КОЈ НЕ ЗНАЕ ДА ТРОШИ ДРЖАВНИ ПАРИ И ЗОШТО - еве ги 40-те „нули“ што потфрлија од стартот на годинава
Објавено во: Финансии 29 Март, 2021
Ако некој го погледне извештајот на Министерството за финансии за тоа како се трошат капиталните инвестиции од поединечните државни институции, како што се министерствата, фондовите, агенциите, дирекциите и комисиите, сигурно дека ќе помисли дека правењето на овој извештај е ни помалку ни повеќе, туку буквално бадијала.
Го замисли и го воведе претходната министерка за финансии, Нина Ангеловска, со најдобра намера, а таа е јавно да се објават сите државни органи за тој кој колку (не)потрошил од доделените пари за капитални инвестиции, со цел сите граѓани да можат да ја видат нивната способност или не за менаџирање со државните пари, и доколку се покажале како неуспешни – да се засрамат, додека, пак, ако се добри корисници на капиталните расходи, да имаат сатисфакција од нивното јавно презентирање.
Но, ниту некој се засрами, ниту се подобри. Практиката на ужасно некористење на предвидените капитални инвестиции продолжува и натаму. Тоа е случај особено во првите месеци од годината, а потоа, дури во последните месеци, државните трошачи да се размрдаат и донекаде ќе ги потрошат парите, но никогаш не целосно, дури и во однос на ребалансите, со кои секогаш токму капиталните инвестиции биваат намалени.
Во најновиот извештај засега се дадени податоци за користењето на капиталните инвестиции заклучно со првите два месеци од годинава.
Тие говорат дека на ниво на целиот буџет, потрошени се само 10 отсто од капиталните инвестиции, или 40 милиони евра од планираните 394 милиони за цела година. А, за да се смета дека реализацијата оди добро, за два месеци требало да бидат искористени минимум 16,7 проценти од вкупно планираната сума.
ЗА ДВА МЕСЕЦИ САМО 10 ПРОЦЕНТИ
Но, она што е можеби пострашно од овие 10 проценти, е фактот што повеќе од половината, односно дури 40 државни органи, имаат нула ниво на реализација на капиталните расходи. Значи, за два месеци воопшто не ни „чепнале“ ништо во своите ресори, и едноставно не потрошиле ни денар, во смисла да купат некоја опрема или било што друго што влегува во рамките на капиталните инвестиции.
Фактор ги претставува државните институции кои имаат нула проценти остварување во првите два месеци од годинава. Тука влегуваат Претседателот на државата, Агенцијата за разузнавање, Државниот завод за ревизија, Државната изборна комисија, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Дирекцијата за заштита на личните податоци, Државната комисија за жалби по јавни набавки, како и регионалната комисија за домување. Има уште многу на листата на „нула трошачи“ на јавни пари. Следуваат Оперативно-техничката агенција, Секретаријатот за законодавство, Државното правобранителство, Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Агенцијата за управување со одземен имот, како и Инспекцискиот совет.
Со никаква реализација, односно нула, се и Министерството за правда, Министерството за надворешни работи, Бирото за застапување на земјава, Инспекторатот за употреба на јазиците, Агенцијата за стокови резерви, Управата за финансиска полиција, како и Агенцијата за странски инвестиции и Агенцијата за промоција за оддршка на туризмот. Нула отсто реализација имаат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот технички инспекторат, Државниот инспекторат за транспорт, Државниот инспекторат за градежен урбанизам, како и Државниот комунален инспекторат.
На списокот на „нули“ се приклучи Агенцијата за поттикнување на земјоделството Битола, УХМР, Државниот инспекторат за земјоделство, Државниот инспекторат за шумарство, Министерството за информатичко општество и администрација, Државниот управен инспекторат, Агенцијата за иселеништво, Комисијата за слободен пристап за информации, Комисијата за односи со верските заедници, Државниот Архив, Бирото за регионален развој, како и Јавното обвинителство на земјава.
Има и многу институции што се меѓу нула и еден отсто, што значи потрошиле само симболична сума, колку да не се без ич.
Тука влегуваат Агенцијата за примена на јазикот на граѓаните кои сочинуваат најмалку 20 отсто од населението, потоа, Управата за јавни приходи, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Министерството за економија, Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Државниот завод за статистика, судската власт, како и Агенцијата за вработување.
НЕКОИ СЕРИОЗНО СЕ ФАТИЛЕ ЗА РАБОТА
Вреди тука да се напоменат и институциите кои потрошиле над 16,7 отсто, колку што е минимумот за два месеци.
Па така, добри трошачи, односно оние што искористиле над потребното, се Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос, со над 50 отсто реализација на капиталните инвестиции, Агенцијата за администрација со близу 22 отсто, Функции на државата околу 36 отсто, Платежната агенција што дели земјоделски субвенции исто има 36 отсто, Националната агенција за европски образовни програми има 18 отсто, Министерствто за локална самоуправа 26 проценти, а 33 отсто има Државниот инспекторат за локална самоуправа. Народниот правобранител, пак, потрошил 34 проценти од капиталните расходи, говорат податоците на веб страната на Министерството за финансии.
А во ноември, пред да се донесе буџетот, министерот за финансии Фатмир Бесими го даде следново ветување, а пренесено од медиумите. Рече дека ќе работат на подобрување на реализацијата на капиталните расходи со мерки на кус и на среден рок.
„Воспоставување механизам за ‘казнување и наградување’ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година , на квартално ниво – од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи (со таргети 15, 40, 65 и 100 отсто реализација на капталните расходи соодветно во првиот, вториот, третиот и четвртиот квартал, одоносно доколку во текот на кварталот реализираат помалку од таргетот ќе им се одземаат средствата од ставката за инвестиции и ќе се ралоцираат во резерви за инвестиции, при што квартал со подобра реализација може да значи и враќање на средствата, или истите со Одлука за прераспределба на средства, во Собрание, ќе се пренасочат кај друг проект или буџетски корисник), потоа усвојување методологија за оценка на ефектите од инвестициските проекти врз економскиот раст, основање одделение за следење на јавните инвестиции во Министерството за финансии, национален Совет за инвестиции со кој ќе прeтседава претседателот на Владата, а ќе учествуваат ресорните министри,методологија за оценка на реализацијата на капиталните инвестиции преку Smart Key Performance Indicators,довршување и забрзана реализација на крупни инфраструктурни проекти, како изначително кратење и лимитирање на капиталните расходи за купување мебел и возила“, вети тогаш првиот финансиер Бесими.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.