Кој го следел Јаковлески - Различни документи од Јордан Мијалков и Слободан Богоевски
Објавено во: Македонија 29 Октомври, 2016
Мане Јаковлески, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ и истакнат активист од задграничните комитети во раните 90-ти години, упати повеќе критики кон екс разузнавачот Слободан Богоевски за вршење на терор на тајните служби врз активисти и членови на партијата кои се борела за независност и посебност на македонската држава.
Во еден објавен документ се гледа дека потписник на налогот за пресретнување на комуникациите е Слободан Богоевски во 1991-ва како директор на Службата за државна безбедност.
На социјалните мрежи се појави и нов документ за следење на комуникациите на Јаковлевски поради поврзаност со екстремни и милитантни припадници на ДПМНЕ во земјата и во странство, но по наредба на тогашниот министер за внатрешни работи Јордан Мијалков кој инаку е татко на Сашо Мијалков, екс директорот на ДБК и УБК.
Јаковлески ги побиваше и наводите на Богоевски дека Сашо пристапил во ВМРО-ДПМНЕ со приказната дека неговиот татко Јордан кој загина во сообраќајна несреќа на пат кон Белград всушност бил ликвидиран од тајните служби. Сашо Мијалков бил член на задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Берлин каде исто така делувал Јаковлески на почетокот на 90-тите за што приложи и фотографии.