02 Декември, 2024
0.0832

Квалитетот на македонските производи отвори простор за словачкиот пазар

Објавено во: Агробизнис 05 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

За македонски производи има простор на словачкиот пазар, особено за свежото овошје, раниот зеленчук, грозјето, виното и органската храна. Нивниот пласман може значително да предничи во споредба со оној од други земји, најмногу поради ниските цени и квалитетот, беше речено на денешната средба во Стопанската комора. - Околу 80 до 90 отсто од овошјето и зеленчукот во Словачка се продава преку ланците маркети. Тоа е начинот на кој македонските производители и дистрибутери можат да влезат на нашиот пазар, порача амбасадорот на Словачка во Македонија Роберт Кирнаг. Според Кирнаг македонските извозници на грозје и вино, не се натпреваруваат со словачките, туку со трговците од Италија, Шпанија, Чиле, Аргентина, Југоисточна Австралија, Калифорнија, Јужна Африка... - За да јакне производството на конкурентни земјоделски производи мора да се почитуваат правилата на производниот процес, берба, складирање, пакување, транспорт и да се употребуваат соодветни мерки за заштита. Треба да се работи на економски анализи и на следење на цените, сите инволвирани, земјоделците, преработувачите и откупувачите да ја знаат состојбата на пазарите, истакна претседателот на Федерацијата на фармери Андрија Секуловски. Радин Ханѕлик од „Хортинг интернешнал“ потврди дека се дојдени во Македонија за изнаоѓање партнери и унапредување на соработката. - Заинтересирани сме за трпезното грозје. Моментно увезуваме од Италија, во текот на летото секоја недела по пет шлепери бело и еден до два црвено грозје. Сепак, заинтересирани сме и за други производи, пиперки, краставици, зелка,... не интересира се што е свежо, изјави Ханѕлик. Денешната средба на македонските извозници и словачките увозници фокусирана на трпезното грозје беше последна од низата што ги организира АгБиз програмата на УСАИД со цел идентификација на нетрадиционалните пазари на овошје и зеленчук, зголемување на приходите на сите учесници во селектираните синџири преку пораст на извозот и продуктивноста, како и подобрување на бизнис климата во земјоделството. - За жал, оваа сеозна е веќе помината па ефектите од средбава нема да бидат големи веднаш. Но, контактите и врските се воспоставени. Средбите со БиХ и Црна Гора покажаа конкретни резултати, ги оправдаа нашите напори. Во рок од еден месец се склучија договори за околу 1.000 тони пипер и јаболко. Тоа потврди дека преку организиран пристап и спојување на вистинските луѓе од двете страни може да се оствари значителен извоз, изјави Љупчо Димовски од консултантската куќа „Епицентар“. Од Стопанската комора оценија дека директните контакти на компаниите ќе придонесат за подобрување на извозот, настапот на нашите извозници во Словачка и целокупната размена во агросекторот. Македонија произведува од 200.000 до 250.000 тони грозје од кое околу 70.000 е трпезно. Извозот е 40.000 тони во вредност од 18 милиони американски долари. Увозници се главно земјите од регионот, Русија, Летонија, Литванија, Чешка, Косово и Словачка со минимални количини од 300 тони.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.