КОСТА КОСТОВСКИ ЌЕ БИДЕ ДИРЕКТОР: Со 51 илјади евра се основа друштво за управување со инвестициски фондови
Објавено во: Економија 07 Декември, 2020
Коста Костовски, син на бизнисменот Трифун Костовски и еден од косопствениците на пропаднатата Еуростандард банка, ќе биде директор на нова фирма, односно на друштво за управување со инвестициски фондови.
Еден од основачите и сопственици на овој фонд е неговата сопруга Ана Костовска, но и двајца други бизнисмени, чии адреси на живеење се во Швајцарја. Оваа фирма се основа со почетен влог од 51 илјади евра. Податоците беа објавени пред неколку дена во Централниот регистар на земјава.
Таму точно се наведува дека Централниот регистар, постапувајќи по пријавата за упис на основање на друштво за управување со приватни инвестициски фондови „Глобал Инвестмент Корпорејшн ДОО Скопје“, и согласно законските прописи, го донел решението за основање на ова друштво. Новото друштво со ограничена одговорност ќе има седиште во центарот на Скопје, на улицата „Тодор Александров“.
Од податоците кои се наведени за друштвото се издвојува дека сопственста ќе биде приватна, капиталот ќе биде мешовит, а неговата големина ќе биде од рангот на микропретпријатија.
Основачкиот влог ќе биде уплатен како паричен влог, така што основнатата главнина на друштвото ќе изнесува 51.000 евра.
Како сопственици и основачи се наведени Ана Костовска, која е сопруга на Коста Костовски. За неа на нејзиниот фејсбук профил може да се види дека работи во „Култура“, издаваќка куќа и една од компаниите во сопственост на семејството Костовски.
Потоа, втор сопственик и основач на друштво „Глобал Инвестмент Корпорејшн ДОО Скопје“, како што е запишано во Централниот регистар, е извесен Тенио Живков Латев, чија матична држава е Бугарија, а има адреса на живеење во Швајцарија, која е запишана и во Централниот регистар.
И третиот сопственик и основач на друштвото е Александар Митев, чија адреса на живеење исто така е во Швајцарија.
Како приоритетна, односно главна дејност на друштвото е наведено управувањето со фондови.
А како управител на ова друштво е назначен Коста Костовски, и тоа како управтел со неограничени овластувања во внатрешниот и во надворешниот промет.
Фактор веќе пишуваше дека на почетокот на септември годинава, односно многу бргу по одземањето на дозволата на Еуростандард банка, бизнисменот Трифун Костовски му го предаде на својот син Коста управувањето со целата групација од негови компании, ГОФИ, кои преостанаа откако врз Еуростандард банка беше отворен стечај.
Односно, тогаш во Централниот регистар беше наведена промена во раководството на групацијата на семејните бизниси, ГОФИ, така што, како овластено лице или управител на Групацијата ГОФИ сега настапува Коста Костовски, наместо дотогашниот долгогодишен управител Емил Ханџиски, кој беше избришан од позицијата овластено лице на Групацијата ГОФИ. Зошто дошло до оваа промена во главната управувачка позиција на групацијата ГОФИ, се сметаше дека главна причина е контролата врз целиот свој бизнис Трифун Костовски да му ја предаде на својот син Коста, веројатно како лице во кое има најмногу доверба.
Емил Ханџиски бил управител на ГОФИ и во 2009 година, кога во интервјуто кое го дал за неделниот весник Глобус навел дека „компaнијата ГОФИ веќе девет години активно инвестира во македонската економија.
„Во изминативе девет години инвестиравме над 150 милини евра. Инвестиравме во различни сектори, како што е финансискиот (преку „Еуролинк“, „Еуростандард банка“ и „Еуролизинг“), во производствениот (преку „Керамика Нова“, „Еуроленд“, „Декамел“), во фармацевтскиот (преку „Фармакорп“ и „Градски аптеки“), во сферата на услугите („Негорски Бањи“, „Еуронетком“, „Кермес“, „Култура“) и други“, изјавил тогаш Ханџиски.
Инаку, во моментов врз Еуростандард банка е отворен стечај и нејзиниот имот ќе почне да се продава и упаричува, додека, пак, од Обвинителството за организиран криминал и корупција неодамна потврдија дека привремено е замрзнат имотот не само на бизнисменот Трифун Костовски, туку и уште на три лица кои се инволвирани во предметот во врска со Еуростандард банка.
„На предлог на обвинителството, согласно законските одредби, Основниот кривичен суд Скопје, со решение привремено го замрзна имотот на лицето за кое покажувате интерес, и на уште три лица инволвирани во предметот во врска со Еуростандард банка“, се вели во одговорот од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
А во својата последна колумна, Трифун Костовски реагираше што во Одборот на доверители при стечајот на Еуростандард банка, е влезена и Народна банка.
„А причина? Нема друга причина, таа е јасна, а тоа е да не се откријат крајните корисници на 100-те милиони евра украдени пари. Замислете, во Одборот на доверители при стечајот на Еуростандард банка е влезена и Народна банка. Прашувам – што бара Народна банка да биде во Одборот на доверители? Почитувани, одговорот е еден, нема други причини, освен да се контролира севкупниот тек на стечајот во банката. Доказ за оваа моја констатација е фактот што извештајот изготвен од стечајниот управител, Душко Тодевски е копија на истиот од Народна банка што го пласираше во времето кога ја однесе банката во стечај. Народна банка не сака да остави ништо на случајот и во дадениот момент се јавува како тотален егзекутор на Еуростандард банка“, напиша Костовски.
Тој ги поддржува физичките и правните лица оштетени од стечајот на банката во нивното барање за изземање на Фондот за депозити од стечајната маса на банката.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.