КРИЗАТА АТАКУВА И ВРЗ ПОРТАЛИТЕ - кампањите стопирани, приходите се топат
Објавено во: Економија 05 Мај, 2020
Можеби угостителството, туризмот и транспортот беа директно и најмногу погодени од корона кризата, но таа не поштеди и многу други бизниси.
Намален обем на работење и пад на приходите, но и голема неизвесност како ќе се продолжи натаму, се проблеми со кои се соочуваат огромен број сектори.
Економската криза предизвикана од коронавирусот не ги одмина ниту медиумите, иако новинарите буквално се на најистурените позиции и меѓу најангажираните во овој период, со цел јавноста да добие навремени и проверени информации за корона кризата, почнувајќи од здравствениот аспект, владините мерки кои се носат во услови на вонредна состојба, се до разорните последици што таа ќе ги донесе за економијата.
Меѓу погодените се и интернет медиумите, односно порталите, бидејќи дел од компаниите кои огласуваат во нив, ги стопираа своите кампањи, што значајно удира врз нивната приходна страна.
Фактор разговараше со сопствениците на релевантни медиуми од интернет просторот. Дел од нив велат дека е тешко да се направат пресметки за тоа колку се намалени приходите од огласувачите. Всушност, како што објаснуваат, наплатата не беше сосема солидна ниту пред да настапи корона кризата, но сега тој проблем е дополнително потенциран. Како што нагласуваат, клиентите даваат се од себе за да се надмине оваа неповолна состојба.
Дел од медиумите, пак, веќе ги имаат направено своите математики за тоа колку се паднати приходите. Сметаат и дека компаниите не треба да забораваат колку се значајни медиумите во една ваква криза, и воопшто, за демократијата на една држава.
За среќа, интернет порталите засега успеваат финансискиот товар да не го префрлат на вработените, па во овој период нема и не се планираат намалувања на плати или отпуштања на новинари.
Александар Манев, директор и косопственик на Фактор Медиа Груп, која управува со порталите Фактор, Женски магазин, Машки магазин и Хаштаг, вели дека корона кризата има влијание врз медиумите.
„И покрај тоа што кризата се рефлектираше на медиумското работење од финансиски аспект, би сакал да напоменам дека нашата новинарска екипа беше на висината на задачата, и во услови на огромен број дневни настани, успеа на јавноста да и долови една реална слика за опасноста која им се заканува на сите. Трагично е што, и покрај огромниот вложен напор и работење буквално 24/7, нашата медиумска група не остана имуна на оваа криза, која доведе до пад на една третина од приходите. Се надевам дека таа брзо ќе заврши“, вели Манев.
Во моментов, нагласува тој, целиот финансиски товар од кризата, паѓа врз фирмата.
„Нема ниту намалувања на платите, ниту отпуштања, иако не знаеме што ќе се случува во иднина. Напротив, кога би имале можност, ние дури и би ги наградиле новинарите за целиот вложен труд“, вели Манев.
Според него, дел од компаниите ги стопираа своите кампањи.
„Тука се јавува дилемата дали голем број огласувачи и компании кои ги стопираа своите кампањи, заборавија дека без квалитетни медиуми, на јавноста ќе и биде одземена можноста за квалитетни и навремени информации, кои се основата на секое демократско општество“, потенцира Манев.
Зоран Спасов, сопственик на Клип Медиа Груп, компанија која управува со порталите Макфакс, А1 Он, ГРИД, Репортер, Македоника, Science Futurism Teshnology, Top sport, Mexpress, Cooltura и Додај гас, за Фактор вели дека поради корона кризата, намалени се приходите на редакциите.
„Сите компании кои се огласувачи, а со кои имаме годишни договори, не ги прекинуваат договорите, односно тие продолжуваат да течат. Сепак, кампањите се стопирани и тоа води до намалување на приходите. Тие во нашата компанија се намалени меѓу 10 и 20 проценти“, вели Спасов.
Во порталите со кои управува Клип Медиа Груп се вработени вкупно 56 новинари и други медиумски работници. Во овој период не е отпуштен ниту еден вработен, ниту, пак, тоа се планира.
„Ќе биде тешко, но ќе се преживее овој тежок период и очекуваме дека состојбата ќе се врати во нормала“, вели Спасов.
Бранко Героски од Плусинфо, исто така потврдува дека медиумот работи во влошени околности.
„Нашиот портал, веројатно како и сите други интернет медиуми, ја дели судбината на стопанството и на огласувачите. Работиме во сложени, односно влошени околности, но остануваме заедно со нашите коминтетни и соработката продолжува. Што се однесува до самата редакција, како и повеќето други, ги користиме предностите на онлајн комуникацијата и работиме од домашни услови, со што ризикот за заразување на вработените е сведен на нула, барем во поглед на нивните професионални обврски“, вели Героски за Фактор.
Во овој момент, нагласува тој, во порталот нема ниту намалување на платите на вработените, ниту, пак, отпуштање на вработените од редакцијата, а товарот на кризата засега паѓа единствено на сопственикот.
„Се надевам дека околностите брзо ќе се променат во позитивна насока и вака ќе продолжиме да работиме и во иднина“, оптимист е Героски.
Билјана Трошановска, управител на Фокус Медиа Плус, издавач на неделникот и порталот Фокус, објаснува дека се намалуваат буџетите од огласувачите, главно од оние од автомобилската индустрија.
„Огласувачите од автомобилската индустрија ги прекинаа кампањите, и тоа е глобален тренд кој се однесува за сите медиуми“, објаснува Трошановска.
Според неа, ликвидноста на медиумите и наплатата и досега биле голем проблем, а нејзините очекувања се дека тој во периодот што следи ќе биде уште поизразен. Сепак, вели, кај поголемите огласувачи, во поглед на плаќањето, постои солидарност во однос на медиумите.
Во Фокус немаат точни пресметки за колку се намалени приходите откако почна корона кризата. Работните места, сепак, се безбедни.
„Немаме намалувања на платите, ниту, пак, отпуштања на вработени. Се надеваме дека оваа состојба ќе биде надмината и ќе се вратиме во нормала, иако проблемите со ликвидниста, кои постоеја и пред корона крзата, ќе останат“, објаснува Трошановска.
Стојче Ѓорѓиев, еден сод сопствениците на порталот Факултети.мк, за Фактор вели дека состојбата кај сите интернет портали во земјава е речиси идентична.
„Причината за тоа е што речиси сите поголеми компании кои се огласувачи ги имаат стопирано кампањите, што доведува до намалување на приходите. Ние во овој период имаме намалување на приходите за околу 70 отсто во споредба со минатата година“, објаснува Ѓорѓиев.
Во овие портали засега не размислуваат ниту за намалување на платите, ниту за отпуштање на вработени од редакцијата.
„Се работи за редакција во која се вработени 12 новинари и други медиумски работници. Засега не размислуваме за намалување на платите или за отпуштање на вработени од редакцијата, бидејќи се надеваме дека оваа неповолна ситуација што побргу ќе заврши и состојбата што побрзо ќе се врати во нормала“, објаснува Ѓорѓиев.
Дарко Лазаревски, сопственик и директор на порталот Кајгана, вели дека кризата се чувствува, иако неговите прдвидувања биле попесимистички.
„Од почетокот на целата ситуација, тоа што најмногу не загрижуваше беше неизвесноста, односно до кога ќе трае сето ова, како ќе се одрази и кои ќе бидат последиците - бидејќи станува збор за прашања на кои никој не може да даде точни одговори и точни предвидувања. Кризата се чувствува, но морам да бидам искрен дека нашите првични предвидувања беа многу попесимистички“, вели Лазаревски.
По прогласувањето на вонредната состојба, дел од огласувачите веднаш ги прекинале кампањите, а дел од кампањите продолжиле со нормален интензитет. „Сметам дека нивниот чекор беше сосема оправдан, бидејќи тоа го налага ситуацијата - ова се однесуваше на бизниси кои мораа да ги затворат продажните места. Или, кампањи во кои се комуницира радост и задоволство, а во моментот владее страв и паника помеѓу луѓето. Сосема оправдано. Интересно е што се појавија и нови огласувачи - бизнис кои се обидуваа нивното работење од физичка локација да го преселат на интернет, бидејќи сфатиле дека мораат да се адаптираат на новата ситуација“, објаснува Лазаревски.
Приходите од продажба на огласен простор во овој медиум се намалени за околу 40 отсто. „Но, освен ова, се чувствува дека ситуацијата влијае и на динамиката на наплатата на доспеаните побарувања. Сосема разбирливо, бидејќи неизвесноста влијае дури и на фирмите со солидна ликвидност“, нагласува сопственикот на Кајгана.
И во овој медиум нема да има отпуштања. „Целите кои си ја поставивме беа: сите сме заеднички во ова, сите заеднички ќе го надминеме ова, сите ќе ги задржиме работните места, никој нема да биде отпуштен и заеднички ќе го дочекаме излезот од ситуацијата“, потенцира Лазаревски.
Во овие околности ќе биде интересно да се види дали и какви планови има Владата за поддршка на интернет порталите, кои се во подем и играат се позначајна улога во медиумскиот простор.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.