побарувачката „Ветекс“ направи добивка што е за 69% подобра од лани !
Велешки „Ветекс“ си гази и добро работи и покрај европската економска криза и безбедносната неизвесност на нашиот континент. Единствената македонска компанија за производство на конец и предиво, која лани одбележа 50 години постоење, и покрај намалената побарувачка од Европа успеа да направи добивка од 182.000 евра во првите шест месеци годинава, а тоа е за 69 отсто подобар резултат во споредба со истиот период лани.
Според официјалните податоци на „Ветекс“ достапен на информативниот сервис СЕИ -НЕТ https://www.seinet.com.mk/Default.aspx?lang=MK&docID=69180 компанијата и покрај тоа што има намалено производство за 40 отсто успеала со оптимизација на трошоците да го зголеми профитот за 69 отсто.
„Ветекс“ е голем извозник и по тоа е многу значаен за македонската производна текстилна индустрија. Извозот во структурата на неговите приходи завзема огромно 99,5 отсто. Главна дестинација е Германија. Од извоз за шест месеци годинава оваа компанија инкасирала 3,1 милиони евра. Заради намалените нарачки предизвикани од економската криза во ЕУ извозот на „Ветекс“ е за 40 отсто помал од истиот период во 2023 година. Продажбата на домашниот пазар за шест месеци изнесува само 17.000 евра и во споредба со лани е помала за 86 отсто.
Расходите менаџментот ги прилагодил на приходите и нарачките. Заради тоа и трошоците од оперативно работење на „Ветекс“ се пониски за 43 отсто во однос на лани. За шест месеци вкупните оперативни трошоци изнесуваат 2,92 милиони евра. И тука се преполовени трошоците кај двете најголеми расходни ставки. Првата е за суровини и други материјали каде намалувањето е 43 отсто и изнесува 1,64 милиони евра. Втората се трошоците за вработени. Тие изнесуваат 623.000 евра и се за 54 отсто пониски од истиот период лани.
Но резултатот е добар. Оперативната добивка годинава е за 42 отсто повисока од истиот период лани.
Нето добивката по одбивањето на финансиските расходи изнесува 208.500 евра, а по плаќањето на даноците добивката е 182.000 евра.
И што е исто така многу важно „Ветекс“ и во вакви услови на работење успеал да ги преполови своите обврски во споредба со истиот период лани. На крајот на јуни годинава тие изнесуваат помалку од 400.000 евра. Компанијата нема краткорочен кредит, а долгорочните кредитни обврски изнесуваат помалку од 200.000 евра.
Р. Ф.