26 Април, 2024
0.0275

Купи куќа купи стан, сопствен дом само сон!

Објавено во: Анализа 23 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

Ниту куќа, ниту стан купија граѓаните. Уште еднаш продолжен рокот за субвенционираните станбени кредити Второ продолжување на рокот за аплицирање за кредити од проектот „Купи куќа, купи стан“. Овој пат, според објавата во Службен весник, наместо до 31 октомври, ќе може да се аплицира до крајот на годината. Претходно, Владата го продолжи рокот заради слабиот интерес од граѓаните, сега иако во Министерството за финансии не ја кажуваат причината најверојатно, повторно се работи за слаб интерес за поволните кредити. Проектот започна на 25 јануари годинава, но до сега само 50 граѓани добија субвенциониран станбен кредит. Барањата за поволни станбени кредити може да се поднесуваат до осум комерцијални банки, но тие не го коментираат интензитетот за аплицирање. Единствено во  Стопанска банка одговорија дека се уште е рано да ги сумираат резултатите од владиниот проект и дека ќе информираат на крајот на годината. Зошто не заживеа проектот? Реалноста е дека многу млади лица и брачни парови се уште немаат сопствен дом, но очигледно е дека има мали шанси владиниот проект да заживее. Зошто е тоа така, и градежниците и граѓаните имаат свои теории. Грубите пресметки се дека за купување стан од 50 метри квадратни во Скопје, по цена од 900 евра за метар квадратен, на кредит од 20 години, со камата од 4,99%, потребен е кредит од 45.000 евра. Месечната рата ќе изнесува 197,82 евра. Во првите три години корисникот ќе плаќа рата од 98,91евра, а останатите ќе ги плаќа државата. Но, законот дозволува по три години банките да ги зголемат каматните стапки и до 10%. Токму овој момент е спорен за многу од граѓаните заинтересирани за купување стан,исто како и долгорочноста за отплаќање на кредитот, која не смее да биде помала од 20 години. Градежниците пак,тврдат дека ограничувачки фактор е условот, цената на станот да не надминува 900 евра за метар квадратен, што во старт ги кочи оние кои сакаат да купат стан во централното градско подрачје, каде што цените се повисоки „Нас како градежници ни е во интерес да успее проектот,но бараме да нема линеарна цена за цела Македонија. Самиот факт дека сега веќе има повеќе станови отколку што има купци треба да алармира дека треба да се ревидира проектот. Нека биде во внатрешноста цената и под 900 евра, исто како и во периферијата на Скопје, но не може во Центар да биде иста цена. Тие што имаат пари да купат стан не сакаат да живеат на 20 километри оддалеченост од централното градско подрачје“ вели Никола Велковски, претседател на комора на градежници при Стопанската комора. Во градежната компанија Адора, која учествува во проектот со продажба на своите станови во Ново Лисиче, Аеродром но и во Охрид и Струмица, велат дека веќе имаат продадени станови, но очекуваат зголемување на бројот со продолжениот рок за аплицирање. Во Србија  пак,  субвенционираните станбени кредити доживеаја висински бум за кратко време, а придонесоа и за развојот на пазарот на недвижности. Од почетокот на годината, банките таму одобриле 900 субвенционирани кредити а за проектот Владата ќе потроши 4 милиони евра. Тамошната влада постојано ги подобрува условите за аплицирање, овозможувајќи скратени рокови и забрзување на постапките. Со продолжувањето на рокот за аплицирање, во Македонија условите остануваат исти. Барателите на кредитот да немаат примања поголеми од 900 евра месечно, цената на недвижноста да не биде над 900 евра метар квадратен, а кредитот да не надминува 50.000 евра. Се бира меѓу два проекти- половина рата, при што Владата пет години отплаќа половина од месечната рата од станбениот кредитот или Владата да плаќа половина од учеството за да се добие станбен кредит. И кај двата модели каматната стапка е повластена, односно 4,99 проценти во првите три години, и 5,5 проценти во четвртата и петтата година кај првиот модел и еуролибор плус 4,5 проценти за цело време на проектот, кај вториот модел.