02 Декември, 2024
0.0352

КОСОВО ПРЕД ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ЦАРИНИТЕ: Можни штети од 1,3 милиони евра за земјоделците

Објавено во: Агробизнис 25 Јули, 2018

Добивај вести на Viber

Ако Косово не ги повлече заштитните мерки, Македонија треба да одговори со контра мерки, децидни се од Стопанската комора на Македонија. Оттаму за Фактор велат дека штетата која би можеле да ја претрпат македонските компании изнесува приближно 1,3 милиони евра и е ненадоместива. 

Од Комората посочуваат дека најпогодени производи во моментов се доматите, пиперките и сливите. 

„Минатата година од земјата беа извезени земјоделски производи во вредност од околу 6,2 милиони евра, додека во првите шест месеци од годинава 2,6 милиони евра. Согласно податоците од Стопанската комора на Македонија, минатата година во периодот јули до септември или колку што е предвидено траењето на мерките донесени од косовската страна извезени се овошје и зеленчук во вредност од приближно 1.3 милиони евра-сума која може да се смета како директна штета која би ја претрпеле македонските компании и производители, а како резултат на мерката“- потенцираат од СКМ.

Одлуката да биде најитно повлечена

Оттаму велат дека заштитните церини се воведени во време кога е најголем извозот на земјоделски производи. Тоа според нив е прекршување на ЦЕФТА договорот, како и на Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Косово со Европската унија.

„Исто така, оваа одлука не е во согласност со заеднички зацртаните цели, како што се брз проток на стока и отстранување на царинските бариери, дефинирани преку Берлинскиот процес.Одлуката како таква треба најитно да биде повлечена“, истакнуваат од СКМ наведувајќи дека во текот на следните денови заедно со Стопанската комора на Србија и Комората за надворешна трговија на Босна и Херцеговина ќе упатат барање и на европско ниво за што побрзо изнаоѓање на решение за надминување на проблемот.

Српското министерство смета дека Приштина треба да излезе од ЦЕФТА ако не ја промени одлуката, а од Стопанската комора овој став го коментираат како крајна мерка која би требало да биде преземена доколку претходно не се исцрпат сите мерки согласно билатералните договори за соработка и мерките предвидени со ЦЕФТА договорот, а доколку не се најде решение, од СКМ сметаат дека треба да се возврати со контра мерки бидејќи само на тој начин би се принудила косовската страна да седне на преговарачка маса и да ја повлече мерката.

Косово ја укинува дополнителната царина на 16 македонски производи?

Последната информација која ја пласираше министерот за земјделство Љупчо Николовски беше синоќа во емисијата 1ТВ. 

Николовски кажа дека покрај внимателното нормализирање на односите, разговорите, и реакција во Брисел за прекршувањата на Договорот од ЦЕФТА, Приштина веќе се повлекла од одлуката за зголемени царини на 16 македонски производи.

„Една минута пред влегувањето во емисијата добив порака дека за 16 производи од листата Косово има донесено одлука за повлекување. Повеќе детали ќе дознаеме, по сите напори и чекори што ги направивме, во следните неколку часа“, рече Николовски кој кажа дека се уште трае седницата на косовската влада, по која се очекуваат официјалните информации.

До полноќ, сепак немаше никакви нови информации од косовската, ниту од македонската страна за повлекување на спорната одлука.

Решение за Косовското ембарго денес

Во Белград денес се среќаваат министрите за трговија и за земјоделство на Македонија, Србија, БИХ и Црна Гора каде ќе бараат заеднично решение на косовското ембарго . Дали ќе се воведат реципрочни мерки или Косово ќе се предомисли пред тие да го сторат тоа останува да покаже исходот од состанокот.


Ирена Ставрова

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.