Која е најголема домашна прехранбено-кондиторска индустрија? Од продажба инкасира 29,4 милиони евра!
Објавено во: Економија, Корона Вирус 23 Декември, 2020
Прилепска „Витаминка“ е убедлив лидер во домашната конкуренција според остварените приходи од продажба кои се речиси 30 милиони евра. Друштвото за девет месеци успеало да ја зголеми оперативната добивка за 56 отсто, а нето добивката за 2,4 пати до ниво од 377.000 евра. Во „корона“ услови извозот речиси како и лани, а домашната продажба порасна за 12 отсто
Прилепска „Витаминка“ останува лидер за продажба во острата конкуренција на домашни прехранбено-кондиторски индустрии. Официјалните податоци за првите девет месеци покажуваат дека „Витаминка“ од продажба инкасирала 29,4 милиони евра од кои дури 18,65 милиони евра се од домашниот пазар.
Бројките сами за себе покажуваат за реномето и довербата на домашните потрошувачи кога се во прашање производите од широката гама на „Витаминка“. Лани на домашниот пазар продажбата на „Витаминка“ пораснала за 12 отсто и достигнала 18,65 милиони евра. Продажбата во странство донела девизен прилив од 10,8 милиони евра за девет месеци. Тоа значи дека „Витаминка“ годинава од извоз месечно инкасирала 1,2 милиони евра и тоа во услови на бројни ограничувања кои ги предизвика глобалната здравствена пандемија. Во споредба со истиот период лани извозот е намален за само 4 отсто.
Приходите од продажба за девет месеци изнесуваат 29,4 милиони евра и се за 5 отсто повисоки во споредба со истиот период лани. Залихата на „Витаминка“ на крај на септември изнесува 3 милиони евра. Од останати приходи друштвото за овој период инкасирало 600.000 евра.
Оперативните расходи за девет месеци се на ниво од 29,45 милиони евра што е за 10 отсто повеќе од лани. За овој период очекувано најголема трошковна ставка се набавките на суровини и материјали на кои друштвото платило 18 милиони евра и тоа е 8 отсто повеќе од минатата година. Втора најголема ставка се трошоците за вработените кои се за 3 отсто повисоки од лани и изнесуваат 4,65 милиони евра.
Оперативната добивка на прилепската компанија е 751.000 евра што е за 56 отсто подобар резултат од истиот период лани кога оперативно добивката била нешто помалку од половина милион евра.
Евидентно е зголемувањето на финансиските расходи и тоа за 17 отсто во однос на истиот период лани. До крај на септември за камати и курсни разлики друштвото платило 416.00 евра. Финансиските приходи за истиот период се 84.000 евра што значи дека финансиските расходи однеле 332.000 евра од оперативната добивка.
Нето добивката за периодот јануари – септември годинава изнесува 377.000 евра и тоа е за 2,4 пати подобар резултат од истиот период лани.
Р.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.