Кој ја презеде најголемата очна болница во Македонија?
Објавено во: Економија 26 Декември, 2023
„Промедика“ е новиот сопственик на „Систина Офталмологија“, најголемата очна болница во Македонија, дознава „Фактор“. Инаку „Промедика“ веќе има своја офталмолошка клиника, што значи дека овој бизнис потег води кон големо окрупнување во приватното здравство.
Специјалната очна болница „Систина Офталмологија“ е единствениот очен центар со пет дијагностички центри: Скопје, Битола, Тетово, Штип и Куманово, кои функционираат како посебни правни лица, а како сопственик во јавноста фигурира поранешниот министер за економија Жанко Чадо.
Чадо во 90-тите години, покрај тоа што беше еден од поранешните министри за економија, беше и човек во тој период главно на водечки функции во државата и директор на големи компании. Тој беше директор, а воедно и еден од поголемите акционери – сопственици на Алмако Банка, една од првите приватни поголеми банки на почетокот од транзицијата. Во 1999 банката отиде во стечај.
„Систина Офталмологија“ има и договор со Фондот за здравствено осигурување, од каде што месечно инкасира и до 50.000 евра. На годишно ниво се заработува околу половина милион евра само од здравствените осигуреници.
Посебниот центар „Промедика Офталмологија“ е формиран на почетокот на годинава, а од минатиот месец функционира и „Промедика Оптика“. Посебни центри на „Промедика“ како правни лица функционираат и поликлиниката за примарна здравствена заштита „Промедика Прима“ од 2007 и поликлиниката за специјалистичко консултативна здравствена дејност „Медикал Центар“ од 2006. „Медикал Естетик“ работи од 2010, а „Промедика Фарм“ од 2006.
„Промедика“ е веледрогериски и повеќенаменски медицински центар, основан со приватен капитал во 1996 година од генералниот директор Ристо Лузевски. Во оваа компанија, која под своја закрила освен медицински и естетски центар и аптеки, има и веледрогерија која е партнер на реномирани мултинационални компании од областа на фармацијата, медицината и стоматологијата. „Промедика“ е дел од групацијата на Универзитетската клиника „Свјетлост“ од Загреб. А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.