25 Април, 2024
0.0251

Комерцијална банка, чистење на билансите или соочување со напластените проблеми?

Објавено во: Анализа 30 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Веќе подолго време на развиените западни берзи биковите ги победуваат мечките. Големата криза барем во овој момент делува како далечно минато, а впрочем како и да не делува така кога нивоата на индексите се на историски највисоко ниво. Забавата се враќа, клубот се полни и изгледа  сеуште е рано да се плати сметката за оваа тура. Во меѓувреме нашата берза наликува како заборавена селска биртија во која веќе одамна никој не сака да влезе, бидејќи она што се нуди никој не го сака. Долга е темата зошто е тоа така, но факт е дека работите не одат баш најдобро. Додуша, ако е за тешење ни околните биртии немаат нешто многу голем успех. Се добива впечаток дека балканите не успеаа (иако се обидоа) да го следат трендот на западот и дека кризата дури сега почнува да удира тука. Се чини дека додека Словенија, како земја од која потекнуваат најголемите портфолиски инвеститори, не  излезе од кризата многу тешко ќе мрднеме и ние. Во меѓувреме (како што и овде веќе се пишуваше) остануваат пензиските фондови кои купуваат исклучиво на одредени места и ситни инвеститори кои основа немаат вистинска моќ да повлијаат на цените. Во таква ситуација нема дилема дека прибирањето на фундаментално ефтини акции може да се покаже како паметна работа, само што пред да купувате на таков начин треба навистина добро да размислите колку време треба да чекате додека дојдете до профит. Но што е тука е, ете почнаа да излегува и новата тура квартални извештаи. Најинтересна во овој прв дел е секако Комерцијална Банка, акцијата која е главен носител на прометот на берзата и компанија која ја има една од најшироките акционерски структури на нашата берза. Плановите за 2013 година на банката не и беа најсјајни. Очигледно дека банката која грото од своето портфолио го насочува кон компаниите, е погодена од лошата економска ситуација, но и од лошите одлуки за тоа на кого треба да се дадат кредити. Близу 900 милиони денари за три месеци отписи е исклучително висока бројка за наши услови. Овие 900 милиони денари се и главниот проблем на банката, која во другите сегменти фунционира генерално добро и слично како во минатиот квартал, иако загрижува падот на приходите од камата, кои се основа на нејзиното работење. Стратегијата на големи банки во САД за време на кризата (а и не само на нив) беше тогаш кога имаа проблем да направат што поголеми отписи, и на тоа што треба и на тоа што не треба со цел да направат проветрување на билансите. Секако на тој начин директорите можеа да протнат работи, за кои во спротивно ќе треба да одговараат пред акционерите. Секако под изговор дека е криза и дека за секој пријавен проблем е виновна кризата. Резултатот на најголемата банка кај нас е загуба од 374 милиони денари. Деновите кои следуваат ќе покажат дали инвеститорите веруваат дека ова е финалното прочистување пред да започне нов циклус каде со чисти биланси ќе се тргне напред или дека најлошото допрва доаѓа. Во време кога многу берзи во светот достигнуваат рекордни врвови, цената и резулатите на  Комерцијална Банка се на дното. Дали е шанса или глупост сега да се инвестира? Милан Димитриоски