24 Април, 2024
0.0288

Кој ќе ја спасува Владата на Ципрас и договорот за решавање на спорот за името?

Објавено во: Анализа 14 Јануари, 2019

Добивај вести на Viber

Откако Панос Каменос, еден од главните лидери на Независни Грци ја напушти владината коалиција, Владата на Ципрас ќе ја спасуваат шестмина пратеници од редовите на националистичките, комунистичките и демократските партии во грчкиот парламент. Ципрас има потреба од шест гласа плус покрај неговите 145 пратеници за да обезбеди доверба од Парламентот и на тој начин да ја одржи својата премиерска функција но, и да спречи изгласување недоверба.

Коалицијата со партијата Независки Грци претрпе сериозен удар со повлекувањето на Каменос кој беше министер за одбрана. Сепак, дел од пратениците на оваа националистичка партија ќе останат лојални на Ципрас и нема да гласаат за уривање на владата. За возврат ќе добијат нови позиции во министерствата, а ќе бидат и дел од листите на локалните избори во коалиција со Сириза.

Исто така се очекува поддршка да биде дадена од дел од досегашните членови на Независни Грци кои се министри или заменици министри, односно дека нема да ги следат стапките на Каменост. Глас за Владата на Ципрас ќе биде даден од Костас Зурарис, Танасис Папахристопулос, Василис Кокалис и Елента Коунтура. Без оглед како овие пратеници ќе гласаат нема да бидат избркани од партијата Независни Грци, бидејќи на тој начин Каменос би останал без пратеничка група и видно ослабен на следните избори.

Од партијата „РЕКА“ поддршка ќе има од Спирос Данелис, потоа од Јоанис Саридис лидерот на Унијата на Центристите, а се очекува поддршка и од независната пратеничка Катерина Папакоста, со што Ципрас ќе ги добие очекуваните најмалку 151 глас за продолжување на предвидениот мандат кој му истекува наесен. Според грчките медиуми, дебатата за доверба на владата ќе започне во вторник, а околу полноќ во среда ќе следи гласањето. Доколу Ципрас се одржи на премиерската позиција на крајот на јануари во грчкиот парлемент ќе го постави и ратификувањето на Договорот од Преспа.

Фактот што браќата Каменос повеќе не се дел од владата треба да остави простор за останатите членови на Независни Грци да гласаат според сопствено уверување, а не да ги следат партиските директиви. На тој начин тие како слободни пратеници ќе може да гласаат позитивно за ратификување на договорот со кој се решава деценискиот спор за името и потоа Македонија ќе добие одобрување за членството во НАТО, како и отворен пат за започнување на преговори за членство во ЕУ без никакви грчки блокади. Затоа се смета дека Ципрас и Каменос постигнаа „развод од интерес“.

По добивањето на доверба Ципрас ќе има отворен пат сам да одбере термин за нови парламентарни избори во Грција за кој ќе смета дека најмногу му одговара нему и на Сириза се со цел да оствари што е можно подобар резултат против опозициската Нова демократија која води на анкетите и има добри шанси да победи, водена на бранот на национализам во Грција со склучениот договор со Македонија и наводните отстапки од грчките национални позиции. Дополнително Ципрас како „џокери“ за ратификација на Преспанскиот договор има кај пратениците кои се дел од малите комунистички партии, од маргиналните центристички либерални партии, и други.

Алексис Ципрас одржа и голем настан во Атина „Добрите страни на Договорот од Преспа“ на кој упати големи пофалби за лидерството кое го прикажал премиерот Заев, за историската одлука да се постигне конечен договор меѓу две прогресивни политички структури, како и за сите успеси на грчката страна во преговорите. Според Ципрас остварени се сите национални позиции за сложено име со географска употреба за ерга омнес употреба, за дефинирање на јазикот како „јужно словенски“, за дефинирање на државјанството, за отстранување на секој вид на иредентизам во уставот на соседот, за тоа што повеќе не се споменува некакво малцинство во Грција.

Ципрас за успех го смета тоа што додека партиите како Нова Демократија и ПАСОК воделе националистички политики во односите со Скопје во изминатите 25 години соседот бил признат како „Република Македонија“ од 130 земји, а сега тоа е сопрено бидејќи е додадена „Северна“ во името. Затоа според него договорот бил патриотски и дека истиот испраќа одлична порака во цела Европа.


Х.С.