КОНФЕКЦИЈАТА „ЕДИНСТВО“ ОД СТРУМИЦА ПОВЕЌЕ НЕМА ДА БИДЕ АКЦИОНЕРСКО ДРУШТВО - кој добива удели од ДОО на Сашко Кузманов?
Објавено во: Економија 16 Јануари, 2024
Додека некои помали приватни компании сакаат да се отворат кон јавноста и да станат акционерски друштва, има и спротивни процеси, кога акционерските друштва сакаат да станат друштва со ограничена одговорност.
Таков е примерот на приватната фирма за конфекција и трикотажа „Единство“ од Струмица, на чие акционерско собрание одржано пред неколку дена се донела одлука за преобразба на „Единство“ од Струмица од акционерско друштво во друштво со ограничена одговорност.
Според состојбата од Централниот депозитар за хартии од вредност, во досегашното акционерско друштво „Единство“ од Струмица имало вкупно 61 акционер, но еден од нив, Сашко Кузмановски, е доминантен, и го поседува најголемиот пакет акции од 80,86 проценти.
Останатите 60 акционери, пак, досега располагале со 40.397 акции, што претставува 19,14 отсто од вкупниот акционерски пакет акции на компанијата.
Со преобразбата за која сега е донесена одлука, оние досегашни акционери коишто ќе сакаат да останат како косопственици на компанијата, но сега како содружници, а не како акционери, ќе треба да преземат удел од досегашното АД, а сега друштво со ограничена одговорност.
„Акционерите кои ќе ce согласат да учествуваат како содружници во преобразеното друштво ќе бидат дефинирани по дадените изјави на акционерите за превземање на удел, согласно член 513 од Законот за трговски друштва“, се вели во одлуката која била донесена на Собранието на акционери.
Преобразбата ќе се изврши со оваа Одлука, како и со Договор на друштво, кој ќе биде склучен од содружниците кои ќе дадат изјави за превземање на удел, а што е во согласност со законот.
Друштво со ограничена одговорност, инаку, ќе продолжи да работи како правно лице, и со истото седиште во Струмица. Фирмата на Друштвото во коешто се преобразува ќе гласи „Конфекција и трикотажа Единстство ДОО Струмица“.
Co Конфекција и трикотажа ЕДИНСТВО ДОО Струмица, ќе управува управител како лице овластено за застапување и орган на управување според Договорот на Друштвото. Составот и организацијата на органот на управување и надзор над работењето на Друштвото подетално ќе биде уреден со Договорот за друштвото.
Генералниот директор на Друштвото бил задолжен да објави јавен повик во најмалку еден дневен весник во кој се повикани акционерите кои не присуствувале на Собранието да дадат изјави дали се согласуваат да преземат удели во Друштвото што ќе настане со преобразбата. По уписот на преобразбата во трговскиот регистар, Управителот стекнатиот удел во преобразеното Друштво и удели ги запишува во Книгата на удели на Друштвото. Управителот во рок од осум дена од денот на уписот на преобразбата во трговскиот регистар ќе треба и да му даде налог на Централниот Депозитар за хартии од вредност да ја затвори акционерската книга.
На Собранието на акционери се прифатил и Извештајот за причините зошто се оди на една ваква преобразба, како и за правните и деловните прашања што ќе произлезат од еден ваков акт, но тие не се јавно обзнанети за инвеститорската јавност.
А пред неколку дена, токму поради оваа донесена одлука за преобразба, Берзата одлучи да го стави Единство Струмица на нивната Листа на набљудување.
„Внесување на друштвото Единство Струмица на Листата за набљудување е со цел за обрнување на внимание на инвеститорската јавност поради објавена одлука за преобразба на Единство АД Струмица од АД во ДОО, донесена од Собрание на акционери на друштвото“, се вели во информацијата од Берзата.
Фактор, пак, во јули објави дека во струмичката компанија „Единство“ се најавуваше понуда за преземање од Сашко Кузманов, кој би се јавил како преземач, а понудата тој планираше да ја достави откако за тоа дозвола ќе даде Комисијата за хартии од вредност.
„Ви ја доставувам намерата за преземање на целното друштво АД Струмица“, се обрати Кузманов до сите акционери на компанијата.
Што треба да знаеме за оваа компанија?
Тогаш Сашко Кузманов беше најголем но не и управувачки акционер во компанијата, односно тој поседуваше 42,66 отсто од „Единство Струмица“. Додека, пак, во компанијата имаше уште еден акционер кој поседува над 5 отсто од акциите, а тоа е Иљо Кузманов, кој располагаше со 38,2 процентии од акциите на оваа струмичка компанија. Најверојатно тој му ги продал акциите на Кузмановски, така што тој сега поседува близу 81 процент од акциите.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.