26 Ноември, 2024
0.0317

Колапс на домашното производство:Ако се зголеми увозот на свинско месо, фармерите ќе бидат уништени!

Објавено во: Агробизнис 09 Јануари, 2013

Добивај вести на Viber

Производството на домашното свежо свинско месо годинава драстично ќе се намали. Според проценките на агробизнисмените, на домашниот пазар  поголемиот дел од потребите за свежо свинско месо најверојатно ќе се покриваат од увоз. Агробизнисмените предупредуваат дека состојбата со понудата на домашно свежо свинско е алармантна, поради преполовеното производство на свинско во најголемиот агрокомбинат во земјава “Жито Вардар”. Упатените во бизнисот велат дека групацијата која досега покриваше една третина од домашниот пазар со свежо свинско месо го намалила производството во фармите и повеќе од 50 отсто се наоѓа пред пропаѓање. - Нарушената понуда на свежо свинско на пазарот веќе се чувствува. Домашното производство на свинско месо и покрај субвенциите, последните три години доживеа големи ценовни шокови, пред се поради скапата добиточна храна, што кулминираше минатата година, поради што производителите што не беа финансиски стабилни тоа не го издржаа. Целата состојба со Жито Вардар ќе се одрази негативно врз нашето производство на свежо свинско, не само кај големите туку и кај малите фарми. Сметам дека враќањето во живот на еден таков голем агрокомбинат е долготраен процес, и мислам дека капацитетот ќе биде засекогаш изгубен-вели Веле Ритовски, претседател на Групацијата на производители на свежо свинско месо при Стопанската комора на Македонија. Од групацијата признаваат дека поради финансиската криза во која што се наоѓа агрокомбинатот, биле принудени да го намалат производството , но тврдат дека ќе вложат напори компанијата да опстои. Доколку се случи овој најголем агрокомбинат да пропадне тоа ќе биде лошо за целата економија во земјата, предупредуваат агробизнисмените и фармерите, според кои државата треба да се превземе мерки во рамки на законските можности, да не дојде до уништување на оваа групација, бидејќи не само што целото сточарско производство зависи ваквите големи фарми, туку пропаѓaњето ќе доведе до зголемување на увозот на свежо свинско месо, за што досега потребите на пазарот се покриваа од домашното производство. -Нас фармерите ни се потребни големите комбинати, бидејќи ние од нив земаме мајки нерези, добиточна храна и ни помагаат во едукцаија и спорведување на нови технологии во производството. Постојано се бориме за заштита и зголемување на домашното производство, а доколку се случи ваков комбинат да престане со работа, сточарското производство трајно ќе се уништи.Мислам дека државата треба да му помогне, а тоа може да се направи со поволни кредити со ниски камати и пролонгирање на плаќањето на долговите, вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија. До пред две години над 85 отсто од потребите за свежо свинско се покриваа од домашното производство. Драстичното намалување на производстото во “Жито Вардар", ќе доведе до недостиг  на свежо свинско месо, што ќе мора да се покрие од увоз. Од групацијата на производителите на свежо свинско месо, велат дека останатите агрокомбинати нема да имаат доволно капацитет за да го одржат оној процент од 85 отсто за снабдување на домашниот пазар со свежо свинско месо. Упатените во агросекторот предупредуваат дека,  ако еднаш се отворат вратите за увоз, тешко потоа увозниците ќе заминат, а ние не ќе можеме да го вратиме производството и понудата на претходното ниво.Според проценките на агробизнисмените како што сега стојат работите увозот се очекува да порасне за повеќе од 50 отсто, со тенденција и понатаму да расте. Тоа ќе значи и зголемување на одливот на девизи увоз на свежо свинско месо и уништување на домашното производство кое е најбезбедно за потрошувачите. Сушата која лани ја зафати земјата и предизвика недостиг и зголемување на цената на добиточната храна беше првиот удар врз македонското производство на свинско месо. Увоз на свежо и разладено свинско месо веќе е регистриран минатата години кога во земјава во првите девет месеци влегле  еден милион килограми свежо и разладено свинско за што се потрошиле околу 3,5 милиони евра. Од друга страна за потребите на преработувачката месна индустрија Македонија не ги покрива потребите од домашно производство и е константен увозник. Во првите девет месеци од минатата година се увезле 6,5 милиони килограми смрзнато свинско месо во вредност од близу 19 милиони евра. Секоја година се намалува домашното производство на месо Сточарството е посебно поглавје кое досега и покрај големите средства одвоени за него, на годишно ниво 35 милиони евра, не ги дава саканите резултати, а увозот на месо останува и понатаму со повеке од 100 милиони евра дефицит во државниот буџет. Статистичките податоци покажуваат дека, за четири години домашното производство на месо е намалено за 20 отсто. Годишните потреби на Македонија од свежо свинско и  месо за преработка изнесуваат близу 11.000 тони, 20.000 тони се потребите за телешко месо и околу 22.000 тони за пилешко месо, количества кои во голем дел се покриваат од увоз. Па затоа и последните статистички бројки за тоа колку пари се одлеваат од буџетот по однос на овие ставки последните години се поразителни. Ако во 2007 година увозот чинел близу 72 милиони евра, во 2011 година се потрошиле речиси 100 милиони евра за покривање на домашните потреби за месо.  

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.