Која европска земја за само еден месец плати 220,5 милиони евра за македонски производи?
Објавено во: Економија 13 Март, 2025 07:40
Германија продолжува да ја крепи македонската извозна економија затоа што во јануари апсорбираше 38% од целиот македонски извоз. Суровините за катализатори што ги произведува „Џонсон Мети“ се значајна увозна компонента која Велика Британија ја прави еден од најголемите увозници. За жал немаме одбрана за Кина. Нашиот трговскиот дефицит со најголемата светска економија изнесува 86 милиони евра за само еден месец. При тоа нашиот извоз во Кина е на ниво на статистичка грешка и изнесува само 1 милион евра
Ако по утрото денот се познава, годинава треба да биде подобра од лани во сегментот на трговската размена со странство. Како што објави деновиве Државниот завод за статистика извозот во јануари достигнал 579 милиони евра и тоа е за 28 милиони евра подобар резултат од јануари лани. Истотака извозот во јануари годинава е повисок за 14 милиони евра и од извозот во декември 2024 година.
Овде вреди да се истакне дека увозот во јануари годинава е за 85 милиони евра помал од увозот во претходниот месец односно во декември 2024 година. Увозот во јануари годинава изнесува 849 милиони евра.
Од аспект на структурата на извозот по сектори видливо е дека се бележи раст кај традиционалните македонски извозни артикли. Извозот на храна и живи животни бележи раст од 5,5 милиони евра и изнесува 32,8 милиони евра во јануари годинава. Извозот на пијалоци и тутун изнесува 14,11 милиони евра и во споредба со јануари претходната година бележи зголемување за половина милион евра.
Најзначаен раст има кај најголемата извозна ставка – машини и транспортни уреди. Вкупниот извоз изнесува 193 милиони евра и е за 25 милиони евра поголем од истиот месец претходната година.
И сега конкретно: Германија и годинава, очекувано, ќе остане наш најголем трговски партнер. За само еден месец Германија апсорбира македонски стоки во вредност од 220,5 милиони евра. Тоа е за само 2 милиони евра помалку од истиот месец минатата година. Инаку важно е да се истакне дека Германија во првиот месец од годинава апсорбира 38 отсто од целиот македонски извоз. Трговскиот суфицит изнесува 146 милиони евра.
Очекувано благодарејќи на увозот на полупроизводи и суровини за потребите на „Џонсон Мети“ и неговите катализатори македонскиот увоз од Велика Британија книжи 115,8 милиони евра во првиот месец годинава. Тоа е 13,5 отсто од целиот увоз во јануари.
Соседна Грција и понатаму, како и до сега, е најголем увозник на фосилни горива во Македонија. Нашиот увоз од југ изнесува 85,7 милиони евра и е за 7 отсто повисок од истиот месец лани. Нашиот извоз во Грција е 15,4 милиони евра и е помал за 13,3 отсто во споредба со претходниот јануари.
Трговскиот дефицит со Кина е немислосрден и тука немаме одбрана. Од Кина сме увезле 87,2 милиони евра, а сме извезле стоки во вредност од само 1,1 милиони евра. Дури што е полошо нашиот извоз во Кина се намалил за 63 отсто.
Сите други детали се достапни на следниот линк https://www.stat.gov.mk/pdf/2025/7.1.25.03_mk.pdf
Н.С.
foto freepik.com
Можеби ќе ве интересира
Добро платени работни места за луѓе кои мразат состаноци
Украинските напади и санкции го земаат својот данок – ова не се случило со Русија од 2022 година
Историски максимум: Од почетокот на годината, цената на овој метал се зголеми за 113 проценти
Што кажува банкротот на iRobot за глобалниот пазар на роботски правосмукалки?
Кои се најуспешните земји во ЕУ во однос на наплатата на ДДВ?
Најлоши во ЕУ: Оваа земја е најзависна од парите што ги праќаат иселениците
Зошто се намалува вредноста на доларот во однос на еврото?
Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност




