ЛАВРОВ: Ракетите со долг дострел кон руска територија се контролирани од американски воени експерти
Објавено во: Свет 19 Ноември, 2024
Рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров денеска вети „соодветен“ одговор на украинското истрелување на американски ракети АТАКМС кон Русија. Потегот го оцени како американско мешање во војната во Украина и нарекувајќи го „нова фаза“.
„Доколку од Украина се истрелаат ракети со долг дострел кон руска територија, тоа значи дека тие се контролирани од американски воени експерти. Сметаме дека ова е нова фаза во западната војна против Русија и соодветно ќе реагираме“, изјави Лавров на новинарите во Рио де Жанеиро, каде што учествува на самитот Г20.
Министерството за одбрана на Русија денеска информираше дека Украина истрелала шест американски балистички ракети „АТАКМС“ кон руската област Брјанск, 400 километри јужно од Москва и дека рускиот ракетен систем соборил пет проектили и оштетил една.
Лавров рече дека Украинците не можат да истрелаат ракети АТАКМС „без помош од американски експерти и инструктори“, кои, како што рече, обезбедуваат „сателитски податоци, програмирање и таргетирање“.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша амандман на нуклеарната доктрина. Според неа, голем конвенционален напад врз Русија од која било земја поддржана од нуклеарна сила ќе се смета за заеднички напад.
„Судбината на Украина ќе ја одреди судбината на Европската унија (ЕУ)“, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.