27 Април, 2024
0.0253

Косово ќе ја урне цената на зеленчукот и овошјето, земјоделците во паника!

Објавено во: Агробизнис, Економија 09 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Отворената трговска војна меѓу Македонја и Косово создаде паника кај производителите на зеленчук и овошје. Стравуваат дека нивните производи не само што ќе останат непродадени, туку и дека ваквата ситуација ќе влијае врз намалувањето на цените.  Предупредуваат, проблемот да се реши што побрзо, додека не стигнале новите берби на домати и јаболка. - Ова е лошо за двете земји. Косовскиот пазар за нас е важен оти голем дел од зеленчукот и овошјето го извезуваме на овој пазар. Според нашите информации, сега овој период не е голем извозот на зеленчук, и тие камиони што чекаат се со преработки од зеленчук. Но, за 10-тина дена стигнува втората берба на домати, во моментов се берат индустриската пиперка, корнишоните, а ќе почне и бербата на јаболката , тоа се големи количини, и ќе се соочиме со проблем, односно со затворени врати на еден пазар кој што е важен за нас. Затоа ние апелираме властите на двете земји да седнат и да видат прво која е причината поради што дојде до оваа ситуација и да се најде решение итно, додека не стасаат новите берби за извоз. Во спротивно ако и понатаму остане овој пазар затворен за нашиот зеленчук тогаш не само што дел од родото ќе ни остане дома, туку ќе ги сруши и цените, вели Ристо Велков претседател на Регионалниот Сојуз на земјоделци. Сличен е ставот и на бизнисмените, кои велат дека возвраќањата со мерките што двете земји ги спроведуваат може да оди до недоглед, а за тоа ќе трпи бизнисот. - Во секој случај е лошо што се влезе во отворена трговска војна. Не е добра и македонската одлука. Потегот на Косово е причинско последичен, со воведувањето на нашата мерка за условен увоз на пченица и брашно, очекувано беше дека ќе ни се случи ова, истото може и некоја друга држава да ни го направи. Штетите ќе бидат огромни за двете земји, вели Мендерес Кучи претседател на Комората на Северозападна Македонија. Од Стопанската Комора на Македонија велат дека во време на криза не треба да се прават вакви потези, предупредуваат дека ако продолжи трговската војна, тогаш најмногу корист ќе имаат другите земји извозници во Косово како Србија и Босна Херцеговина, кои лесно може да ги заменат македонските производи на косовскиот пазар. Оправдувањето на Косово за воведувањето на ембарго за македонските производи, беше нашата мерка за условен увоз на пченица и брашно. Заштитната мерка за пченица се укина на почетокот на месецов, а таа за брашно ќе остане до стабилизација на пазарот. Зошто Косово ја отвори трговската војна? Од друга страна фактот што што во Косово извезуваме дури 8,5 пати повеќе отколку што увезуваме, и кога е најавено дека набрзо ќе се повлече и мерката за условен увоз на брашно, ја отвара дилемата зошто Косово се одлучи на ваков потег? Според експертите можни се сите опции. -Косово има мало производство. Ние имаме суфицит со Косово, немаме многу производи за увоз од кај нив, тие немаат развиено производство како нас. Затоа ме чуди оваа нивна смелост. Мора да постои друга причина. Тие сега се спремаат за избори, па може секој долар им е важен и ова со нашава мерка им се најде како оправдување. Исто така можно е да сакаат да чистат терен за на наше место да дојде друга држава, сите опции се во можност, но неблагодарно е ние да погодуваме, треба властите на двете земји да го решат тоа, вели агроекономистот Борис Анакиев. Во меѓувреме државите ги заострија трговските односи. Откако Косово го постави ембаргото за македонските производи, Македонија возврати со мерка за плаќање на давачки за граѓаните од Косово кои влегуваат во земјава. Војната не застана тука, повторно се огласи Косово. Револтирани од одлуката на македонската влада, најави проширување на листата на производи за кои нема да дозволи увоз. Таа мерка како што јави Фактор е веќе на сила. Македонија со Косово има трговски суфицит во размената. Според податоците  од 2009 година до 2011 година трговската размена и извозот на Косово е во постојан пораст. Но веќе во 2012 се забележува пад во трговската размана и извозот на македонските порозводи на косовскиот пазар. Падот во размената е очигледен и во првите седум месеци до годинава. Минатата година вкупната трговска  размена на Македонија со Косово изнесуваше 421 милион долари, од кои 392 милиони беа извоз, а само 29 милиони увоз. Годинава досега размената е 145 милиони долари, од кои 132 милиони извоз, а 14 милиони увоз. Во Косово извезуваме цемент, лекови, нафтените деривати, производи од челик и железо, цигари, пекарски производи, пијалаци, зеленчук и овошје. Од Косово увезуваме остатоци од челик,  пластични плочи, битумен и асфалт и заварувачки цевки. Ј.С

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади