Кризната состојба продолжена до 30 јуни 2017, ДУИ против
Објавено во: Македонија 13 Октомври, 2016
Собранието денеска го продолжи рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија до 30 јуни 2017 година, имајќи го предвид распуштањето во пресрет на изборите што треба да се одржат на 11 декември.
Против оваа одлука се изјасни пратеничката група на ДУИ, која според координаторот на пратеничката група Талат Џафери, процениле дека иако најверојатно до 10 јануари нема да имаме парламентарен состав, но Владата има можност да ја смени одлуката и да го продолжи кризниот период доколку има потреба за тоа. После договорот Турција - ЕУ, според Џафери, во Грција веќе нема бегалски кампови, а досега на територијата на Македонија останале околу 1.300 мигранти, од кои 126 се останати во Гевгелија, а 60 во Табановце.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски рече дека се повеќе се проблематизира прашањето на мигрантите и оти не се знае колку ќе опстане договорот меѓу Турција и ЕУ.
- Влегуваме во изборен процес, и не знаеме колку долго ќе бидеме без Собранието. На овој начин ја обезбедуваме стабилноста на државата и безбедноста на јужната работа. Мораме да потенцираме дека ризиците што постојат се многу поголеми од она со што полицијата ќе може да се справи и ова ќе значи и вклучување на армијата, рече Димовски.