КОЈ ЌЕ ЈА ДОБИЕ ПРЕСТИЖНАТА ФУНКЦИЈА ПРВ ЧОВЕК НА НАРОДНАТА БАНКА НА МАКЕДОНИЈА - денеска е денот „Д“ за идниот гувернер
Објавено во: Финансии 21 Мај, 2025 06:40
Денеска утрово треба да се знае кој ќе биде новиот гувернер на Народна банка на Македонија, односно човкот кој во следниве седум години ќе раководи со монетарната власт во земјава.
Според нашите сознанија, предлогот од претседателката Гордана Силјановска-Давкова утрово ќе биде доставен до Собранието, каде што ќе се архивира, и потоа од веб страницата на законодавниот дом веројатно ќе може да се види кој е фаворитот на шефицата на државата за иден гувернер.
Изворите со кои контактиравме не можеа да потврдат во колку часот денеска наутро точно ќе се знае предлогот за човекот кој ќе ја чува стабилноста на домашната валута и на цените, но и ќе се грижи за безбедноста на банкарскиот сектор во земјава.
Инаку, и самата претседателка Давкова вчера пред новинарите изјави дека таа веќе знае кого ќе предложи за гувернер, но името нема да го каже пред нив.
„Не го кажувам прво името пред новинарите, се надевам дека не се лутите, но веќе мислам дека знам. Со право се создаде дебата и прашања, но сепак мислам дека е нешто што треба да се практикува за секоја функција – да седнете со сите кои се споменуваат и да разговарате. Да ги прашате што мислат за другите или што мисли дека тој ќе направи, а не е направено…Уште повеќе би сакала да има повеќе кандидати, но, тоа не е можно секогаш“, рече Давкова.
Претседателката всушност требаше завчера да го достави предлогот до Собранието, но таа сепак си зеде уште неколку дена за размислување, откако и имала поединечни средби со тројцата кандидати, а тоа е нешто што и го дозволи и Законот за Народната банка.
Веќе објавивме дека најсериозни кандидати се актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, професорот на Економскиот факултет во Скопје Трајко Славески и поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, вчера рече дека очекува макроекономска стабилност и гувернерот да биде двигател на позитивни економски текови.
„Да почекаме да видиме кој ќе биде предлогот во Собранието доставен од страна на Кабинетот на претседателката“, рече Мицкоски.
Инаку, Давкова вчера постави и една друга дилема, бидејќи, како што рече, во таа област е потребна соработка.
„Вие знаете дека во таканаречените неизвршни членови ќе влезат оние предложени од Владата. Исто така е важно кој ќе биде заменик гувернер, мене и тоа ме интересира бидејќи треба да соработуваат меѓу себе. Тоа е еден систем кој што е многу важен за макроекономската стабилност“, изјави Силјановска Давкова.
Согласно Законот за НБМ, пак, функцијата заменик гувернер не постои, туку има тројца вицегувернери, па се смета дека во овој дел од својата изјава претседателката мисли на назначувањето на вицегувернери.
Како што е познато, гувернерот се именува од страна на Собранието на предлог на претседателот, за што се потребни 61 пратеник, односно мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието, додека вицегувернерите ги именува Собранието на предлог на гувернерот.
Гувернерот има основна задача да ја претставува НБМ, ги претставува монетарната и политиката на девизен курс, одлучува за издавање дозволи на финансиски институции, ги одзема дозволите, ги контролира банките и слично.Н.Н.Ф.
Можеби ќе ве интересира
АЛТА БАНКА ЈА СТОПИРАШЕ ОДЛУКАТА ЗА КАДИЕВСКА ВОЈНОВИЌ - поранешната вицегувернерка сепак нема да биде дел од УО
СО ИМЕ И ПРЕЗИМЕ ОБЈАВЕНИ ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ШТО НЕ ПОДНЕЛЕ ИЗЈАВА ЗА ИМОТНАТА СОСТОЈБА: Меѓу нив се и дел од старо новите скопски градоначалници
Ова се просечните годишни плати во европските земји: Разликите се огромни, еве зошто
Рекорд на сите времиња: Илон Маск е најбогатиот човек во човечката историја
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Голем скандал во автомобилската индустрија: Возачите плаќале повеќе, производителите на батерии казнети со 72 милиони евра
Димитриеска-Кочоска: Буџетот е во одлична кондиција и обврските нема да останат несервисирани
Европските индекси растат, цените на златото повторно се близу до историски максимуми
Рекорд на пазарот на недвижности: Пентхаус во Дубаи продаден за речиси 130 милиони евра




